Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » На 6.08.2016 година, над поширокото подрачје на градот Скопје паднала водна маса колку една солидна вештачка акумулација!

На 6.08.2016 година, над поширокото подрачје на градот Скопје паднала водна маса колку една солидна вештачка акумулација!

20.08.2016

Според изведените интерполациски анализи и софтверски-базираното моделирање, а врз основа на официјалните податоци на УХМР, произлегува дека за само 4 часа, на 6.08.2016 година, на поширокото подрачје на градот Скопје (од падините на Водно, до падините на Скопска Црна Гора), наврнал дожд со кој би се наполнила една солидна вештачка акумулација. Имено, на површина од околу 460 km кв. (или 460 милиони метри квадратни) кој го зафаќа овој дел од Скопската Котлина, според нашиот модел, просечно наврнале 59 mm врнежи, а максимумот (90-110 mm) бил помеѓу Автокоманда и падините на Скопска Црна Гора над с.Булачани, Црешево и Страчинци. Според тоа, на целиот простор паднала водна маса со волумен од 27 милиони метри кубни (или тони), односно нешто повеќе од вкупното количество на вода во езерото Глажња. Поради нерамномерниот распоред на врнежите, најголема концентрација на вода од близу 8 милиони метри кубни, паднала во делот помеѓу Автокоманда, Смиљковци, Булачани и Арачиново. На падините на Скопска Црна Гора помеѓу с.Раштак и Арачиново, наврнала водна маса од околу 2-3 милиони метри кубни.

Софтверски генериран и интерполиран распоред на врнежите во Скопското подрачје на 6.08.2016 година, со користење на официјалните податоци на УХМР, дигиталниот модел на релјефот и сателитските снимки.

Софтверски генериран и интерполиран распоред на врнежите во Скопското подрачје на 6.08.2016 година, со користење на официјалните податоци на УХМР, дигиталниот модел на релјефот и сателитските снимки.

Во првичните половина час од врнењето, поголем дел од атмосферските води (околу 2-3 милиони метри кубни) се впиле во почвата, вегетацијата, водопропусната подлога или биле дренирани по отворените и затворените канали. Веќе во следниот час, поради несмалениот интензитет и заситеноста на подлогата, заполнетоста на каналите и протечните коридори, најголем дел од атмосферските води почнале површински да истекуваат во правец на најниските места. На крајот на овој период, надоаѓа и сконцентрираната водна маса од падините на СЦГ: Мојански дол, Арачиновски дол, Брњарски дол, Страчински дол и др. Станува збор за поројни сливови со вкупна површина од 40-50 km кв., во кои се собрала водна маса од околу 3 милиони метри кубни.

Состојба со невремето над Скопје, облачноста и молњите, според сателитските снимки на 6.08.206 во 20 часот!

Состојба со невремето над Скопје, облачноста и молњите, според сателитските снимки на 6.08.206 во 20 часот!

Од тоа количество, поради стрмноста, оголеноста и геолошкиот состав (биотитски шкрилци и кварцити), според моделите, близу 70% истекло кон селата во подножјето, делумно помешано со тиња, парчиња карпи, гранки, дрвја и друг материјал. Сумарно, најпогодените подрачја североисточно од Автокоманда, ги зафатила водена стихија или поплавна водена маса од 5-6 милиони метри кубни или 5 милиони тони!

Модел на ризични поројни водотеци на јужните падини на Скопска Црна Гора

Модел на ризични поројни водотеци на јужните падини на Скопска Црна Гора. Токму најтемните сини подрачја (генерирани врз основа на наклонот на теренот, големината на сливните површини, густината на вегетациската покривка и некои други елементи), се покажаа како најризични или т.н. „црни точки“.

Како што наведовме во статијата од 7 август, доколку беспрекорно функционираа дренажните канали, оваа „слободна“ поплавна маса ќе беше за 1-1,5 милиони метри кубни помала. Доколку пак беа добро пошумени падините на СЦГ, ќе значеше уште околу милион метри кубни помалку дотечени води. И тие „редуцирани“ 2,5-3 милиони метри кубни се голема маса за овој простор, но само половина од случениот воден бран на 6.08. Ако се додадат потребните изградби на нови ретенции во пороите и дренажи околу обиколницата, заедно со средување на атмосферската и останатата канализација, уредувањето на градбите покрај дренажите и пропустите и др., поплавната вода би била неколкукратно помала и практично без речиси никакви ризици по човечките животи. Всушност, не случајно на постарите топографски карти од 1950-тите до 1970-тите се гледа еден густ сплет на прецизно и солидно изведени анти-поплавни, дренажни канали долж целото подножје на Скопска Црна Гора. Воедно, најголем дел од земјиштето на овој простор, биле ниви, пасишта и „логично лоцирани“ збиени селски населби.

Топографска карта на СИ дел на скопското подрачје од 1971 година (забележлива е сосема поинаква структура на населбите и густа мрежа на дренажни канали)

Топографска карта на СИ дел на скопското подрачје од 1971 година (забележлива е сосема поинаква структура на населбите и густа мрежа на дренажни канали)

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2192 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger