Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Бахамите и нивната невообичаена атракција!

Бахамите и нивната невообичаена атракција!

10.11.2016

Бахами (Бахамски острови) се островска држава или архипелаг кој се наоѓа во Средна/Северна Америка во Атлантскиот Океан, северно од Куба и Хиспањола, северозападно од островите Туркс и Кајкос и југоисточно од САД. Нивната вкупна површина изнесува 13 939 km кв. (половина од површината на Македонија) и се составени од 29 острови, 661 песочни мали острови и 2 387 мали, воглавно карпести острови. Најголем остров на Бахамите е островот Андрос. Покрај Андрос, останати населени острови се Елеутера, Кет, Лонг Ајланд, Сан Салвадор, Крукед, Ексума и Мајагвана. Главниот град на државата, Насау, се наоѓа на островот Њу Провиденс. Бахамите се една од најпознатите и најпосетените туристички дестинации па затоа и туризмот зазема неверојатни 60% од бруто домашниот производ. Туризмот на Бахамите е прилично развиен на голем дел од островите. Островите изобилуваат со прекрасни плажи, прогласени за едни од најубавите во светот. Прекрасната тиркизно-сина боја на водата и белиот песок се симболи на овие острови. На островот Елеутера и Харбор постојат и т.н розови плажи кои се многу специфични. Располагаат со секаков вид на сместувачки капацитети, од најлуксузни па до сосема скромни хотели, ресорти, вили и сл. Островите нудат многу интересни активности, незаборавни авантури дури и некои невообичаени работи кои не секој ги има доживеано. Островите се богати со прекрасна природа, интересен растителен и животински свет. Нуркањето како една од работите кои се „задолжителни“ да се направат таму, овозможуваат запознавање на подводниот свет одблиску, како дружење со делфините, разгледување на стари потонати бродови, истражување на подводни пештери и слично. Еко туризмот е најразвиен на Бахамите и тие претставуваат рај за сите љубители на природата. Националните паркови кои ги има неколку се богати со голем број на различни видови животни и птици. Најспецифични се фламингосите, а постојат и ретки видови на птици кои ги нема никаде во светот.

Сепак Бахамите се карактеризираат со нешто многу невообичаено, но многу оргинално, а тоа се свињите кои пливаат. Да, звучи чудно особено за нас и нашите простори бидејќи кај нас, свињите се користат за нешто сосема друго и се многу далеку од „атрактивни“. Big Major Cay e ненаселениот остров кој е живеалиште на овие неодоливи животни, воедно дел од Екзума. Околу 20 свињи заедно со своите малечки живеат слободно на песочните плажи, уживаат на сонцето и пливаат во кристално чистата вода.

Има повеќе легенди за тоа како овие животни се нашле на овој ненаселен остров. Некои велат дека биле оставени од морнари кои ги оставиле за да се вратат подоцна и да ги зготват. Тие никогаш не се вратиле по нив, па се претпоставува дека преживеале од вишокот на храна која била фрлана од бродовите кои поминувале тука. Друга легенда вели дека преживеале од бродолом и успеале да испливаат до копното. А некои пак велат дека ова е само дел од бизнис план за да се привлекуваат што повеќе туристи. Како и да е, сепак се нешто навистина многу интересно и примамливо. Исто така тие се пријателски настроени со туристите кои доаѓаат само за да ги видат. Претставуваат вистинска атракција и многу луѓе сакаат да го посетат оваа место само поради нив за да го доживеат уникатното искуство да пливаат заедно со овие слатки животни. Оваа место е идеално за сите љубители на животни, за убавите песочни плажи и кристално чистата вода.

Извори:
http://www.bahamas.com/
https://en.wikipedia.org/wiki/The_Bahamas
https://www.instagram.com/theswimmingpigs/

Изработила: Тамара Тодоровска, студент на насока Туризам на Институтот за Географија.

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*