Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Долина на смртта – пустина која нуди несекојдневни глетки

Долина на смртта – пустина која нуди несекојдневни глетки

19.03.2017

Долина на смртта е депресија која се наоѓа во САД, на подрачјето на државите Калифорнија и Невада. Таа е долга околу 225 km, широка помеѓу 8 и 24 km и е најсушното, најниското и најжешкото место во Северна Америка. “Мртовечкиот премин”, “Кањонот на сувите коски”, “Погребалните планини” – се имињата на некои од местата во Долината на смртта. Овде може да помине и цела година без да падне капка дожд, а температурата може да достигне и над 50⁰С. Долината на смртта држи уште еден рекорд – со својата најниска точка – 86 m под нивото на морето, таа е најниското место на северноамериканскиот континент. Во 2016 година, овој регион го посетиле 1 296 283 посетители. Најблиски градови се Лоун Пајн (Lone Pine) во Калифорнија и Бити (Beatty) во Невада. На 11.02.1933 година, Долината на смртта е прогласена за државен споменик, а на 31.10.1994 година е прогласена за национален парк и е најголемиот национален парк во континенталниот дел од Соединетите Држави.
Ова место настанало кога голем карпест блок потонал долж две раседни линии, при што соседните блокови се издигнале и ги обликувале околните планини. Овој длабок ров дополнително собира сончева енергија во ионака топлиот и сув крај, до кој дождовите не доаѓаат поради планината Сиера Невада. Просечните врнежи на дожд изнесуваат помалку од 50 mm годишно, а некои години воопшто нема дожд. Најниската точка на целата западна хемисфера, 86 метри под нивото на морето — се наоѓа во близина на едно солено езерце кај Бедвотер. Само 140 km од оваа точка, се издига 4.418 метри високата планина Витни — највисоката точка во Соединетите Држави, не сметајќи ја Алјаска. Нејзините граници постепено се прошируваа и сега опфаќа 1.3 милиони хектари. Во Долината на смртта, всушност, има живот. Таму живеат јазовци, муфлони, лилјаци, црвен рис, којоти, пустински лисици, глувци-скокачи, планински лавови, бодликави прасиња, зајаци, смрдливци, диви магариња, гуштери, змии и пустински желки. Од птиците, овде живеат соколи, чапљи, препелици, гаврани, харадриди, мршојадци и стотици други видови. Ова место името го добило од група на трагачи по злато кои патувале кон Калифорнија во 1849 година. Тие сакајќи да најдат пократок пат до замислената дестинација, скршнале од патот, но наместо пократок пат, морале да се спуштат по гола, сосема исушена долина без излез. Двајца од групата пронашле излез и се вратиле по останатите. Кога ја напуштале долината, еден од нив се свртел и извикал: “Збогум, Долино на смртта”. Така оваа пустелија го добила името. Насекаде можат да се пронајдат докази дека порано климата тука била многу повлажна, пред се по наслагите од сол кои се задржале после сушењето на езерата.

Друг феномен во ова место се камењата кои се лизгат. На дното на езерото Тркалиште (Racetrack Playa) се наоѓаат карпи кои се кршат и паѓаат во подножјето, на дното на исушеното езеро. Таму се случува атракција која што привлекува многу туристи. Имено, овие камења кои се со големина околу 30 см до половина метар, се движат по рамната површина. Овој феномен е откриен пред околу 100 години и иако до сега никој не ги видел камењата како се движат, постојат бројни докази за тоа. Некои научници откриле дека причината за овие движења на камењата е силниот налет на ветер, а потоа продолжувале да се движат благодарение на тенкиот слој на вода и послабиот ветер. Дел од научниците констатирале дека околните ридови го усмеруваат ветерот помеѓу бројните врвови и пукнатини така што во долината стигнува со голема брзина што овозможува камењата да го добијат потребното почетно забрзување. Сепак оваа теорија имала многу контроверзи. Така уште некогашните индијанци забележале дека камењата се движат дури и при ведро небо и за суво време. Други научници сметаат дека брзината на ветерот не може да придвижи ни еден од најмалите камења, па така сеуште не е точно откриено зошто се движат овие камења. Пред да биде прогласена за национален парк, од тука се ваделе големи количини на злато и сребро, а во втората половина на 19 век тука се ископувал и боракс – бело злато кој најмногу ги привлекувал трагачите по богатство.

Долината на смртта е научна ризница, полна со геолошки и други информации. Тоа е место на ретки, суптилни пустински убавини. Долината на смртта е земја на илузија, блескава илузија, богатство, тајни на природата, и земја на контрасти која се смета за една од најголемите природни убавини.

Извори:

http://www.americansouthwest.net/california/death_valley/national_park.html
https://www.nps.gov/deva/learn/nature/weather-and-climate.htm
https://www.nps.gov/deva/learn/news/hottest-place-on-earth-has-record-breaking-hot-june.htm
https://www.rtvslo.si/tureavanture/severna-amerika/dolina-smrti-puscava-legend-in-skrajnosti/201523

Мистеријата на лизгачките камења во Долината на смртта!


https://hr.wikipedia.org/wiki/Nacionalni_park_Dolina_smrti

Изработиле: Христијан Марковиќ, ученик во ООУ “Страшо Пинџур” с.Јосифово, Валандово и Славица Тенекиџиева, дипломиран географ

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*