Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Активности » Одлично организирана регионална геоморфолошка конференција во Постојна, Словенија

Одлично организирана регионална геоморфолошка конференција во Постојна, Словенија

21.09.2016

Во периодот од 13 до 18.09.2016 година, во градот Постојна во Република Словенија се одржа конференција на Карпато-Балканско-Динарската геоморфолошка комисија (CBDGC), која е дел од Меѓународната геоморфолошка унија (IAG-International Association of Geomorphologists). Конференцијата беше организирана со помош на Словенечкото геоморфолошко друштво, Институтот за карст од Постојна и одделот за географија при Филозофскиот факултет во Љубљана. На настанот беа присутни 30-тина истражувачи од повеќе држави: Словенија, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Романија, Хрватска, Македонија и др. Главен акцент беше ставен на современите истражувања на карстот, но и на геохазардите, глацијалните процеси, геоморфолошката разновидност, геотуризмот и др. При тоа, на наведените теми беа презентирани 20 усни и 14 постер презентации. Исто така, беа изведени 3 теренски екскурзии во типичните карстни подрачја на Словенија (западен, централен и јужен дел), со посета на бројни локалитети, уникатни појави и предели, како и детални научни објаснувања за нивната генеза и морфологија.

konferenca

На оваа значајна регионална геоморфолошка конференција, беа презентирани 2 забележливи теми за Македонија и тоа за геоморфолошката разновидност, геонаследството и геоконзервацијата во Република Македонија (Ивица Милевски) и за значењето на пештерите во утврдувањето на староста и еволуцијата на релјефот во долниот слив на Црна Река (Марјан Темовски).

fieldtrip

За време на конференцијата беа остварени бројни контакти со присутните истражувачи (во најголем дел геоморфолози), потоа се договорија теми и можности за соработка, се разменија искуства од современите истражувања и постигања во државите кои имаа свои претставници и др. Севкупно, одлична работна атмосфера и високо ниво на организација на конференцијата, како во официјалниот, така и во неофицијалниот дел.

posters

За карај, да споменеме дека споредувајќи ги геоморфолошките истражувања во Македонија со другите држави од CBDGC, се наметна заклучокот за релативно високото ниво на постигнатите научни резултати, при неспоредливо помало (или речиси никакво) финансирање од страна на државата. За споредба, поголем дел од презентациите беа засновани на научни проекти финансирани од министерствата и институциите на соодветните држави, со износи речиси еднакви на вкупниот годишен буџет за наука во нашето МОН. Затоа се надеваме дека конечно и во овој сегмент ќе почнеме да се споредуваме со централно-европските држави, со што ќе постигнеме далеку повисоки резултати и подобра презентација.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3311 пати!

Објавено од:

Од категорија: Активности

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger