Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Снежни рекорди во Македонија

Снежни рекорди во Македонија

19.01.2017

Planina GolakПоради интензивните врнежи од снег во текот на изминатите денови, а посебно ноќва (18/19 јануари), височината на снежната покривка во Република Македонија достигна значителни вредности. Така, во Маврово изнесува 85 cm, Лазарополе 62 cm, во Битола 49 cm, Крушево 41 cm, Тетово 38 cm, Берово 31 cm, Скопје 22 cm итн.

Иако ни изгледа дека снежната покривка на некои места е навистина висока, интересно е да се погледнат рекордните забележани височини на снегот на метеоролошките мерни станици во Македонија од 1951 година до денес. При тоа, треба да се напомене дека на метеоролошките станици особено се води сметка каде и како се мери снегот, придржувајќи се кон одредени стандарди. Бидејќи мерењата се вршат на соодветно избрана и одредена отворена, хоризонтална и цврста подлога, истите најчесто се различни од нашите субјективни проценки или мерења за височината на снегот (посебно ако проценуваме или мериме на завеани или ветровити места, во депресии или на гребени и врвови и сл.). Сепак, височината на снегот на дадено место зависи од многу фактори, па затоа вредностите дури и помеѓу 2 блиски метеоролошки станици може значително да се разликуваат.

Според мерните податоци кои ги имаме на располагање (Лазаревски, 1993; Зиков и др., 1997; УХМР), од 1951 година до денес, највисока снежна покривка е измерена на метеоролошката станица Попова Шапка во јануари 2006 година од 215 cm, потоа во Лазарополе 174 cm во февруари 1954 година, а во истиот период, на Попова Шапка се измерени 160 cm. Според неофицијални податоци на планините Бистра, Кожуф, Јабланица и Шар Планина, на височина од околу 1600-2000 m, во повеќе наврати е измерена снежна покривка до 2,5 метри, што може да се смета и за максимална височина на снежна покривка во Македонија.

Што се однесува до градовите, најголема височина на снежна покривка е измерена во Крушево и тоа 135 cm, потоа во Тетово 117 cm (во февруари 1954 година), Ресен 100 cm (февруари 1954 година), Кавадарци 93 cm (јануари 1963 година), Струмица 88 cm (3 февруари, 1962 година), Куманово со 70 cm (2 февруари 1962 година), Охрид, Битола и Берово со 64-61 cm (јануари-февруари 1962 година), Крива Паланка и Дојран 55 cm (јануари 1962 година), Св. Николе 53 cm, Скопје 46 cm (1962 година) и други.

снегомериИнтересно е да се види и колку изнесувало најдолгото непрекинато траење на снежната покривка, забележано на метеоролошките станици во Македонија. Така, на повисоките планини во западниот дел (Лазарополе, Маврово, Попова Шапка), непрекинато забележано траење на снежната покривка изнесува 120-150 дена, а во највисоките осојни планински предели и над 200 дена (неофицијално). Во Тетово е забележано непрекинато траење на снегот од 94 дена, односно од 21 декември 1953 до 24 март 1954 година. Во Ресенско, рекордното непрекинато траење на снежната покривка изнесува 91 ден (20 декември 1953-20 март 1954 година), додека во Куманово е 77 дена (21 декември 1953-7 март 1954 година). Слично максимално траење е регистрирано во Кавадарци од 75 дена, во Скопје 74 дена, а во Берово и Битола 70 дена (зимата 1953/54 година). Во останатите места е многу пократко, па така во Кочани е само 35 дена (јануари-февруари 1954), во Охрид 29 дена, Штип 27 дена.

Очигледно, во минатите речиси 70 години, најснежни биле зимите во 1953/54, 1961/62, 1962/63, потоа 1984/85, 2001/02, 2011/12 година и др. Како малку поснежна зима од просечните и „вообичаени“ зими за последните 2-3 децении, може да се смета и оваа (2016/17), особено за некои делови на Македонија (северозападен, западен). Снегот ќе има позитивни ефекти врз хидролошката состојба, земјоделството, туризмот и другите сегменти. Од друга страна, треба да се внимава на зголемената веројатност од појава на лавини во следните денови и недели, иако се очекува престанок на врнежите, без нагло топење на веќе навејаниот снег (т.е. без нагло покачување на температурите).

Извори:
Лазаревски А. 1993, Климата на Македонија. Скопје
Зиков М. и др. 1997, Влијанието на Средоземното Море врз климата на Република Македонија, Куманово
Податоци од УХМР на РМ.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2614 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger