Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » ГИС – Географски Информациски Системи – почетоци и развој во Република Македонија

ГИС – Географски Информациски Системи – почетоци и развој во Република Македонија

31.05.2016

Поимот ГИС

ГИС е акроним за Географски Информациски Системи, а во суштина претставува научна методологија и технологија низ која се организира и воспоставува интеракција меѓу просторните или картографски презентираните објекти (во точкеста (пример фабрика), линиска (пример река) или површинска форма (пример лозова плантажа) со нивните атрибутни податоци (ID-број, име, координати, надморска височина и сл.). ГИС-от овозможува брза, лесна и сеопфатна можност за пребарување, просторен приказ и анализи на географските и други просторни податоци.

Мал историјат за појавата на ГИС во светот

Reljef-3DГеографските информациски системи во современа смисла датираат од пред 30-40 години кога на географската наука (од Универзитетот Харвард) и се даде нов функционален правец на развој. Претходно, географијата ја имаше улогата да открива нови територии на Земјата, да ја запознава нивната географска содржина преку опис на објекти и појави. По Втората светска војна, ја имаше улогата да презентира фактографија односно информации за државите и регионите во функција на економскиот развој и трговската размена. Новиот правец на развој на географската наука се поклопи со појавата на компјутерската технологија, така што географијата меѓу првите науки започнува да ги применува овие технологии, а тоа особено ефикасно го направи преку Географските информациски системи.

Почетоци на дигитално картографското работење и ГИС ориентирани софтверски пакети во Република Македонија

Наведените правци на развој на географската наука благовремено беа прифатени и во штотуку осамостоената Република Македонија на самиот почеток на 90-тите години од 20-ти век. Во 1990 година, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пристигнаа новите современи персонални сметачи (PC-AT, наспроти претходните големи и слаби PC-XT). Меѓу првите институции кои добија вакви компјутери (познатите IBM-286) беше Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Функционално го доделија на (тогаш младиот кандидат за доктор) проф. д-р Благоја Маркоски. По негова иницијатива, а со разбирање на колегите од Институтот и во соработка со новиот Институт за информатика, веќе во 1992 година, се воведе предметот информатика за географи. Покрај општите информатички содржини, во наставата се изучуваа тогашните географски програмски пакети (PC–globe, World Atlas и др.). Веќе следната, 1993 година започна и примената на AutoCAD за исцртување на географски содржини. Во 1994-1995 година, се појавија и првите верзии на ГИС програмски пакети, како Arc Info, потоа Intergraf и Microstaion geographics. Институтот за географија беше меѓу првите институции во Република Македонија (покрај тогашните телефонско-телеграфска институција во склоп на Македонски пошти), каде беше набавена и поставена универзитетската верзија на софтверскиот пакет ArcInfo. Паралелно со претходните напори на проф. д-р Благоја Маркоски за воспоставување на функционален ГИС софтвер и технологија на Институтот за географија, во 1996 година, од страна на тогаш примениот соработник Ивица Милевски, започна воведување строго специјализирани географски софтверски пакети, како GS Surfer (за 3Д теренски модели), Bryce (анимација на пејсажи) и др.

Првите карти во дигитална електронска векторска форма

Во 1995/96 година како попрактичен и поефикасен за непосредно картографско цртање, на Институтот за географија во AutoCAD се исцртаа првите картографски материјали во Република Македонија во дигитална – векторска форма, поточно Карта за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Таа е прва карта во нашата држава, која од дигитално-векторска форма е отпечатена на плотер во боја. Резулатот од денешна гледна точка е незначителен, меѓутоа за тоа време, за македонските услови, постигнувањето беше навистина големо. Тоа искуство беше поттик, целата содржина на топографската карта на Република Македонија во размер 1 : 200 000  да се изработи во дигитална векторска форма (до тогаш, картографските материјали со скенирање само се трансформираа во растерска форма).

Првите почетоци на практични ГИС проекти во Република Македонија

ОбукаВо 1996 година, во Скопје, во организација на фирмите кои започнаа да се занимаваат со трговија на компјутери, компјутерска опрема и разни софтвери, се одржа една заедничка презентација на првите постигнувања во сверата на ГИС во програмскиот пакет AutoCAD Map. Главни претставници за овој пакет беа Семос компјутери, Неоком, Горд системи и уште една до две други фирми. Така, во присуство на претставници од корпорацијата AutoCAD беа презентирани по една апликација од секоја фирма. На овој настан, д-р Благоја Маркоски во соработка со фирмата Семос компјутери се претставија со за тоа време извонредно комплексната ГИС апликација „Географски информациски систем на населените места во Република Македонија“. Проектот беше изведен со голем ентузијазам, се базираше на претходно изработената топографска карта во размер 1:200 000 во векторска форма (содржина со 1752 селски атари и населени места во нив), над која беше надградена база на податоци со 33 атрибути за секое населено место во државата. Проектот овозможуваше пребарување, класификација на податоци, некои помали анализи и сл. Тоа беше првата вистинска ГИС апликација во Република Македонија и истата уште на самиот настан беше забележана од повеќе други институции, како од застапникот на програмскиот пакет Oracle, проф. д-р Аксенти Грнаров од Електротехничкиот факултет, проф. д-р Борис Пауновски од Градежен факултет и други. Споменатиот проект беше поттик некои институции да влезат со систематска дигитализација на податоците како на пример во катастарот на недвижности и други. Тоа се совпаѓаше и со претходните неколкугодишни напори и иницијативи да се формира засебна картографска институција во Република Македонија (што се реализира нешто подоцна во рамките на Републичката геодетска управа, денес Агенција за катастар на недвижности).

Clipboard01

 

ГИС на Институтот за географија при ПМФ

Кон крајот на 1990-тите, на Институтот за географија се набави ГИС ориентираниот програмски пакет AutoCAD Map, во кого започнаа да се работат конкретни ГИС-проекти како на пример проектот „Географски информациски системи на образовните институции во Република Македонија“ кој под раководство на проф. д-р Благоја Маркоски беше изработен за потребите на Министерството за образование и наука на Република Македонија. Потоа за потребите на Македонија пат се воспостави „ГИС на патната инфрстаруктура во Република Македонија“. Се реализираа и други проекти во ГИС окружување.

Во меѓувреме, по 1996 година, од страна на помладиот колега, д-р Ивица Милевски, започна имплементација на други софтверски пакети, практично и во наставата, особено во однос на приказ и анализа на физичко-географските содржини. Во 2002 година, тој и проф. д-р Благоја Маркоски го изработија првиот детален дигитален модел на релјефот на Република Македонија, во 2004 година надграден со корегираниот 70-метарски SRTM модел. Од 2004 година, свој придонес во примената на географски и ГИС софтверски пакети, дава и тогаш примениот помлад асистент на проф. Благоја Маркоски (денес доцент), д-р Свемир Горин, кој воедно магистрира и докторира на типична ГИС проблематика.

GIS

ГИС студиска насока и постдипломски студии

Со се поголемото навлегување на ГИС-от во географската наука, во 2002 година, од страна на проф. д-р Благоја Маркоски, на Институтот за географија се воспостави посебен наставен предмет „Географски информациски системи“, а студентите ја добија можноста директно да се запознаат со оваа проблематика. Во функција на предметот, а врз база на предходните реализирани ГИС-апликации, беше публикуван ученбик за овој предмет (во две изданија).

Во 2009 година, со заложба на проф. д-р Благоја Маркоски и непосредна помош на д-р Ивица Милевски и тогашниот помлад асистент Свемир Горин, следеше отварање на новата насока „Географски информациски системи“ на додипломските студии на Институтот за географија. Со задоволство може да се каже дека оваа насока на Институтот за географија, успешно функционира веќе 6 години а веќе 2 години се изведува и постледипломскиот студиум од Географски информациски системи. Уште поголемо задоволство е што речиси сите дипломирани студенти на овие студии се вработени на работни места од својата специјалност.

Злоупотреба на ГИС

Проблематиката од ГИС во целиот период е актуелна и сепаратно се применува во разни проектантски организации (особено во оние кои се застапници на конкретни софтверски пакети). ГИС стана интересен за многу институции во државата, така што се реализираа набавки на голем број ГИС ориентирани софтверски пакети. Меѓутоа, во непознавање на суштината, без потребните географски сознанија, без кадровска екипираност, најчесто едноставно се тврди дека „ние го имаме ГИС-от“. Всушност се има само софтверски пакет, кој е една основа за воспоставување на вистински и функционален ГИС за дадената проблематика. Вакви ситуации се присутни и денес, но работата се одвива на подобро. Загрижувачки е и што се појавуваат поединци кои по разни случајности поминале некој курс за ГИС програмски пакет, по што самите се прогласуваат за ГИС експерти, иако притоа незнаат соодветно да читаат карта, не го разбираат поимот размер, никогаш не слушнале за картографска проекција, картометрија, координатна мрежа и координати или за релациона база на атрибутни податоци и слично. Значи се врши класична злоупотреба на суштината на Географските информациски системи, како научна и стручна проблематика која пред се е поврзана со географскиот простор. На тој начин, со погрешни, нецелосни и непрофесионални пристапи, се прави злоупотреба на сопствените институции, па и на државата во поширок контекст. Всушност, за добар ГИС експерт е неопходно солидно познавање на соодветните ГИС технологии, но и разбирање на просторот за кој се работи дадена апликација (не случајно се Географски информациски системи).

Патишта

Информации за ГИС (како систем и како студии на ИГ на ПМФ)

ГИС мора да претставува целина од графичко-картографска основа, поврзана со соодветната база на податоци. Денес, ГИС апликациите, доколку се организирани и воспоставени во вистинска смисла, претставуваат моќна алатка за анализи на состојбата и правилно планирање во разни домени. Затоа, се зголемуваат потребите од добро оспособени стручни лица од сверата на ГИС. Тоа, во Република Македонија е овозможено преку додипломските и последипломските студии кои се реализираат на Институтот за географија на Природно математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во прилог на текстот е поместен линкот преку кој може да се запознаете со студиските програми на насоката ГИС.

Напомена: Текстот е во информативна форма. Подетални и посеопфатни хронолошки информации за развојот и состојбите со ГИС како научна методологија и технологија ќе бидат презентирани во блиска иднина во вид на посебна статија.

Автор: Проф. д-р Благоја Маркоски,
Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

Оваа статија е прочитана 5484 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger