Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Дали Кинескиот Ѕид е видлив од Вселената?

Дали Кинескиот Ѕид е видлив од Вселената?

23.10.2016

Уште во средината на минатиот век, се појавило тврдење дека Кинескиот ѕид, поради огромните димензии (должина од речиси 7000 km), едноставно мора да е видлив со голо око од Вселената, па и од Месечината. Сепак, по неколкуте мисии до Месечината, астронаутите потврдиле дека ниту една човечка градба не се гледа од толкава оддалеченост (околу 400 000 km). Останало неодговорено прашањето дали оваа мега-градба може да се види од Вселената? За такво нешто, до денес е тешко да се даде одговор. Имено, најпрво се поставува прашање од каде започнува Вселената? Најчесто се смета дека тоа е височина од 100 km, каде што атмосферата станува толку ретка, што лет со млазен авион е невозможен. Набљудувањата при вселенските мисии покажале дека на височина од околу 100 km, одредени сегменти од Кинескиот ѕид се навистина забележливи, иако доста тешко. Веќе на височина од околу 400 km, на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица (ISS), речиси е невозможно со голо око да се забележи некој дел од ѕидот. Астронаутите, како причина ги навеле сличната боја и текстура на ѕидот, со оние на околниот простор (пустини, ниви, степи). Неколку астронаути тврделе дека успеале да видат делови од ѕидот при многу контрастни атмосферски услови (сенка, снег и сл.), а тоа го потврдиле и со неколку фотографии (слика лево). Сепак, подоцна произлегло дека фотографиите имале зголемување од 3-5 пати. Во меѓувреме се испоставило дека бројни други човечки градби на Земјата се гледаат многу појасно од Кинескиот Ѕид (аеродроми, автопатишта, египетските пирамиди). Според тоа, Кинескиот Ѕид е едвај забележлив од ниската орбита, до височина од 100-200 km, во исклучителни случаи до 400 km, но ништо подалеку од тоа.

За споредба, Охридското Езеро може јасно да се забележи на височина до 12-15 илјади km, додека Преспанското, до околу 10 илјади km. Мавровското и Дебарското Езеро, кои се резултат на човечка градба, може да се забележат на височина до околу 1500 km, јагленокопот Суводол кај Битола до околу 600 km, додека Скопскиот и Охридскиот аеродром се забележливи на височина до најмногу 450-500 km (пресметано од сателитските снимки и фотографиите од ISS). Тоа се некои од природните и антропогените објекти на територијата на Македонија за кои може вистински да кажеме дека се гледаат од Вселената. Двата аеродроми иако имаат неспоредливо помала должина од Кинескиот Ѕид (главната писта на аеродромот Александар Велики е долга 2,5 km), се многу пошироки (60 m или 6-7 пати) од Кинескиот Ѕид, поради што се јасно видливи од споменатите височини.

Скопје и околината, сликани од ISS, 27.12.2014 (Sam Cristoforetti)

Скопје и околината, сликани од ISS, 27.12.2014 (Sam Cristoforetti)

Извор: www.nasa.gov

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3318 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger