Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Црногорскиот зимски убавец Дурмитор!

Црногорскиот зимски убавец Дурмитор!

29.01.2017

Црна Гора обично ни е позната по летниот капалишен туризам, сонцето, малите градчиња и извонредните плажи долж брегот на Јадранското Море. Многу помалку е познато дека има извонреден планински и зимско-спортски туристички центар. Така, во северозападните делови на Црна Гора е распространет планинскиот масив Дурмитор, вистински бисер на балканското поднебје. Дурмитор претставува венечна планина која се создала со тектонски поместувања, набирање и навлекување на релјефот. Со должина од околу 50 km и ширина од околу 20 km, го обележуваат дури 48 врвови кои се повисоки од 2000 метри, меѓу кои највисок е Боботов Кук (2523 m). Геолошкиот состав е сложен, но во најголем дел е изграден од варовници. Заради тоа, доста застапен е карстниот (претставен со повеќе пештери и пропасти), а поради височината и глацијалниот релјеф (претставен од повеќе циркови и валови). Дурмитор има 17 глацијални езера, меѓу кои најголемо и најатрактивно е Црното Езеро. Во овие предели често се среќаваат реките понорници, што е сосема нормално особина на карстниот релјеф. Растителниот свет на Дурмитор е претставен со 1500 растителни видови, меѓу кои голем дел се од реликтен и ендемски карактер. Од дрвенестата флора најзастапени се: борот, смрчата и елата. Животинскиот свет е претставен со околу 180 видови на птици, повеќе видови на цицачи меѓу кои најзастапена е дивата коза итн.


Германскиот географ Курт Хесерт го издвојува Дурмитор како најмоќен и највеличествен во овој дел на Балканот. Заради тоа, дел од планината е прогласен за национален парк Дурмитор, кој пак во 1980 година е заштитен под УНЕСКО како природно наследство. Меѓу најатрактивните подрачја на паркот е кањонот на реката Тара, кој со должина од 80 km и длабочина од 1300 m е еден од најголемите во светот. Денес Дурмитор на туристички план сеуште се развива, најмногу туристи се среќаваат во градчето Жабјак, кое се наоѓа во самата близина на Црното Езеро, едно од најубавите глацијални езера на Дурмитор.


Планинскиот туризам овде е присутен во текот на целата година, а планината е привлечна како во лето, така и во зима. Зимските активности ги сочинуваат главно скијањето и скијањето на даска (сноуборд), а во текот на летото планинарството и алпинизмот. „Дурмиторците“ навреме го препознале потенцијалот кога се во прашање белите спортови, туристичкиот но и натпреварувачкиот дух во истите. Имено, вистинскиот развој на овие простори се случува со основањето на ПСД Дурмитор, кој ги „исфрла“ најголемите таленти во овие спортови, како во нордиските така и во алпските дисциплини. Освојувањето на планинските височини е голем предизвик за посетителите и планинарите.
Главниот центар на зимскиот туризам на Дурмитор е градчето Жабљак на 1450 m, кој го населуваат околу 4000 жители. Од тука тргнуваат бројни планинарски стази, жичари, ски-лифтови и други содржини. Во Жабљак и околината има над 150 сместувачки објекти присутни во понудата на booking.com: од големи хотели до мали вили со по 3-4 апартмани. Цената на полупансионите и двокреветните соби се движи главно од 25 до 50 евра, зависно од категоријата на објектите, локацијата и сл. Ноќевање во поевтини вили чини од 7 до 15 евра, повторно зависно од целокупните услови. Од понудените сместувачки објекти на “booking.com”, 11 имаат одлични оценки со рејтинг поголем од 8. Во однос на ски-центрите, постојат целодневни и полудневни ски-пропусници, билети за скијање за деца, како и за ноќно скијање.


Доколку посетителите се заинтересирани за активностите и атракциите кои тие можат да ги посетат на Дурмитор, на “tripadvisor.com” има голем број на информации кои би им биле корисни. На прво место како најдобро рангирана активност се наоѓа т.н “Tara River Canyon” односно кањонот на реката Тара и сплаварење по него. Црното Езеро, мостот на Тара, Езерото Јаблан, Рибјото Езеро и многу други, се само дел од многуте активности и атракции кои се достапни за посетителите.


Би можело да се заклучи дека рецептот за успешен (зимски) туризам е континуирана работа во текот на целата година, навремено и совесно инвестирање и одржување, и создавање услови за привлекување посетители во текот на целата година, а не само сезонски.

Подготвил:
Иван Сапунџиев

 

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*