Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Најубавите гејзери во светот!

Најубавите гејзери во светот!

10.02.2017

ГејзериГејзерите се извори на жешка вода која повремено и во вид на водоскок се исфрла над земјината површина. Кај некои гејзери ова исфрлање на топлата вода се појавува ритмички, при што водениот столб може да достигне височина и до десетина метри. Гејзерите имаат кратер, канал во кој се собира водата (во горниот дел) и водената пареа (кон длабочината). Температурата на водата на површината на каналот изнесува околу 75-80°C, додека кон длабочината се зголемува до преку 100 степени и на крај преминува во водена пареа.

Најмногу гејзери има во Северна Америка (Јелоустонскиот Национален Парк), на Нов Зеланд и на Исланд. Обично се во близина на активни или згаснати вулкански области, а понекогаш може да бидат предвесници на вулканска ерупција. На Земјата вкупно има околу 1300 вакви појави, од кои половината во Јелоустонскиот Национален парк во САД. Заради големиот број гејзери по светот, овде се издвоени според многумина најинтересните и најубавите 10.

10. Стариот гејзер (Old Faithful geyser) во Јелоустон, САД
Претставува еден од преку 500-те гејзери кои се наоѓаат во Националниот парк Јелоустон. Тој е првиот гејзер во овој Национален Парк кој бил именуван во 1870 година. Еруптира во интервал од околу 63 минути, но истиот може да се зголеми врз основа на времетраењето на секоја ерупција. Една ерупција на овој гејзер може да исфрли околку 14 000 до 32 000 литри на вода во висина од 32 до 56 метри во траење од 1,5 до 5 минути.

9. Големиот гејзер (Great Geysir) на Исланд
Овој гејзер е еден од најголемите природни атракциии на Исланд и дел од познатата “тура Златен круг”. Се наоѓа во долината Хаукадалур во западниот дел на Исланд. Она што е познато е дека еруптирал редовно некаде од 13-тиот па до почетокот на 19. век, а потоа се поретко доедека целосно не е престанал во 1916 година. Кога еруптира, карактеристичен е со силна експлозија, при која се исфрла огромно количество прегреана вода и пареа во височина од 60 до 80 метри. Неговиот отвор е широк 18 метри, а неговата комора е длабока 80 метри. Се верува дека една од причините за неговиот престанок се акумулираните камења и други предмети фрлени во него од страна на илјаднитите туристи во текот на годините. Интересно е што токму од името на оваа појава на Исланд (geysir или фонтана), настанал зборот „гејзер“ кој почнал да се употребува ширум светот.

8. Гејзерот Великан во Русија 
Гејзерот Великан се наоѓа во Русија, во т.н. „Долина Геисеров“ или долината на гејзери на полуостровот Камчатка, регион кој е познат по бројноста на гејзери (околу 140). Великан што значи “џин” е еден од најголемите 30 гејзери во оваа област. Еруптира редовно во интервал од околку 6 до 8 часа, секој ден и во период од една минута исфрла вода во височина од над 25 метри. Во долината се наоѓа реката „Гејсернаја“ во која геотермалните води се движат од младиот стратовулкан Кикхпинјцч.500 метри под калдерската земја температурата достигнува до 250° Целзиусови. Претставува дел од природниот резерват Кронотски, кој пак стана дел на светското културно наследство “Вулкани на Камчатка”.

7. Гејзерот Похуту на Нов Зеланд
Похуту е најголемиот активен гејзер на јужната хемисфера. Еруптира еднаш или двапати на секој час во височина од 30 метри. Зборот „Pohutu“ кај домородното население значи постојано прскање, па од тука и името на гејзерот. Овој гејзер има спектакуларна глетка, а неговите ерупциии може да траат од неколку до 20-тина минути. Овој гејзер е посетуван од огромен број туристи, па и познати личности, како кралското семејство, јавни личности и др. Поради тоа што локалните жители ги користат геотермалните ресурси за бројни потреби, овој гејзер беше на работ на ризик од губење на својата моќ. За среќа со неговата законска заштита, денес продолжува да работи со несмалено темпо и да ги импресионира посетителите.

6. Гејзерот Ла Буфадора во Мексико
Ла Буфадора е морски гејзер кој се наоѓа на полуостровот Пунта Банда, покрај Калифорнискиот залив во Мексико и претставува една од најуникатните вакви појави во Северна Америка. Неговата ерупција создава голема бучава, а исфрлањето на водата, често достигнува повеќе од 30 метри височина.

5. Кастел (Castle) Гејзерот, Јелоустон, САД
Гејзерот “Замок” е конусен гејзер кој се наоѓа во горниот басен на Националниот Парк Јелоустон во САД. Има карактеристичен изглед на замок, особено неговиот горен дел кој личи на кула. Со текот на времето и бројните ерупции, неговата конусна форма се менува. Името го добил во 1870 година поради типичниот изглед. Според неодамнешните студии, гејзерот за прв пак избил пред околку 1000 години.

4.Гејзерот „Ел Татио“ во Чиле
Ел Татио претставува гејзер и област која се наоѓа во Андите, на северниот дел на Чиле на 4320 метри надморска височина. Областа Ел Татио има повеќе од 80 активни гејзери, со што претставува најголема област на гејзери на јужната хемисфера и трета по големина во светот. Гејзерите еруптираат на просечна висина од околку 75 сантиметри, а најголемата забележана ерупција била висока околу 6 метри. Посетителите обично доаѓаат на изгрејсонце, кога пареата од гејзерот кондензира во студениот воздух. Туристите може да се искапат во топлата гејзерска вода во малот базен. Во близина сеуште се гледаат остатоци од стариот проект за искористување на геотермалната енергија. Оваа идеја неодамна беше “оживеана” од чилеанската влада.

3. Гејзерот Строкур на Исланд
Строккур е гејзер во вид на фонтана, а се наоѓа во геотермалната област покрај реката Хвита (Hvítá) во југозападниот дел на Исланд, источно од Рајкјавик. Тој е еден од најпознатите гејзери на Исланд кој еруптира на секои 6 до 10 минути, со вообичаена височина од 15 до 20 метри, но понекогаш и до извонредни 40 метри. За прв пат се спомнува во 1789 година, по земјотресот кој помогнал да се деблокира каналот на гејзерот. Во 1963 година неговиот канал повторно бил болокиран, па исчистен. Строккур и околната област, редновно привлекуваат туристи кои очекуваат да го видат еруптирањето на гејзерот, што претставува прекрасна појава.

2. Гејзерот Андернах, Германија 
Гејзерот Андернах е уникатен по тоа што е највисокиот гејзер со ладна вода во светот, достигнувајќи височина од 30 до 65 метри. Настанал случајно, со геолошко дупчење во 1903 година во близина на Андернах. Во 2006 година, со отворањето на просторот за јавноста, станал туристичка атракција во вулканскиот геопарк „Вулканланд Ајфел“. На 9. ноември 2008 година овој гејзер официјално бил забележан во Гинисовата книга на рекорди како највисок „природен“ водоскок со ладна вода во светот.

1. Летечкиот гејзер (Fly Geyser) во Невада, САД 
Летечкиот гејзер е мал, но со зачудувачки облик на конус, на приватниот „Летечки ранч“ во Невада, околу 32 килиметри на север од Герлах. Гејзерот настанал како резултат на погрешно дупчење во 1964 година, што довело до растварање на минералите во длабочината и појава на водоскок на површината. Гејзерот значително се зголемил во последните 40 години, така што денес е висок околу 1,5 метри и широк околу 3,7 метри. Овој гејзер е покриен со термофилни агли кои напредуваат во влажни и топли средини, што резултира со повеќе преубави нијанси на зелена и црвена боја.

Извори:

www.wonderslist.com/10-extraordinary-geysers-in-the-world/
www.visiticeland.com/plan-your-trip/travel-search/details/the-great-geysir?type=place
www.tepuia.com/rotorua-geothermal/?gclid=CO2D-oS19NECFQq3GwodrHMF5A
chile.travel/en/where-to-go/north-and-the-atacama-desert/san-pedro-atacama/el-tatio-geyser/
www.atlasobscura.com/places/fly-ranch-geyser

Подготвиле: Стефан Петрески и др. Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5680 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger