Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Излезе новиот геософтверски пакет Surfer 13

Излезе новиот геософтверски пакет Surfer 13

18.02.2016

Golden Software Inc. е американска приватна компанија основана во Колорадо, 1983 година. Golden Software е една од најстарите софтверски компании на светот и првата која рекламираше апликации наменети за тродимензионална површина и картирање на контури. Една од најпознатите нивни програми е секако софтверскиот пакет Surfer.
Пакетот успешно се пласира на пазарот веќе 20 години. Наоѓа примена во : земјишно моделирање, визуализација на теренот, анализа на површината, 3Д претстава, картирање на контури и така натаму. Во 2015 година, беше претставена најновата верзија, Surfer 13.
Surfer 13 е софистицирана програма која работи со Microsoft Windows и ги трансформира XYZ податоците во карти со врвен квалитет. Surfer обезбедува повеќе методи на мрежно прикажување, односно растерски приказ и контрола врз соодветните параметри. Може да работи и со растерски фајлови добиени од други извори, како на пример USGS DEM или ESRI фајлови. Со помош на Surfer можеме да ги прикажуваме растерските фајловите со метод на контури, приказ на 3Д површини, векторски прикази, слики и друго. Располога со можности за поставување на базични карти на кои се прикажуваат граници и слики, надоградување на картите со локации на одредени точки и комбинирани карти за креирање на дисплеј кој што содржи огромен број на информации. Виртуелно, сите аспекти од вашата карта можат да се прилагодат како би се добила точната слика што сте ја замислиле. Печатењето на квалитетни карти никогаш не било полесно и побрзо.
Она што е интересно за новата верзија е тоа што поседува значаен број на дополнителни, нови карактеристики. На проектираната карта, со едно кликнување, се прикажуваат географската должина, широчина односно мрежата од нивните линии. Овозможено е проектирање на картата во една проекција ( на пр. UTM) а прикажување на мрежата на напоредници и меридијани во други, несоодветни на неа, мерни единици (инчи). Додадени се нови алатки за едитирање на векторските објекти, лесно пронаоѓање на одредени податоци врз основа на нивните атрибути и друго. Секако, најважната карактеристика на Surfer 13 е можноста за приказ на 3Д површини на картите, како и тродимензионални слики од објект кој што е целосно составен од линии-жици (3D wireframe).
Во споредба со постарите верзии на овај софтверски пакет како што се Surfer 11 и 12, новата верзија нуди не толку квантитативни, но доста квалитетни нови функции и алатки за работа. Кога во 2012 година, Golden Software ја претстави за прв пат 11- тата верзија на Surfer, таа располагаше со доста новитети. Се појави алатка за автоматска обработка на профили на теренот, коверзија на податоци, 3Д релјефи и она што е особено важно – карти на речните сливови кои ги пресметуваат и прикажуваат сливовите и речните текови врз основа на дигитален модел или карта со координати. Интересна беше и појавата на функцијата за напредно менување на границите, новата алатка за мерење на должини и резолуцијата на картите која беше зголемена на 4096 пиксели. За разлика од оваа, 13- тата верзија на Surfer ни нуди внесување на вредностите за географска широчина и географска должина во минути, степени и секунди директно на саканата карта, овозможено е пресметување и приказ на свлечишта, пребарување на објекти по леери врз основа на нивните атрибути и креирање на гранични зони покрај патишта, струи или други објекти за да се визуализираат можните незгоди. Surfer 13 овозможува нови и подобрени функции за влез и излез на податоци, нови координатни системи и доста други алатки и функции. Во споредба во Surfer 11, оваа верзија е значително унапредена.
На крај да спомнеме дека Surfer 13 претставува одлична алатка за тродимензионален приказ на површините, мрежно прикажување, исцртување на изохипси пресметки на теренски параметри, хидролошки елементи и др. Како таков, овој софтверски пакет се изучува веќе неколку години на насоката ГИС на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Извори:
http://www.goldensoftware.com/products/surfer
http://www.goldensoftware.com/blog/meet-surfer-13
https://en.wikipedia.org/wiki/Golden_Software

Подготвила: Ангела Горјанов, студент на насоката ГИС, Институт за географија

Оваа статија е прочитана 3580 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger