Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » За хидрографските одлики на Крива Река

За хидрографските одлики на Крива Река

7.12.2011.  Автор: д-р Ивица Милевски

Крива Река е најдолга, а по површина на сливот најголема притока на реката Пчиња. Извира на Осоговските Планини, северно од Царев Врв (2085 m), на надморска височина од 1932 m, а во Пчиња се влива кај с. Клечовце, на надморска височина од 294 m. Според тоа, вкупниот пад на реката изнесува 1638 m, а со оглед на должината од 79.4 km, просечниот пад е 20.6 ‰. Oд изворот до Крива Паланка (до вливот на Дурачка Река, кота 634 m), вкупниот пад изнесува 1298 m, а просечниот 57.5 ‰. Тоа укажува на планинскиот карактер на водотекот на овој сектор. Од вливот на Дурачка Река до вливот на Кратовска Река (кота 406 m), на должина од 28.9 km, вкупниот пад е многу мал и изнесува само 228 m или 7.9 ‰. Причина за малиот пад е рамничарскиот тек на реката по Славишкото Поле и забавеното всекување на речното корито низ Маркова и Вакуфска Клисура. Низводно од вливот на Кратовска Река, до вливот во Пчиња, на должина од 12.4 km, просечниот пад е околу 9 ‰. Од изворишниот дел до вливот на Киселичка Река (на 18 km од изворот), Крива Река првин тече кон север и северозапад, а потоа нагло го менува правецот и продолжува да тече кон југозапад. Инаку, долината на Крива Река е композитна, при што се сменуваат неколку клисурски делови (Жидиловско-Паланечка, Псачка, Маркова, Вакуфска Клисура) со ерозивни проширувања (Уземско, Трновечко, Средоречко) и котлини (Славишка, Кумановска). Должината на клисурските делови изнесува 32.3 km (40 %), а нормалните долински делови се протегаат на должина од 47.1 km (59.3 %). До с. Опила, долината на Крива Река претежно е всечена во кристалести карпи (гнајсеви, микашисти, хлоритски, мусковитски шкрилци), а низводно до с. Бељаковце главно е всечена низ терциерни вулканити: андезити, игнимбрити, туфови, бречи и др. Од с. Бељаковце до самиот влив во Пчиња, долината на Крива Река е всечена во еоцени (марински) седименти: песочници и плочести варовници.

За сливот на Крива Река

Сливот на Крива Река има неправилна правоаголна форма и зафаќа површина од 1002.5 km2. Се протега во правец исток-запад-југозапад, при што должината на сливот (по водотекот), изнесува 79.6 km. Просечната широчина на сливот пак, изнесува 18 km. Генерално, сливот е наведнат кон југозапад. Вкупната висинска разлика во сливот на Крива Река, од највисоката точка (Руен, 2252 m), до најниската (вливот во Пчиња на 294 m), е голема, 1958 m. Средната височина на сливот изнесува 862 m, а средниот наклон (пад) има вредност од 17.1 степени. Во однос на геолошката градба, источниот дел од сливот на Крива Река е изграден во кристалести карпи: гнајсеви, микашисти, хлоритски, мусковитски шкрилци. Покрај нив, во крајниот источен дел на сливот (покрај границата со Бугарија) се застапени еоцени седименти, а во средишниот дел на сливот и кај Градешки Чуки (северно од Крива Паланка) се јавуваат плиоцени езерски седименти. Западниот дел од сливот на Крива Река е изграден во вулкански (магматски) карпи, кои се резултат на терциерниот вулканизам во рамките на Кратовско-Злетовска област. Тоа се претежно андезити, дацити, латити, игнимбрити од дацитски состав, потоа туфови, бречи и др. Всушност, најголем дел од сливот на Крива Река е изграден од карпи со слаба водопропусност, поради што е силно површинското истекување, а инфилтрацијата на атмосферските води е мала. Тоа е една од причините за изразити ерозивни процеси во областа и голема продукција на ерозивен нанос.

Значајно е да се напомене дека сливот на Крива Река се одликува со мала пошуменост, особено во западните (палеовулкански) делови, како и на јужните падини на Герман и Билино. Така, просечната вредност на индексот на вегетација за сливот на Крива Река (добиен од спектарот 4 на сателитските снимки од серијата Landsat 7), изнесува 0.17 (17 % од површината е под шумска вегетација). Најголема пошуменост имаат изворишните делови на Крива Река т.е. сливните подрачја на Козја Река (0.58), Кркљанска Река (0.51), Криво Мосте (0.49), Дурачка Река (0.42), Тораница (0.40) и др. кои се наоѓаат на северните падини на Осоговските Планини. Од друга страна, сливните подрачја во западниот дел на сливот на Крива Река имаат незначителен коефициент на пошуменост: Будин Дол (0.01 или 1 %), Дрзава (0.03), Врлеј (0.05), Ветуничка Река (0.08). Обесшуменоста на сливот условува значително површинско истекување за време на врнежи, поради што најголем дел од водотеците имаат пороен карактер и доста променлив протек во годината. За да се подобри состојбата и да се намали ерозивноста, во втората половина на XX век се вршени пошумувања, но на релативно мала површина и без соодветна динамика. Затоа, добиените резултати битно не се одразуваат врз современата состојба.

За речната мрежа на Крива Река

Крива Река има развиена хидрографска мрежа. Според нашите анализи и мерења (според ТК100.000), речната мрежа ја чинат 620 постојани, периодични и повремени водотеци со вкупна должина од 1404.8 km. Од тој број, 434 водотеци или 70 % се со должина до 2 km (вкупна должина 488.32 km), 135 водотеци или 21.8 % се долги 2-5 km (вкупно 411.64 km), 37 водотеци или 6 % се долги од 5-10 km (вкупно 248.37 km), а 14 водотеци или 2.2 % се подолги од 10 km (вкупно 256.38 km). Од наведените 14 водотеци подолги од 10 km, 11 се директни притоки на Крива Река и тоа: Киселичка Река, Габерска Река, Рашка Река, Ранковечка, Ветуничка Река, Дрзава (или Руѓинска Држава) и Живуша, кои се десни притоки и Дурачка Река, Кратовска Река, Повишница и Врлеј кои се леви притоки. Од претходното произлегува дека доминираат кратки водотеци, на што укажува и фактот дека нивната просечна должина е само 2.26 km. Густината на речната мрежа е релативно рамномерна и изнесува 1.4 km/km2. Таа е нешто поголема во источниот и средишниот дел на сливот (1.93-1.4), а помала во западниот, понизок дел од сливот на Крива Река, изграден во вулкански карпи (1.4-0.95).

Треба да се напомене дека сливните подрачја на левите притоки на Крива Река кои се спуштаат од Осоговските Планини (Руен, 2252 m) се одликуваат со поголема средна височина, поголемо количество на врнежи и значителна пошуменост (дабова, во повисоките делови букова шума). Затоа нивните водотеци обично имаат вода преку цела година, а максималните протеци се во текот на пролетниот (мај, јуни) и есенскиот период (ноември). Како последица на добрата пошуменост, овде ерозивноста и преносот на нанос се мали. Исклучок се притоките кои се спуштаат од северозападниот дел на масивот изграден од вулкански карпи (андезити, дацити, туфови), како Кратовска Река, Лазинска Река, Опилски Поток и др.

Десните притоки пак се спуштаат од планините Билино (Чупино Брдо, 1703 m), Герман (Модра Глава, 1390 m) и Козјак (Табла, 1355 m). Поради малите наклони на јужните падини на овие планини, овие притоки се подолги, имаат издолжени сливни подрачја со помала средна височина, помало средногодишно количество на врнежи и се слабо пошумени. Затоа истите имаат доста променлив протек, а во летниот период од годината обично пресушуваат. Всушност најголем дел од овие водотеци имаат пороен карактер.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5278 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger