Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » Викенд предлог: Долно Дупени – рајот за душата

Викенд предлог: Долно Дупени – рајот за душата

29.8.2016

Ако ме прашате за предлог туристичка дестинација во светски рамки, би размислила што да ви одговорам, меѓутоа ако ме прашате за наша домашна дестинација, тогаш без размислување ќе кажам Долно Дупени – местото кое веднаш ќе ве освои.
Насокта е следна: се качувате во автомобилот, проблемите и технологијата ги оставате дома и се упатувате кон најјужното место во нашата Македонија. Во непосредна близина на тримеѓето со Република Грција и Република Албанија, на 2 km од границата со Грција, на југоисточната страна на Преспанското Езеро, сместено е с. Долно Дупени. Ова старо македонско село, на север се граничи со селата Наколец и Љубојно, на југоисток со територијата на Грција (с.Роби и Герман) и од запад со водите на Преспанското Езеро.
По патот натака, пред да стигнете до самата граница, треба да свртите лево за да влезете во селото Долно Дупени, но јас топло ви препорачувам да подолжите право накај местото каде што со сигурност ќе ги најдете сите Дупенци, односно на плажата “Dupeni Beach”. Е таму? Таму покрај телото ќе ви се стопли и срцето, ќе ја почувствувате занесната убавина која смирува, разнежнува, расположува… За враќање во реалноста и освежување по долгиот пат, тука е ресторанот “Dupeni Beach”. Сокче, пивце, најдоброто кафе, а секако има и за поткаснување. Вкусно приготвени скари, рипче, крапче, белвици… Ако погледнете накај езерото, сигурно со погледот ќе го уловите и „островот на змиите” – Голем Град. Немојте да си одите доколку не го видите зајдисонцето, таа магична слика нема да ви излезе од умот.


Туризмот горе-долу живее во Дупени. Неколкуте сместувачки капацитети и еден мал хотел, овозможуваат туристите да си поседат со денови и да уживаат на песочната плажа. Локалитетот “Маркова Нога” кој се наоѓа близу плажата, исто така привлекува голем број туристи. Тоа е местото каде Крали Марко се поткачил за да го види Малото Езеро и толку му натежнал на тврдиот камен што се исцртало неговото стапало долго речиси еден метар.
Непосредно се наоѓа и кулата на граничната караула, но не постои можност за премин на границата поради затвореност од грчката страна.
Како христијанско село, тука и многу цркви и манастири за посета: црквата “Св. Архангел”, Црквата “Св. Враче” (посветена на Кузман и Дамјан), “Св. Танас” (Атанас), Цркавата “Св. Никола” , “Св. Петка” , Црквата “Св. Јана” , Манастирот “Св. Богоројца” (Богородица) и други.
Ова лето топло ви ја препорачувам песочната плажа на Дупени, во која без сомневање вистински ќе уживате. Меѓутоа внимавајте – ова место силно привлекува и за себе трајно врзува, така што ќе посакате да дојдете уште еднаш и уште еднаш… Побегнете од градскиот метеж и дозволете да ве освои природата, чистиот воздух и гостопримливите луѓе без кои секако вашиот престој не би бил совршен. Пакувајте се и правецот накај Дупени душата и телото ќе ви бидат благодарни.
Во прилог е малата приватна галерија од “Dupnei Beach”.

Долно Дупени

Користена литература:
“Населбите во Преспа” – Владо Јовановски
http://www.mkd.mk/56774/makedonija/kako-e-da-ziveesh-na-najjuznata-i-vecna-granica-vo-makedonija
http://www.prespasky.com/index.php?option=com_content&view=article&id=399:dupeni-beach-s-dolno-dupeni&catid=119&Itemid=809

Автор: Маја Рајчина, Институт за географија, насока Туризам

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*