Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » На денешен ден пред 60 години се случи голем одрон-урнис кај Кавадарци при кој загинаа 11 луѓе!

На денешен ден пред 60 години се случи голем одрон-урнис кај Кавадарци при кој загинаа 11 луѓе!

5.09.2016

Денес, градот Кавадарци одбележува 60 години од трагичната природна непогода – голем одрон на дел од ридот Градот (741 m) над с. Моклиште, при кој загинале 11 овчари, околу 1200 овци и друг добиток. Настанот се случил на 5 септември 1956 година, околу 6-7 часот наутро, кога за 15-тина минути огромна земјишна маса на северната страна на ридот Градот, нагло се сурнала во долината на Бунарска Река, притока на Луда Мара. Сточарите кои привремено живееле во подножјето на ридот, едноставно немале време да реагираат на огромната „лавина“ од земјена маса долга околу 900 метри. Тие едновремено биле збунети и уплашени од силниот татнеж, прашина и вибрации поради сурнувањето на милиони тони материјал низ падината. Од 15-тината затрупани луѓе, само 4-ца биле извлечени и спасени, меѓу кои и две девојчиња.

Gradot

Според проценките, при одронот се сурнала земјишна маса од 5-15 милиони метри кубни, директно во долината на Бунарска Река, преградувајќи ја истата. На некои места, дебелината на сурнатото земјиште било со десетици метри. Поради преградувањето на долината, по некое време се формирало езеро (Моклишко), со околу 600 000 метри кубни вода. На тој начин настанало единственото типично природно урниско или свлечишно езеро во Македонија. Според нашиот познат геоморфолог Душан Манаковиќ, причина за настанување на одронот-урнисот е стрмноста на долината и страните на ридот Градот, недостаток на влага во тлото и оголеноста на теренот. Поради сето наведено се јавиле длабински меѓуслојни пукнатини (помеѓу глиновитата подина и песочниците во повлатата), со што се нарушила стабилноста на теренот на поголема должина (Манаковић, 1960). Промени на релјефот и услови за појава на вака голем одрон постоеле и порано, но веројатно долготрајната суша била критичната точка за колапс на падините на ридот. Одронот (урнисот или свлечиштето) на ридот Градот е најголема појава во Македонија од таков вид, а воедно и најтрагична досега забележана. Треба да се напомене дека истата година, но во месец февруари, во долината на Радика се случи голема лавина (лавина-свлечиште), при што загинале дури 52 работници на Мавровските хидроелектрани, така што таа 1956 година била навистина трагична во однос на природните непогоди.
Денес, овој дел на кавадаречко, ридот Градот, заедно со Моклишкото езеро се уникатни, а природата посебна. По точно 60 години од настанот, само фосилниот отсек висок 50-100 m и долг 950 m укажува на големината на појавата. Заради наведената уникатност, урнисот заедно со езерото, заслужува да бидат заштитени како природна реткост.

Moklisko

Извор: Манаковић Д., 1960: Урнис брда Градот. Зборник радова ГИ САНУ, Књ. 17, Београд, 121-128 (достапно на интернет)

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3352 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger