Рајскиот Бора Бора, еден од најубавите атоли во светот!

8.05.2016

Бора Бора е остров од групата заветрени острови на Тахити кои пак се дел од една поголема групација на острови во јужната половина на Тихиот Океан наречени Француска Полинезија. Островот се наоѓа на 260 km од главниот град Папетеа на островот Тахити. Зафаќа вкупна површина од 40,3 km² и вкупно население од 8.927 жители (Август 2007 год.). Во однос на постанокот, овој остров е доста специфичен затоа што моментално се наоѓа во средишната фаза на содавањето на прстенестите корални острови – Атоли. Создавањето на овие острови се толкува со тонење на вулканските купи кои првично се издигнати над океанската површина. Така и Бора Бора се претпоставува дека се издигнал од морето како голем вулкан пред околу 3 милиони години, а денес остатокот од вулканот претставува средишниот дел со врвовите Пахиа (660 m н.в.) и Отеману (725 m н.в.), кои денес претставуваат поствулкански форми, односно вулкански дајкови. Потоа во наредната еволутивна геморфолошка фаза во плиткиот крајбрежен дел коралните колонии ја опкружуваат вулканската купа. Минијатурните корални полипи живеат во камените оклопи кои ги излачуваат користејќи го калциумот кој го извлекуваат од плитките тропски мориња. Камените оклопи на една колонија полипи полека растат и така се создава гребенот. Со бавното спуштање на дното на басенот и ладењето на окенаската кора, прстенестиот корален гребен постепено нараснува компензирајќи го износот на епирогенетското тонење. Вулканската купа во внатрешноста на коралниот прстен постепено тоне и најпосле во последната еволутивна фаза исчезнува под морското ниво. Со тоа на површината на океанскиот басен останува прстенест корален остров или Атол.
Полинизејците на островот се доселиле пред 1100 години и на него постојат неколку древни храмови. Во еден од нив има камени плочи на кои се врежани свети желки. Холандискиот истражувач Јакоб Рогевен го посетил Бора Бора во 1722 година и така станал првиот Европеец што стапнал тука. Капетанот Џемс Кук, британски истаржувач и морепловец, го здогледал островот во 1769 година но се закотвил на влезот во пристаништето дури во декември 1777 година. Кук запишал дека името на островот е Бола Бола (што значи првороден), иако можеби поточно би било Пора Пора, бидејќи доселениците од Полинезија не можеле да ги изговорат гласовите б и л. Прв доселеник од Европа бил Џемс Конор кој во 1792 година преживеал бродолом на британскиот китоловец Матилда. Тој се оженил со Полинезијка и се населил на најјужната точка од островот што ја нарекол Матилда Поинт. Денес тоа место е познато под името Матира Поинт. Островот во 1895 година станал дел од Француска Полинезија.
Во текот на Втората светска војна, после јапонскиот напад на Перл Харбор на 7 декември 1941 година, Бора Бора постанал јужнопацифичка американска воена база наменета за снабдување. Базата е затворена на 2 јуни 1946 година а дел од американските војници останале да живеат на островот со своите семејства.
Овој идиличен тропски остров има прекрасни плажи, палми што се нишаат и нежна сина лагуна. Бисер на Тихиот Океан, место кое е најблиску до рајот на Земјата, остров од соништата – тоа се епитетите со кои луѓето го опишувале островот Бора Бора. Блескавите плажи со бел песок порабени со палми, тиркизните ридови и грстовите сјајни цветови од хибискус се протегаат крај кристално бистрата лагуна. Тропските температури се движат меѓу 24 и 28°C, односно високите тропски температури ги намалува свежото ветре кое доаѓа од исток или попрецизно од југоисток, кое претставува дел од југоисточните пасати. Постои само еден пловен премин низ кој може да се помине помеѓу прстенот од корални острови, кои локалното население го нарекло Мотус. Поради тоа лагуната е всушност природно престаниште. Освен главен централен остров постојат и два помали – Тупуа (Toopua) и Тупуаити (Toopuaiti).
Денес економијата на островот произлегува речиси исклучиво од туризмот. Во текот на последните неколку години неколку туристички центри се изградени врз помалите острови околу лагуната. Хотелот “Бора Бора” е отворен во 1961 година, додека девет години подоцна биле изградени првите бунгалови над вода на потпорници над лагуната. Денес повеќето од бунгаловите над вода се стандардна карактеристика на повеќето туристички ресорти на Бора Бора. Квалитетот на тие бунгалови се движи од релативно евтини, основните сместувања и скапи со многу луксузни места за престој.
Локалниот авионски оператор “Ер Тахити” дневно организира пет до шест летови кон градот Папетеу. Службен јазик на Француска Полинезија па воедно и на Бора Бора е францускиот, меѓутоа англискиот е во поголема употреба, особено кај помладата популација и туристите. Јавниот превоз е со послаб интензитет. Препорачливо превозно средство за туристите е изнајмен автомобил или велосипед, доколку хотелот нема организирано сопствен превоз. Може да се изнајми електромобил или моторен чамец за истражување на лагуната. Дефинитивно најпозната туристичка активност на островот е нуркањето за чија цел постојат два професионални нуркачки оператори.

Извор на информации и литература :
https://en.wikipedia.org/wiki/Bora_Bora
Колчаковски Д. (2006) : “Геоморфологија” Универзитетски учебник,Скопје

Подготвил: Горан Јаневски

Оваа статија е прочитана 8393 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *