Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Откриена планета слична на Земјата околу најблиската соседна ѕвезда

Откриена планета слична на Земјата околу најблиската соседна ѕвезда

5.09.2016

Само до пред неколку години, насловот на оваа статија би бил со право сметан за наслов на краток научно/фантастичен расказ. Денес, ова е реалноста. Пронајдовме планета која орбитира околу најблиската ѕвезда до нас. Импликациите се чудесни.
Каде точно се наоѓа оваа планета? Во соѕвездието Кентаур, кое само делумно е видливо на северното небо. Најдобро се гледа од јужната земјина полутопка. Најсјајната ѕвезда на тоа соѕвездие е всушност двојна ѕвезда – систем од две ѕвезди кои орбитираат една околу друга (Слика 1). На оддалеченост од околу 15000 астрономски единици* од овие две ѕвезди се наоѓа мала црвена ѕвезда, Проксима (Proxima Centauri). Ова име го носи бидејќи таа е најблиската ѕвезда до нас, оддалечена од нашиот сончев систем 4.26 светлосни години*

Небото околу алфа и проксима кентаур. ©Дигиталното истражување на небото 2 (DSS2)

Проксима е црвено џуџе со површинска температура од 3050 степени (според келвиновата скала), сјај 0.1% од тој на Сонцето и има 12% од масата на Сонцето. Уште од 2013 година постоеа сомневања дека Проксима има планетарен систем. За да се потврди или негира оваа хипотеза, беше започната кампања на набљудувања наречена „бледата црвена точка” (Pale Red Dot)1) со користење на различни инструменти. Набљудувачкиот метод на радијални брзини, врши прецизни мерења на поместувањето на спектралните линии во спектарот на Проксима, за да се утврди дали ѕвездата се поместува како резултат на невидливи планети кои можеби се во нејзината орбита. Конечно, на 25. Август 2016 година, европската јужна опсерваторија (ESO) одржа прес конференција на која е потврдено постоењето на (засега една) планета околу Проксима. Методот на мерење на радијални брзини дозволува да се определи само минималната маса на планетата која изнесува 1.3 земјини маси. Една орбита на оваа планета околу нејзината ѕвезда трае околу 11 дена, а таа е оддалечена од Проксима само 5% од оддалеченоста помеѓу Земјата и Сонцето!

Периодограм на откритието. Податоци од инструментите HARPS и UVES од пред 2016 година и податоци од набљудувањата извршени во кампањата бледа црвена точка (лево - горе и долу). На панелот прикажан десно се комбинираните податоци. Видлива е зголемената веројатност дека податоците покажуваат периодичност од околу 11 дена.

Периодограм на откритието. Податоци од инструментите HARPS и UVES од пред 2016 година и податоци од набљудувањата извршени во кампањата бледа црвена точка (лево – горе и долу). На панелот прикажан десно се комбинираните податоци. Видлива е зголемената веројатност дека податоците покажуваат периодичност од околу 11 дена.

Комбинираните податоци после отстранувањето на периодот од 11 дена. На вертикалната оска е прикажана радијалната брзина која е измерена за Проксима. Неверојатна прецизност од под 2 метри во секунда!

Комбинираните податоци после отстранувањето на периодот од 11 дена. На вертикалната оска е прикажана радијалната брзина која е измерена за Проксима. Неверојатна прецизност од под 2 метри во секунда!

Сепак, поради тоа што Проксима е мала и ладна ѕвезда во споредба со Сонцето, на површината на планетата (наречена Проксима Б, Proxima b) можеби постои вода во течна агрегатна состојба2). Ова е многу значајно откритие, не толку поради потенцијалот за постоење живот сличен на нашиот (сме откриле и други планети со тие карактеристики), туку поради фактот што таква планета е откриена толку блиску до нашиот сончев систем. Кој е потенцијалот за развиток на живот на Проксима Б? Иако таа се наоѓа блиску до внатрешниот раб на „зоната на населивост” на Проксима (Слика 4), засега може само да нагаѓаме кои се условите кои владеат на нејзината површина.

Орбитата на Проксима Б во однос на онаа на планетата Меркур во нашиот сончев систем. Со зелена боја е означена зоната на населеност на Проксима. ©Pale Red Dot

Во зависност од начинот на формирање на Проксима Б, возможни се и разни претпоставки за тоа колку вода имало на планетата кога таа настанала пред околу 5 милијарди години. Sвездата Проксима е релативно активна со повремени периоди на ѕвездени експлозии и засилено рендгенско зрачење. Оваа активност била уште посилна во минатото. Сепак, во зависност од употребените модели, постоењето на значителни количества на површинска вода не може да се исклучи. Од податоците кои ги имаме не можеме да кажеме со сигурност кој е периодот на ротација на Проксима Б (колку трае нејзиниот ден). Постои можност таа да се „закочена” во однос на својата ѕвезда, т.е. само една страна на планетата да е завртена постојано кон Проксима. Во зависност од ова, и од количеството на тотална вода и атмосфера кои планетата ги поседува во моментов, можни се различни климатски сценарија. Длабок океан со глечери на копнената маса и местимични „оази” на течна вода, се до умерена клима преку целата површина ако планетата задржала доволно густа атмосфера. За жал, во моментов не располагаме со инструменти кои би можеле директно да ја снимат Проксима Б и да извршат мерења кои би ни дозволиле да ги потврдиме овие хипотези. Возможно е динамиката на нејзината орбита да услови таа да помине преку дискот на Проксима. Во тој случај, би можеле да го определиме нејзиниот радиус, точна маса, а можеби и нејзиниот спектар, од кој би било возможно да се определи составот на атмосферата и дали постои кислород (од биолошко потекло) во неа.
Следната генерација на големи телескопи со огледала чии пречник е околу 40 метри би биле во состојба да ја снимат планетата и директно да го регистираат нејзиниот спектар.
Најпосле, постои амбициозен план да се испрати рој од мали летала во истражување на системот на Алфа, Бета и Проксима Кентаур. Оваа идеја би можела да се оствари во наредните 50 години. Токму тука откритието на Проксима Б добива на важност, како катализатор кој што можеби ќе го насочи човештвото кон неговата космичка иднина.

Термини:
Астрономска единица (AU) – просечно растојание од Земјата до Сонцето кое изнесува околу 150 милиони километри.
светлосната година е астрономска мерка за растојание и е еднаква на патот што го поминува светлината за време од една година, околу 9000 милијарди километри.

Извори:
https://palereddot.org/ (пристапено на 27 Август 2016)
Anglada-Escudé, G. et al. Nature 536, 437–440 (2016)
Ribas et al. (2016), arXiv: 1608.06813v1
Turbet et al. (2016), arXiv: 1608.06827v1
https://breakthroughinitiatives.org/Initiative/3

Автор: д-р Александар Шулевски, истражувач и астроном за поддршка на радио телескопот LOFAR. ASTRON, Холандија.

Преземено од: http://naukazasite.mk/otkriena-planeta-nalik-zemjata/ (со дозвола на авторот и на порталот).

Оваа статија е прочитана 1922 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger