Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести » Постоечки и потенцијални видови туризам на Шар Планина

Постоечки и потенцијални видови туризам на Шар Планина

2.02.2016

Турчин, највисок врв на Шар ПланинаШар Планина со поволната сообраќајно-туристичка положба, релјефните форми, климатските карактеристики, бројните потоци, рекички и планински езера, богатата флора и фауна и уникатните антропогени мотиви, има поволни услови за одвивање на разни видови туризам. Во оваа прилика, според основната туристичка понуда и потреба на посетителите, би ги спомнале следниве видови туризам: здравствен, летен, зимски, стационарен, резиденцијален, алпинистички, параглајдерски, велосипедски, селски и други. За жал застапени се само некои од наведените видови туризам, но ваквата состојба се очекува да се промени со директни инвестиции и организирање на богата туристичка понуда во текот на целата година.

1. Планински туризам
Туристичките движења поврзани со планините се едни од најмасовните во светот, каде што побарувачката за квалитетни простори е постојано во нагорна линија на туристичкиот пазар. Шар Планина е најмаркантен планински масив во земјата. Нејзината туристичка вредност е резултат на вертикалната и хоризонталната расчленетост на планината, потоа климата, хидрографијата, растителниот и животинскиот свет. Нејзината морфолошка хетерогеност овозможува пријатни прошетки низ просторот, како на уредени патеки и на патеки кои би требало во иднина да бидат уредени и соодветно маркирани за љубителите на планинскиот туризам. Мошне чистиот и свеж планински воздух, ја чини Шар Планина атрактивна за населението од загадените градски средини, како што е последното време градот Тетово, рангиран во листата на градови со најзагаден воздух на светот. За жителите на градот Тетово пешачењето на Шар Планина се јавува како неопходна потреба од чист незагаден воздух.
Шар Планина треба што повеќе да биде вклучена во екскурзиите на учениците и студентите од разни делови на нашата држава.

2. Зимско-спортски туризам

Носител на зимско-спортскиот туризам на Шар Планина е скијачкиот локалитет Попова Шапка, каде што првите организирани форми на скијање се одржале во почетокот на март 1932 година, а додека натпревари од повисок ранг почнале да се одржуваат од 1947 година. Најзначаен е меѓународниот ФИС натпревар „Шарпланински Куп“. Терминот на одржување на натпреварот „Шарпланински Куп“ е обично во март, што секако влијае врз продолжувањето на зимската туристичка сезона на Шар Планина, конкретно на Попова Шапка. Во иднина се очекува да се посвети поголемо внимание на инвестирање во скијачката инфраструктура, да се овозможуват и авантуристички спортови, особено сноубордот, за кој е неопходно еден дел од Шарпланинските падини соодветно да се уредат. Со воведувањето на ваквите активности ќе се подобри туристичката понуда на зимско-спортскиот туризам.

3. Летен-стационарен туризам
Содветна инфраструктура за развој на летен-стационарен туризам постои, но покрај сместувачките капацитети во Попова Шапка, за таа намена може да искористат и шарпланинските села, каде што има многу празни куќи, кои може да се реконструираат и оспособат за туристите. Треба да се поттикне организирањето на различни манифестации и настани за посетителите. Во овој контекст би предложила ораганизирање на карневал во некој од шарпланинските села, народен фолклорен фестивал, организирање на ден на приготвување на традиционалниот Турипотпечи со музички активности, одржување на други спортски натпревари во текот на летниот период, како на пример параглајдерство, планински велосипедизам, јавање на коњи и др.

4. Селски туризам
Регионот на Шар Планина има неограничени можности за развој на селскиот туризам, тоа се поволните услови на зачуваната природа со свежа клима, чист воздух, незагадени реки и глацијални езера, богата флора и фауна. Селскиот туризам треба да обврне внимание на следните елементи:
– зачувување на природата при развојот на селскиот туризам;
– значењето на локалните домаќинства и некои воспоставени стандарди за уредување, изглед и развој на руралните домаќинства;
– учествување на локалната заедница во политиката на развој на руралните дестинации;
Туристите кои ќе бидаат заинтересирани може да се вклучат во извршување секојдневни активности во рамките на селските домаќинства, во некои земјоделски активности, собирање на шумски плодови и лековити растенија, во приготвување на традиционалното шарпланинско јадење “Турипотпечи”, додека сместувањето ќе биде во селски куќи со стара селска архитектура. Овој вид на туризам на Шар Планина сè уште е во почетна фаза, како процес е доста тежок затоа што бара одредени инвестиции и треба стручно да биде организиран и добро испланиран. Почнувајќи од уредување на селата во Шар Планина, изградба на водоводи, депонии и останата комунална инфрсатруктура, вклучување на работната сила од планинските села во организација на селскиот туризам, финансирање на овчарството, отварање на пазар за земјоделските производи. Локалното население нема искуство во давање туристички услуги, но со соодветна едукација, поголем дел од населението може да егзистира од понудата на тие туристички услуги. Селскиот туризам ќе се развива и преку едукација на населението во давање на различни туристички услуги, искористување на ЕУ фондови и сороботка со други туристички локалитети кои веќе имаат развиено селски туризам.

5. Ловен и риболовен туризам
Почнувајќи од подножјето до највисоките делови на Шар Планина живеат различни видови на дивеч, од кои некои се реткост во Европа. Шар Планина располага со богат фонд на диви животни: зајак, еребица, камењарка, лисица, куна, јазовец, срна, волк, дива коза, дива свиња, рис и мечка. Ловиштето „Лешница“ Тетово е едно од 4-те евидентирани државни ловишта во Македонија што го покрива голем дел од планината Шара. Ловот може да претставува исклучиво мотив за доаѓање на туристите во регионот на Шар Планина, активности кои би придонеле со создаавање на услови за збогатување на ловниот фонд, така и за адекватно уредување на ловните терени. Риболовниот туризам на Шар Планина има традиција на реките Пена, Вардар, Бистрица и Боговинска Река, со најзастапени риби: пастрмката, кленот и мрената. Риби се наоѓат и во глацијалните езера Боговинско и Бело Езеро. За развој на овој вид туризам, освен изградбата на риболовни куќи по долините на побогатите реки со риба, неопходна е и изградба на одреден број на угостителски објекти со специјализирани продавници за риболов.

6. Резиденцијален туризам
Шар Планина располага со извонредни услови за развој на резиденцијалниот туризам во сите нејзини делови. Сепак, единствената викенд населба се наоѓа на Попова Шапка, каде што се изградени бројни хотели и викенд куќи. Поради атрактивноста на локалитетот, бројот на објекти во населбата рапидно расте. Со новиот урбанистички план се предвидува да се изградат околу 600 нови викенд куќи, неколку хотели, паркинг простор и спортски сали. Резиденцијалниот туризам ќе се подобри со реконструкција на постоечките сместувачки капацитети и изградба на нови сместувачки објекти со современи стандарди. Со зголемување на инвестициите и финансиските средства, ќе се подобри имиџот на регионот на странскиот туристички пазар.

7. Планинарење и алпинизам
Алпинизмот претставува најпрофесионален степен на планинарско искачување и освојување врвови и тешки карпести предели. На Шар Планина, покрај благи површини за планинарење, има и голем број врвови и карпести отсеци погодни за алпинизам. Веќе постојат утврдени и маркирани планинарски патеки, чиј број треба да се зголеми за поинтензивен развој на планинарството. Планинарските тури се поделени во 5 групи:
– лесни понуди со висинска разлика од 800 м;
– средни понуди со висинка разлика од 1200 м;
– тешки понуди со висинка разлика од 1600 м.
Една од најубавите маркирани патеки е патеката што поминува низ Долна Лешница – Горна Лешница – Турчин – Боговинско Езеро – Бело Езеро – Извори на Пена – Џинибег – Караниколички Езера – Долна Лешница. Атрактивните планинските врвови се идеален услов за развој на алипинизмот, но потребата за трасирање на нови патеки до најатрактивните места и ледничките езера е неопходна.

8. Здравствениот туризам
Овој вид на туризам има за задача да помогне во зачувувањето и унапредувањето на здравјето со помош на природните фактори на околината. Природниот географски комплекс Шар Планина, нуди извонредни можности за развој на овој вид туризам. Локалитетите на Шар Планина што се наоѓат од 1200-2000 m надморска височина се погодни за престој на анемични лица, лица со белодробни заболувања, хронично преморени лица од интелектуална работа и др. Пониските делови на Шар Планина на височини од 600-1200 m се погодни за лечење на туберкулоза, астма и болести на срцето. Шар Планина нуди природни услови за развој на овој вид туризам, но секако се очекува поттикнување и насочување на изградба на лечилишни и здравствено туристички објекти и во иднина државните институции да допринесуваат на вакви иницијативи. Значењето на здравствениот туризам е голема, а Шар Планина нуди квалитетни простори за ваков вид туризам, во овој контекст да се потсетиме на латинска фраза „Во здраво тело, здрав дух“.
Шар Планина со природно-географските и со антропогените вредности нуди многу поволни услови за одвивање на сите видови туризам почнувајќи од планински, здравствен, резиденцијален, планинарење, алпинизам, селски, ловен, риболовен, летен-стационарен и др. Скоро сите видови се веќе познати за регионот на Шар Планина, но не се доволно развиени и не се доволно промовирани на туристичкиот пазар. Со поголемо инвестирање, со соработка и со поголеми напори од власта и од локалното население, на Шар Планина се очекува да се развиваат сите потенцијални видови туризам.

Извори на податоци:

  • Влада на Република Макeдонија. (2004): Просторен план на Република Македонија. Скопје.
  • Imeri R. (2006): Resurset dhe zhvillimi i turizmit në Maqedoninë Perëndimore. Selektor, Tetovë.
  • Панов, Н. Штетиќ, С. (2008): Туристичка географија. Селектор, Скопје.
  • Панов, Н. Ангеловски, Н. (2008): Туристички водич низ Македонија.Скопје.
  • Стефановски Ж. (1981): Шар Планина. Тетово.
  • Štetić S. (2007): Posebni oblici turizma. Beograd.
  • Štetić, S. Šimićević, D. (2008): Menađment turističke destinacije. Beograd.
  • http://sharamountainguide.com.mk/sharplanina.html

Автор: м-р Зенедије Адеми, докторант на Институтот за географија, Скопје

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*