Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Средновековно Жеглигово. Старото име на кумановскиот крај

Средновековно Жеглигово. Старото име на кумановскиот крај

26.04.2016

Денешната Кумановска област, која се простира во северниот дел на Република Македонија, во средновековниот период била позната и се нарекувала под името „Жеглигово“. Тоа е средновековно име за многу значајна област која се наоѓа на преминот на познатата Моравско-Вардарска долина. Жеглигово се наоѓало помеѓу планината Скопска Црна Гора (Кара-даг) на запад, реката Моравица и Горна Пчиња на север, Скопско и Овче Поле на југ, и на исток Жеглигово се граничело со областа Славиште.
По сите домашни извори кои се сочувани за Жеглигово, јасно се гледа дека Жеглигово во средновековниот период било само една жупа, една покраина (земја  Жеглиговска, Област Жеглиговска), додека во современата историска литература, преовладувало погрешно мислење дека Жеглигово било некакво место, некаков град и административен центар на жупата, што укажува на тоа дека Жеглигово било резиденција на Константин Дејановиќ. И најдобрите познавачи на Балканскиот Полуостров, Константин Јиричек и Стојан Новаковиќ имале погрешно мислење дека постоел град со име Жеглигово. Новаковиќ мислел дека Жеглигово и денес постои, и дека неговото значење денес преминува на градот Куманово. И Јован Цвијиќ истакнува дека урнатините на градот Жеглигово, можеби денес се наоѓаат во нагоричинската маала Чифлик.

Zegligovo
Жеглигово се споменува 1354 година како имот на севастократот Дејан Жарковиќ. Подоцна Жеглигово го наследиле неговите синови Јован, Драгаш и Константин Дејановиќ. Константин Дејановиќ до својата смрт 1394 година, владеел уште со многу други области, а по оваа област уште го нарекувале и Константин Жеглиговац. Кралот Стефан Дечански, 1330 година поминал низ Жеглигово пред битката кај Велбужд (денешен Ќустендил). Низ Жеглигово 1389 година поминал и Султанот Мурат I во битката на Косово Поле. Исто така и Мехмед II Освојувачот, на својот пат за Босна, 1463 година, поминал низ Жеглигово. Жеглигово го имаат споменато и некои патеписци. Така Фр. Петанчиќ пишува: „Оттаму (од Скопје) излегувајќи на патот преку поле Жеглигово (Gegligovae), по долината на Конопница…“
Низ Жеглигово поминувувале најголемите миграциони движења на Балканскиот Полуостров. Затоа во бурните историски времиња, највеќе било изложувано на страдање. 1512 година, Жеглигово било ограбено од Турците, и тогаш под тоа име последен пат се споменува. За време на страдањето на христијанското население во XVII и почетокот на XVIII век, на овој простор започнуваат да се населуваат арбанашки (албански) фамилии кои потекнуваат од две племиња Красниќи и Гаши. Во неколку фази овие албанци се населувале се по на исток, така да во почетекот на XIX век веќе се населиле и на планината Руен. Но христијанското население и понатаму останало во огромното мнозинство и успеало да опстане.
Главното место на Жеглигово во средновековниот период, и под Турците, се до средината на XVII век се наоѓало во селото Старо Нагоричане. Во поново време се развил градот Куманово, кое во времето на Константин Дејановиќ било село. Со преместување на административниот центар, во турското село Куманово, оваа село се претворило во градска населба.

Литература:
Ј.Х.Васиљевић (1898) – Драгаш и Константин Дејановић и њихова држава (Докторска дисертација)
В.Радовановић (1925) – Жеглигово (Народна енциклопедија српско-хрватско-словеначка) књ.1
Ј. Цвијић (1906) – Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије, књ.1

Автор: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*