Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Голак – планинската убавица на Делчево

Голак – планинската убавица на Делчево

3.01.2017

Голак е средно висока планина (Чавка, 1538 m) во источниот дел на Репуб­лика Македонија, која се протега помеѓу Делчевска Котлина и Разловечка Клисура на исток, Калиманско Поле и Кочанска Котлина на запад и долината на Осојница на југ. Како типичен хорст, во наведените граници зафаќа површина од 220 km кв. На север и исток, падините се спуштаат до реката Бре­гал­ни­ца, која прави голем (тектонски условен) лак околу оваа планина. Спрема југ, од Голак постепено продолжува огранокот Обозна, но морфолошка граница помеѓу нив не е јасно изразена.

Голак

Планината генерално има меридијански правец на протегање, со должина на би­лото од 20 km, а просечна широчина од 10-12 km. Највисок врв на Голак е врвот Чавка (1538 m), а на Обозна врвот Јастреб (1273 m). Врвот Чавка е доста доминантен и од него се протега одличен видик кон целиот овој простор и кон територијата на Бугарија. Близу до него е врвот Св.Пантелејмон (1508 m), каде се наоѓа истоимената впечатлива црквичка. Тоа се единствените врвови над 1500 m, а покрај нив има уште 4 врва над 1400 m. Планината Голак, административно припаѓа на две општини: поголемиот, источен дел на општината Делчево, а помалиот западен дел на општина Виница. Еден сосема мал сегмент од планината (т.е. од огранокот Обозна), над с. Митрашинци, административно припаѓа на општина Берово.

Планината голак од врвот Чавка

Голак има бројни природни вредности, кои главно се слабо познати на јавноста. Во геолошки поглед, планината е составена од гранити во централниот, највисок дел (Делчевски гранити), а странично и кон подножјето од гнајсеви и шкрилци. Наведените карпи се прекамбриумски до палеозојски, стари над 300 милиони години. Во пониските делови се јавува еоценски флиш над Делчево и плиоцени песоци, чакали и глини долж целото подножје. Од сите страни, планината е ограничена со раседи. Релјефот се одликува со едно изразито планинско било изградено од гранити и доста расчленети страни кон исток и кон запад. Гранитите условиле појава на интересни денудациски форми на повеќе места на планината, во вид на карпести блокови и плочи, остенци, плитки вдлабнатини во карпите, мали поткапини и др. Долж подножјето, посебно на присојните, оголени страни, гранитите се распаднати во вид на грус. Силна ерозивност се јавува и во шкрилците, а особено во плиоцените седименти до височина од 900 m. Затоа, овде има честа појава на долови, бразди, бедленд терени, земјени пирамиди (Кукуље во долината на Лошана), свлечишта и други форми. Некои од споменатите форми се интересни, доста атрактивни и привлечни за туристите. Всушност, Голак во минатото бил доста оголен, па се претпоставува дека од тука е и името. Поради заштита од ерозија, во минатиот век значителни површини биле пошумени со четинарски видови. Особено густа пошуменост има во највисоките делови, над 1200 m. Во овој висински појас се и повеќето планински извори, кои се со одлична, питка и студена вода. Дел од изворите се зафатени за чешми или се користат за водоснабдување.

Без оглед на споменатите извори, поради големата оголеност, Голак е релативно сиромашен со вода и постојани површински водотеци. Така, од планинското било се спуштаат неколку покарактеристични потоци и реки, меѓу кои попознати се: Бигланска Река, Трсинска Река, Пекљанска Река, Лошана, Петрашевец и др. Овие рекички имаат доста променлив протек, така што во влажен период се вистински реки, а во лето, често пресушуваат. Дел од нив имаат длабо всечени клисурски долини, мошне атрактивни за планинарење, трекинг и планински велосипедизам. Такви се особено долините на Пекљанска, Сушичка и Лошана, во јужниот дел на планината, со помали водопади, брзаци и слапови. Покрај реките, на Голак или во нејговото подножје се изградени повеќе вештачки акумулации. Најголема и најпозната е Калиманци, потоа Лошана северно од с.Разловци и Петрашевец кај Делчево. Првите две акумулации се богати со риби и привлечни за риболовците, но и за бројните посетители кои уживаат во прекрасните пејсажи околу нив.

Климата на Голак е континентална во подножјето, до континентално-планинска во највисоките делови. Воздухот е доста чист, богат со кислород, а осончаноста како за планина е долга и изнесува околу 2200-2300 часа годишно. Средногодишната температура е околу 11°С кон подножјето, до 6°С околу врвот Чавка. Во жешките летни денови, температурите на воздухот на врвот на Голак се за 5-6°С пониски отколку во Делчево или Виница, што е вистинско освежување од жештините. Врнежите се во опсег од 600-700 mm годишно, главно во пролетниот и есенскиот период. Во зима, дел од врнежите е во вид на снег, а над 1400 m височина, снегот обично се задржува 2-3 месеци.

Planina GolakИ покрај пошумувања во втората половина на XX век, планината Голак сеуште е сиромашна со шуми. Особено е уништен дабовиот комплекс. Сепак, повисоките предели се со густи листопадни и четинрски комплекси. Покрај тоа, се јавуваат голем број на ретки, ендемични растенија и лековити билки и чаеви кои се берат од месец април па се до месец октомври. Такви се жолт и црвен кантарион, мајчина душица, бела рада, ајдучка трева, бозел, шипинки, капини, диви јагоди, подабиче, нане, јаглика и други. Се среќаваат и голем број на печурки меѓу кои и јадливите вргањ, лисичарка, буковка, срндак итн. Од животинскиот свет, на планината Голак се среќава ситен и крупен дивеч како што се дива свиња, див зајак, лисица, по некоја срна, потоа различни видови на влечуги, птици и др.

Наведените природни вредности, како и културните содржини (археолошки остатоци, цркви, манастири, споменици, манифестации, локалните специјалитети), чинат Голак да биде атрактивна планина. Туристичката положба на масивот е одлична бидејќи во радиус од 20 km се неколку града и тоа: Делчево, Македонска Каменица, Виница и Берово. Од Делчево, до самиот врв Чавка, води асфалтен пат, кој неодамна е обновен и во одлична состојба. Во подножјето на Голак пак, поминуваат повеќе значајни регионални патишта, како и меѓународниот пат за Бугарија. Сето наведено било причина уште од средината на минатиот век Голак да биде поинтензивно користен за туристичка намена со изграден пат, детско одморалиште, неколку други објекти на самиот врв и сл. Затоа, во 1980-тите години бил доста посетуван, како од најмладите, така и од повозрасните. По 2-децениското запуштање, денес повторно се враќа интересот за планината. Обновени се некои капацитети, поставени се повеќе велосипедски и пешачки патеки, а има и размислувања за подигање на зимски спортски центар со скијачки патеки околу врвот Чавка. Сепак, поради малата височина (1500 m), неповолните експозиции (главно јужни и западни) и несоодветната денивелација на теренот, многу посоодветно би било да се вложат средства во други спортско-рекреативни туристички активности (трекинг, отворени спортски терени, адреналински паркови, маунтбајкинг, параглајдинг и др.). Всушност, Голак има одлични услови за излетнички, спортско–рекреативен, трекинг, маунтбајкинг, геотуризам, зип-лајн, адреналински паркови и други екстремни спортови, параглајдинг, едриличарство и сл.

Лошана

Една од главните потреби на туристите е обновување или изградба на дополнителни солидни сместувачко-угостителски капацитети. Порано, најголем капацитет беше детското одморалиште со 230 легла, но моментално тоа е во многу лоша состојба. Освен него, постојат неколку помали сместувачки капацитети кои работат повремено како што се Вила Гранит, Вила Фротирка, Синдикална Вила, Вила Технозавод, Шумска Вила која е сопственост на Шумско стопанство Голак од Делчево како и неколку камп приколки кои се во релативно добра состојба.

За развој на туризмот, многу треба да се вложи и во презентација на планината Голак и нејзините вредности, бидејќи истите се слабо познати на македонската јавност. Затоа е неопходно изработка и одржување на веб-страници, понуда на приватно сместување, користење на светски портали за промоција на туристички локалитети и сместување, како Booking.com, TripAdvisor, AirBnb, изведба на поголем број настани и бројни други активности. За пофалба е што дел од споменатите активности, веќе започнаа да се реализираат од страна на Општина Делчево, Источниот плански регион и соодветните државни институции.

Останува да се надеваме дека оваа мала, но атрактивна планина, брзо ќе го врати некогашниот туристички сјај и ќе стане препознатливо и посетено место.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 9690 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger