Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » 7 години од почетокот на ерупцијата на исландскиот вулкан кој предизвика големи проблеми во Европа

7 години од почетокот на ерупцијата на исландскиот вулкан кој предизвика големи проблеми во Европа

20.03.2017

Денес се навршуваат точно 7 години од ерупцијата на исландскиот вулкан Ејафјатлајокутл (Eyjafjallajökull), кој предизвика големи проблеми и штети во авиосообраќајот низ цела Европа. Вулканот се наѓа во југозападниот дел на Исланд. Купата има височина од 1651 m, а калдера е широка 2.5 km. Последната силна ерупција на овој вулкан е онаа во 2010 година, што е всушност прва по 200 години, односно од 1823 година. Иако вулканската ерупција во 2010 година не беше претерано силна, предизвика хаос во воздухопловството на територијата на скоро цела Европа.

Будењето на вулканот Ејафјатлајокутл започна во 2009 година, кога Исландската метеоролошка служба објави дека сеизмичката активност во областа на Ејафјатлајокутл се зголемува, односно се забележaни околу 250 помали земјотреси. До крајот на 2009 година, бројот на помали земјотреси во таа област достигна 1000, повеќето со магнитуда 1 до 2, на длабочина од 7-10 километри под вулканот. GPS опремата која ја користи метеоролошката служба на Исланд, на 15 km јужно од вулканот, покажа поместување на локалната земјина кора за 3 сантиметри кон југ, при што 1 сантиметар од тоа поместување настанало за само четири дена.
Ерупцијата започна на 20 март 2010 година, во периодот меѓу 22:30 и 23:30 часот по исландско локално време (GMT). Пукнатината била долга околу 500 m, а се отвориле 10-12 кратери кои еруптирале со лава, чија температура изнесувала околу 1000˚С. На 22 март, експлозијата исфрлила чад и вулкански пепел до височина од 4 km, а следниот ден веќе и до 7 km. Едновремено се забележало зголемување на температурата на реките во околината, заради што на фармерите им било укажано да не дозволуваат стоката да ја користи водата. Подоцна било регистрирано опаѓање на сеизмичката активност во таа област и смирување на тлото. Сепак, на 31 март, се отвара нова пукнатина, на 200 метри северозападно од првичната.

По краткото смирување, на 14 април 2010 година, Ејафјатлајокутл повторно еруптира. Тогаш имаме појава на феномен наречен “прашинеста олуја (dirty thunderstorm)” од вулкански облак кој создава и грмотевици. Многу брозо, овој исландски вулкан стана голем Европски проблем и тоа во размери кои не се паметат. Прашината со вулканскиот облак се крена високо во атмосферата, а преку силните воздушни стуи, со голема брзина што достигна и до 200 km на час, продолжи да се движи кон Европа. Така со ерупцијата, вулканската пепел и облакот со прашина најпрво се прошири низ северна Европа а подоцна и во средна Европа, поради што многу аеродроми беа затворени и многу летови откажани. Причината за толкави проблеми е облакот од пепел кој драстично ја намалува видливоста, а честиците прашина влезени во авионските мотори можат да се стопат од топлината на моторот и да се стврднат, што ќе резултира со гасење на моторот. Ова затворање на аеродроми и прекин на авиосообраќајот во Европа бил најголем после Втората Светска војна. Според проценките, поради ерупцијата и прекинот на летовите, авиосообраќајот губел по 148 милиони евра дневно. Држави чии авиокомпании особено силно беа погодени од последиците на ерупцијата се: Австрија, Белгија, Германија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Хрватска, Ирска, Летонија, Луксембург, Обединетото Кралство, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Унгарија. Од вкупно 22000 дневни патнички летови низ Европа, 16.000 беа откажани поради ризик по безбедноста на патниците, а пак Националниот центар на Велика Британија извести дека прв пат во историјата природна непогода ги приземнила авионите во Обединетото Кралство.

Благодарение на брзата реакција на исландските власти и спроведената евакуација, овој вулкан не предизвикал човечки жртви. Луѓето кои живееле во близина на вулканската област се обратиле за помош во болниците поради симптоми на иритации и респираторни проблеми. Истражувањата покажале дека луѓето кои живееле во областа на вулканот имале значително повеќе респираторни проблеми отколку оние кои живееле на северот на Исланд, каде поради обратната насока на движење на воздушните струји, односно кон југ, не стигнал облакот со прашина и пепел.
Иако ерупцијата на овој вулкан во 2010 година не беше посебно силна и без големо количество на лава и гасови, истата ќе се памети поради големите проблеми со кои се соочи Европа. Тоа беше и предупредување што може да се очекува доколку во блиска иднина еруптира некој поголем вулкан или супервулкан, а такви најави има се почесто. Секако, при таков настан не би била поштедена ниту Македонија, како што впрочем покажуваат некои записи од минатото.

Изработил: Ненад Златановски , насока ГИС

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

* Copy This Password *

* Type Or Paste Password Here *