Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Што се случува со Сонцето?

Што се случува со Сонцето?

6.12.2011.   Автор: д-р Ивица Милевски.

Сонцето е единствена ѕвезда во нашиот ѕвезден систем кој уште го сочинуваат 8 планети, неколку џуџести планети, стотици месечини, милиони астероиди, комети, метеори и други тела. Иако по сите карактеристики е само просечна, дури и помала ѕвезда, Сонцето е главен член и основен извор на енергија, топлина, светлина и сето она што е неопходно за живот во нашиот систем. На прв поглед толку едноставно, непроменливо, налик на светлечки диск со портокалова боја, Сонцето е извонредно динамично, променливо и веројатно ќе помине уште многу време за да се откријат сите тајни за него. Инаку, Сонцето (како и најголем број други слични ѕвезди) се состои од два основни дела: внатрешен дел и сончева атмосфера. Внатрешниот дел е составен од јадро, радијативна и конвективна зона. Помеѓу јадрото и радијативната зона се одвиваат термонуклеарните реакции, а продуктите од тие реакции преку зрачење и конвекција се пренесуваат кон сончевата атмосфера. Сончевата атмосфера пак, одејќи од површината кон надворешноста е составена од: фотосфера, хромосфера и корона. Сите тие се извонредно активни, но кога гледаме кон Сонцето без помошни инструменти, всушност ја гледаме само фотосферата. Бидејќи има многу карактеристична, огромна течно-метална, течно-усвитена и гасовита маса која е во постојано движење, Сонцето има и силна магнетна активност. Таа активност се менува во правилни периоди од 11 години, наречени соларни циклуси или циклуси на Швабе (по германскиот астроном Хајнрих Швабе). Најизразени видливи манифестации пак на магнетната активност се сончевите дамки во фотосферата и протуберанците кои можат да се забележат од фотосферата до короната. Сончевите дамки се добро дефинирани области на сончевата површина, потемни во однос на околните региони заради околу илјада до две илјади степени пониската температура. Во зависност од интензитетот на сончевата активност, бројот на сончевите дамки варира, како и нивните димензии, така што можат да имаат пречник од неколку стотици километри до неколку десетици илјади километри. За време на минимална сончева (магнетна) активност може воопшто да нема сончеви дамки или нивниот број да е многу мал и тоа главно во поголемите хелиографски широчини. Кон максимумот на активноста, бројот и големината на дамките се зголемува, а тие се појавуваат поблиску до Сончевиот екватор.

Сончеви циклуси

Од времето кога започнало подетално бележење на сончевите циклуси (1755 година) до денес поминале 256 години или 23 цели циклуси, а во 2008 година навлеговме во 24-тиот сончев циклус. Максимумот на овој циклус треба да биде помеѓу 2012 и 2013 година, а ќе заврши со минимум кон 2018-2019 година. Инаку, од 2004 година до 2010 година, Сончевата активност беше изразито слаба, па некои претпоставки укажуваат на релативно силен максимум. Од друга страна, според изминатите 4 години од овој 24-ти циклус, можно е да биде еден од најмирните циклуси, односно со многу слаб максимум. Дури во втората половина на 2011 година, а особено во месеците ноември и декември, почнаа да се појавуваат поизразити дамки и протуберанци во атмосферата на Сонцето. Затоа, сосема е нејасно дали воопшто овој пат ќе има типичен максимум на активност, или пак тој можеби ќе биде пролонгиран за неколку години подоцна од предвидените 2012-2013.

Последици од промените на Сончевата активност

До сега, бројни истражувања утврдиле разни последици од промените, поточно од минимумите и максимумите на сончевата активност. За нас, секако се најзначајни последиците кои влијаат на Земјата, меѓу кои се: промени на климата, директното влијание на сончевото зрачење врз живиот свет, појава на одредени магнетно-атмосферски феномени, влијание врз разна електрична и електронска опрема на Земјата и во нејзината орбита и слично.

Иако има одредени контроверзи во однос на механизмите на поврзаноста на сончевата активност и климатските промени, сепак основано може да се каже дека такви зависности постојат. Промените на сончевата активност, особено влијаат на осцилациите на вкупното зрачење, потоа на осцилациите на УВ зрачењето, мали промени во вкупната облачност и други. Сепак, овие влијанија можат да бидат евидентни само ако минималните или максималните активности траат подолго од вообичаеното. Исто така, најновите истражувања покажуваат дека тие влијанија се можеби поизразени регионално отколку глобално. Така, во XVII век се јавил долг период на неколкудецениска извонредно мала сончева активност, кој бил проследен со значително заладување на климата, познато како „мало ледено доба“. Слични минимуми на сонцето кои се поврзани со климатски заладувања се утврдени и за поранешни периоди. Интересно е што зголемувањето на УВ зрачењето кое доаѓа до површината на Земјата се случува токму за време на минимална сончева активност, бидејќи тогаш драстично опаѓа концентрацијата на озонот во атмосферата. Меѓутоа, поради продолжениот минимум 2004-2010 година, а најмногу поради антропогени влијанија, концентрацијата на озон во стратосферата е значително намалена, така што ефектите од максимумот во 2012-2013 се неизвесни. При максимумот на сончевата активност пак во 1989 година, покрај другите ефекти, особено беше силна појавата на поларна светлина или аурора бореалис, која беше видлива многу појужно од вообичаеното.

Многу е дискутабилно и влијанието на сончевите циклуси врз живите организми. Во однос на тоа има дијаметрално спротивни мислења – од целосно негирање на влијанијата или дека се минорни, до тоа дека се многу изразени. Сепак, во моментот многу позначајни се претходно наведениот зголемен продор на УВ зрачењето до земјината површина, а поради намалената концентрација на озон во стратосферата, што се повржува со нагло зголемување на канцерогени заболувања на кожата.

Влијанието на максималната сончева активност врз електричната инфраструктура главно е изразена преку геомагнетните бури. Таква бура особено беше изразена на 13-ти март 1989 година. Три дена претходно, токму за време на најсилната активност на површината на Сонцето, се јави изразита протуберанца со откинување на коронарна плазма кон Земјата. Тоа предизвика дотогаш невидена појава на силна поларна светлина на северната полутопка. Геомагнетната бура од Сонцето, доведе до повеќечасовен прекин на врските со многу комуникациски сателити, прекини на терестричните радио-врски, па дури и пад на електроенергетскиот систем на дел од Канада. Важно е да се напомене дека вакви многу силни бури ретко се појавуваат, а заради превенција, НАСА постојано добива информации од SOHO сателитот кој перманентно ја бележи активноста на Сонцето.

Според тоа, досегашниот тек на 24-тиот сончев циклус не покажува ништо спектакуларно како што сакаат да прикажат некои медиуми. Напротив, активноста е сеуште слаба, без некое позначајно било какво влијание на Земјата и на луѓето. Дури има и такви предвидувања дека може да се случи пролонгиран мирен период сличен на оној од 1650-1720 година, кога како последица се јави малото ледено доба. Останува следните неколку месеци да се види дали ќе остане истиот тренд, или ќе се случи нешто неочекувано како што беа неодамнешните ерупции по 22-ри ноември 2011. Сепак, Сонцето е толку сложено, што ни едно предвидување за неговата активност не може да се земе со голема сигурност.

Автор на текстот: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2737 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger