Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Малта – медитеранскиот бисер и земјата на Попај морнарот!

Малта – медитеранскиот бисер и земјата на Попај морнарот!

11.09.2016

Сакате да патувате – а не знаете каде – одличен избор ќе направите ако ја изберете Малта. Оваа фасцинантна островска држава сместена во центарот на Медитеранот веднаш ќе ве плени со својата безвременска убавина. Уште повеќе што од пред некоја година на располагање ви стојат евтини авио-летови од Софија и Белград, а и самото сместување е со прифатливи цени за наши услови.


Островската, густо населена Малта е навистина привлечна за туристите. Сместена во центарот на Медитеранот, под Сицилија, има одлична географска положба. Составена е од пет преубави острови – Малта, Дилдла, Гозо, Комино и Коминото. Најголем меѓу нив е островот Малта со површина од 245 км2. Главен град на оваа земја е приморскиот град Валета. Ѕидините што го опкружуваат градот се одлично зачувани и се на списокот на UNESCO за Светски градини. Најинтересни градби за посета во овој главен град се: катедралата Свети Јован, палатата Кастиља, палатата Големиот мајстор, Националниот музеј на фини уметности, итн. Малта нуди богат ноќен живот со голем број дискотеки особено во улицата во Сан Гулијан.
Всушност, Малта е една интересна островска земја, која ја посетуваат повеќе од милион туристи секоја година. Многумина доаѓаат поради преубавите плажи и чистото море. Сепак, најголемо влијание и придонес за оваа земја има културниот туризам. По бројот на културно-историски споменици Малта се наоѓа на прво место во светот. Односно на 400 илјади граѓани има дури 360 цркви, има црква за скоро секој ден од годината. Покрај спомениците и црквите, островот Малта, неговиот брег, и морето кое го заплискува, одлично го отсликуваат синилото на Медитеранот. Плажите на Малта се совршено место за сончање, бањање, пливање или нуркање. Постојат бројни скриени плажи, идеално место за оние кои преферираат да бидат сами. Најголемата песочна плажа на Малта е плажата Мелича за која се верува дека е една од најдобрите плажи на целиот Медитеран. Кога ќе дојдете во Малта, прво што ќе забележите се куќите изградени од варовник, единствен градежен материјал, а претставува заштитен знак на островот. Овој камен на сонце ја менува својата боја од бела во бледо жолта и се стврднува. Уште една атракција се познатите чамци, кои ве водат на романтично возење како во некои минати времиња. Кога ќе зачекорите во кривите и тесни улички ќе ве изненадат капиите на куќите. Тие го задржале колоритот на Медитеранот, а сепак го прифатиле духот на новото време. Малта е земја со многу убавини, но ако немате доволно време за истражување на островот можете тоа да го направите во обиколка со туристички автобус. Има многу места од каде што се поаѓа и со аудиоводич ќе дознаете интересни факти и притоа ќе ги обиколите поголемиот дел од значајните локации. Во билетот е вклучено и разгледување на заливите, така што ќе имате можност да ги видите и најзначајните пристаништа на овој остров.


Доколку сте љубител на манастрискиот туризам- Малта е државата за вас. Во Малта ќе наидете на голем број цркви и катедрали. Нејзините граѓани важат за религиозни луѓе, па речиси секој ден во годината е посветен на одреден светец, а бучните прослави со огномети се секојдневна појава од мај до септември. За туристите задолжителна е посетата на катедралата „Сент Џорџ“ од 16 век, која ја изградиле тамошните витези, кои неколку векови владееле со ова место.
Дали сте гурман? Посетете ја Малта и нема да останете гладни. Медитеранот особено се чувствува во кујната, па така ќе уживате во свежите локални сезонски производи и вкусно припремените морски плодови. Осбено се чувствува влијанието на италијанската кујна, а во најново време од британската и француската кујна. Се јаде многу риба и се пијат италијански вина. Специјалитети во храната, покрај рибата, се и малтешкиот зајак, туната и пикантните колбаси, кои ќе ви откријат еден поинаков вкус.
Малтежаните се љубезен и дружељубив народ, кои вашиот одмор со сигурност ќе го направат многу поубав со нивното гостопримство. Најпознатите летувалишта на Малта настанати се во округот на стариот град и рибарските местенце. Ако ја посетувате Валета, никако не ја пропуштајте катедралата Свети Иван во која е сместено едно од последните ремек дела на Караваџо, како и палатата на малтешките витези, која денес е седиште на претседателот и парламентот.
Уште едно место што вреди да се посети во малта е Слиема. Тоа е модерен град и престижна туристичка дестинација. Заливот St. Julians, е едно од поживите места и е секогаш полн со млади туристи, но и сите оние кои сакаат активен одмор во текот на денот и на ноќта.
Има уште нешто што можеби ќе ве привлече да ја посетите Малта. Тоа е познтото село каде што „живее“ Попај Морнарот, еден од омилените анимирани ликови на сите генерации. Станува збор за забавен парк, а селото уште е наречено „Сладок Рај“. Местото претставува туристичка атракција за најмладите, но и за сите други возрасти. Тука можат да се видат сите останати ликови од легендарниот цртан филм како Олива, Дибек, Перо Плескавица, бебето и останатите. Посетителите имаат на располагање луди железници, куќички со разни игри, музеи, куклени претстави, проекција на филмови со Попај, скари на отворено и други интересни настани. За возрасните понудата вклучува мини голф, и бесплатна дегустација на вино. Во зависност од сезоната се менуваат и активностите, па во зима се приредува Божиќна парада со Дедо Мраз.


Жителите на Малта се љубители на животните – особено мачките. Интересно е што мачките ги сметаат за свети животни за кои имат изградено куќички и ги хранат како кралеви.
Малта претставува магнет за туристите. Мала и уникатна земја која навистина вреди да се посети барем еднаш во животот. Ако сакате море, прекрасни плажи, културни споменици, богат ноќен живот – посетете ја Малта. Јас ја посетив и останав воодушевена, решена што поскоро пак да се вратам!

Извори:
http://www.visitmalta.com/, посетено септември 2016 година
http://www.visitmalta.com/en/valletta посетено септември 2016 година
http://www.malta.com/en, посетено септември 2016 година
http://www.visitmalta.com/en/religious-sites, посетено септември 2016 година
http://www.visitmalta.com/en/food-and-drink, посетено септември 2016 година
http://www.popeyemalta.com/, посетено септември 2016 година
http://www.mydestinationmalta.com/travel-articles/cats-of-malta, посетено септември 2016 година

Автор – Емилија Анѓеловска, Институт за географија – насока туризам.

Оваа статија е прочитана 6652 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger