Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Внимателно со локалитетот Куклица – инаку брзо ќе го загубиме!

Внимателно со локалитетот Куклица – инаку брзо ќе го загубиме!

25.09.2016

Деновиве во медиумите се пренесува веста за „Шопска свадба“ – одлично замислен настан, но на целосно несоодветна локација. Имено, манифестацијата на која беа присутни речиси 2000 луѓе се одржа на локалитетот Камени кукли во с.Куклица, кој во 2008 година со закон е заштитен како природна реткост на Република Македонија. Станува збор за појава на околу 150 камени столбови (кукли) или земјени пирамиди настанати во вулкански туфови и бречи, кои се изразито осетливи на површинско раздробување, еродирање, засипување со нанос и сл. Карпите од кои се изградени „куклите“ се стари помеѓу 10 и 20 милиони години, а самите форми започнале да се создаваат пред околу 50 илјади години (за детали прочитајте овде). По големината, бројот и изгледот на куклите, типот на карпите и др., појавата е уникатна во Македонија и пошироко. Од друга страна, нашите долгогодишни истражувања, покажуваат дека локалитетот е лесно подложен на неповратна деградација, особено при необмислени градежно-технички зафати и интервенции (како што се веќе изградените бетонски стази, скали и платоа, желба за асфалтен пат до куклите и др.), преголема и несоодветна туристичка посетеност и движење по делови на теренот кои се изразито осетливи и еродибилни, зголемено загадување и др. Особено ако се има во предвид дека локалитетот е на мала површина и активно се формира и денес по своите природни законитости.

sopskk3

Голем број на посетители на изразито осетливите камени кукли, предизвикуваат забрзана деструкција на формите и целата појава!

Токму затоа бев разочаран од бројните фотографии и медиумски прилози на кои се гледа како стотици луѓе се движат над и под самите кукли, се искачуваат и спуштаат по нив или покрај нив на целосно неприфатлив и несоодветен начин, со кој се деградираат формите и целиот локалитет. Дури се укажува дека манифестацијата ќе биде многу помасовна, а можеби ќе започнат и други слични манифестации, перформанси, активности, кој каде и како ќе стигне, се до целосна девалвација на локалитетот кој треба да се сочува за уште многу идни генерации.

sopska-svd

Распаднат материјал од вулкански туфови и бречи на подлогата, настанат со прекумерна антропогено-механичка ерозија.

Доколку сакаме туристички да ја презентираме и искористиме Куклица, за тоа има бројни прифатливи и „одржливи“ начини (движење по дефинирана патека и во мали групи околу појавата, информативна табла и други содржини (паркинг, клупи и сл.), но пред влезот во локалитетот, поголеми настани и случувања на одредена оддалеченост-бафер зона од локалитетот и бројни други). Зошто со несреќно поставените бетонски содржини (патеки, скалила, видиковец), веќе е направена значителна и неповратна деградација на природата во локалитетот. Несразмерно голем број посетители, со сите пропратни активности, макар и само за еден или неколку дена годишно, ќе условат забрзана деструкција на „куклите“ и наместо илјадници години, нивниот „век“ ќе се сведе на неколку децении.

Се надевам дека соодветните институции навремено ќе реагираат (особено од МЖСПП), не само во случајот на Куклица, туку и за сите останати природни реткости во Македонија. Поинаку, с.Куклица, Кратово и Македонија, брзо ќе останат без уникатните и веќе далеку препознатливи камени кукли!

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2148 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger