Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Како да се намали аерозагадувањето во Скопје?

Како да се намали аерозагадувањето во Скопје?

28.11.2016

skopjeСо наближувањето на зимата, во Скопје, Тетово и другите „добро заградени“ котлински градови во Македонија, зачестуваат деновите со магла и висока концентрација на аерополутанти. Причините за високата аерозагаденост се главно во природната предиспонираност и влијанието на човекот. Според природните услови, поставеноста и положбата, Скопската Котлина има мал „еко-капацитет“ за град со најмногу 150.000 до 200.000 жители. А Скопје веќе во 1960-тите години го надмина тој број и денес достигна над половина милион жители.
Поради положбата на градот во релативно малата „северна депресија“ на Скопската Котлина, која од три страни е заградена со планини (Скопска Црна Гора, Водно, Сува Гора и Жеден), во зимскиот дел од годината се чести периодите (деновите) без ветер. Кога има ветер, тоа најчесто е Вардарецот, кој дува од северозапад кон југоисток и обратно, односно по долината на реката Вардар. Одредено влијание врз правецот на ветерот има и долината на Лепенец кон север, условувајќи продор на северен до северозападен ветер. Другите ветрови имаат мала честина и помало значење за природното проветрување на градот. За жал, некои поголеми згради и објекти во Скопје се изградени токму попречно на правецот на главниот ветер, драстично намалувајќи го неговиот „пречистителен“ ефект во приземниот слој до височина од 50 m. Со тоа, изразеноста на тишините е уште поголема. Во зимскиот дел од годината, ваквите појави предизвикуваат „заезерување“ на студени и тешки воздушни маси во приземниот и низок атмосферски слој, во делот на најгустата населеност. Едновремено, големата концентрација и циркулација на возила во централното, ниско подрачје, доведува до долготрајно задржување на издувните материи (чад, прашина, гасови) и нивно кумулативно таложење на сите предмети, објекти, растенија, животни и секако човекот. Покрај ветерот, значајно прочистувачко влијание во атмосферата имаат и врнежите. Меѓутоа, во Скопската Котлина во зимските месеци (па и воопшто во текот на целата година) има малку врнежи. Така, според податоците за просекот од 1961-1990 година, во месец декември просечно има 47 mm врнежи, во јануари 42 mm, а во февруари само 35 mm врнежи.
Следно и многу значајно е влијанието на човекот, особено преку сообраќајот:

  • Голем, но застарен возен парк со ниски еко-стандарди,
  • Слаба пропулзивност на сообраќајниците и лоша регулација (со чести закрчувања),
  • Немање на електрични и други видови еколошки возила за јавен превоз,
  • Отсуство на подземни и алтернативни надземни сообраќајници,
  • Недостаток на безбедни велосипедски стази и подземни пешачки премини,
  • Немање на навика и безбедни можности за користење на велосипеди,
  • Монотониот (еднороден), бавен и нееколошки јавен транспорт,
  • Концентрација на сообраќајните пикови во десетина точки (раскрсници),
  • Нефункционирањето на семафорските броила (според повеќе истражувања истите го намалуваат загадувањето од сообраќајот за 10-15%),
  • Слаба застапеност на улично зеленило и дрвореди кои значително ги апсорбираат штетните материи,
  • Слаба сообраќајна култура и форсирање на индивидуален превоз по секоја цена,
  • Непочитување на сообраќајните правила, дозволени места за престројување, паркирање и др.,
  • Несинхронизираната светлосна сигнализација со слабата проточност и многу други фактори.

staro-skopjeСо оглед на тоа што во блиска иднина се очекува зголемување на фрекфенциите на тишините или периодите со денови без ветер, проблемите со аерозагадувањето на Скопје и останатите котлински градови во Македонија, ќе бидат се поизразени. Затоа се неопходни серија на мерки за подобрување на состојбите. Тие мерки произлегуваат од претходно споменатите причини за високо загадување од сообраќајот. Покрај останатото, неопходна е изградба на кружни текови секаде каде што е можно, подигање на заштитни улични дрвореди, повторно активирање на семафорските броила, воспоставување на зелен бран на што повеќе сообраќајници. стимулација за набавка и користење на еко-возила (електрични индивидуални и јавни возила и скутери) и возила со високи еко-стандарди (Еуро 5 и Еуро 6), изградба на подземни пешачки премини (заради помал застој на возилата, пр. помеѓу ТЦ Бисер и Капитол Мол), изградба на брза електро-линија (трамвај, брза железница) во правец запад-исток, запирање на изградба на високи напречни објекти во подножјето на Водно (заради непречен продор на планински воздух), запирање на изградба на високи трансферзални објекти во градот во правец попречен на Вардарецот, стимулација на користење на јавен превоз (преку неограничени дневни, повеќедневни, групни и седмични карти), воведување на зони само за јавен превоз и велосипеди, стимулација и субвенции за електро-такси превоз и возила, забрана за сообраќај на возила со прекумерно ниво на издувни гасови, драстично зголемување на градското зеленило во централните делови, стимулација и субвенционирање на еколошко греење (наместо фосилно гориво), подобрување на топлинската ефикасност на домовите, користење на зелена енергија и др.


Добра препорака е барем неколку часа неделно да се излезе надвор од градот, на поголема височина и на почист воздух (Водно, Скопска Црна Гора и др.). Спротивно на нашите традиционални сфаќања, треба да се знае дека на секои 20-30 метри височина, загаденоста на воздухот е двојно помала, така што повисока катност на живеење значи многу почист воздух. Загаденоста се намалува и со оддалечување од централните сообраќајни јазли, или со приближување со место на живеење до колку е можно погусто пошумени терени.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5565 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger