Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Уникатните пештери Бату во Малезија – спој на религија и преубава природа!

Уникатните пештери Бату во Малезија – спој на религија и преубава природа!

23.03.2017

Пештерите Бату се една од најзначајните туристички атракции во Малезија, импресивно чудо на природата. И не само атракција, туку претставуваат најпознат Хинду храм надвор од Индија. Се наоѓаат на околу 13 km северно од главниот град на Малезија, Куала Лумпур, и цената на билетот со воз е околу 26 денари. Toa e место што мора да се види при посета на Малезија. Внатре во пештерата, како и наоколу се изградени храмови кои изобилуваат со статуи на Хинду богови во разни големини и импресивен колорит.
Пештерите Бату се состојат од три главни големи пештери и неколку помали во должина околу два километри. Сите се полни со статуи и слики на Хинду богови. Покрај тоа, тие се и дом на некои видови лилјаци и пајаци. Пештерите се стари неколку милиони години, а варовниците во кои се формирани, 400 милиони години. Иако уште во дамнешни времиња биле користени како засолништа, живеалишта и религиозни места, истите станале познати во 1878 кога биле „повторно откриени“ од американскиот зоолог William Hornaday. Денес, освен за туристичко-религиозни цели, пештерите се користат за алпинизам, а познати се околу 150 рути со висина до 150 метри. Во некои од пештерите, варовничката таваница е истенчена и отворена, така што внатре навлегува сончева светлина содавајќи чудесни глетки. Некои пештери пак се темни и потесни, создадени со вековно течење на подземната вода во карстот. При посилни врнежи се создаваат спектакуларни пештерски водопади високи десетици метри. Лоциран непосредно до екваторот, овој систем на пештери има тропска клима, така што внатре и надвор е доста топло и влажно преку целата година. Поради положбата, пештерите Бату се најјужните пештери на северната полутопка.


Во 1891 година, приврзаниците на Хинду религијата, во главната пештера го основале храмот кој станал светилиште на Муруган, бог на војната и победата на Тамилскиот народ. Во 1920 година биле изградени дрвени скали, за подоцна да се заменат со бетонски (вкупно 272), кои мора да се поминат за да се влезе во храмот. Овде, во 2006 година, пред самиот влез е поставена највисоката статуа на богот Муруган во светот. Статуата е правена три години, висока е 42.7 метри и за неа биле потрошени 1550 метри кубни бетон, 250 тони челик и 300 литри златна боја.

Искачувањето по скалите е вистинско задоволство. Постојаните жители на пештерата и околината го прават ова искуство незаборавно. Ги има насекаде, а тоа се макаки мајмуните. Овие мајмуни имаат висока интелигенција и добро развиени моторни способности. Во околните храмови, во кои мора да се влезе собуен, чевлите се оставаат надвор од храмот и се вистински предизвик за мајмуните. За време на мојата посета, на околните дрвја и грмушки можеа да се видат чевли и изгледа многумина од посетителите морале да си заминат дома делумно или целосно боси. При искачувањето на скалите, секој мора да внимава на своите работи. Често имаше ситуации кога мајмуните ќе украдеа нешто, работи кои верниците ги носат како дарови за боговите, како на пример шише со млеко, кое макаки мајмунот успеваше да го отвори, или цветни венци, кои верниците ги носат за да ги остават на статуите на боговите. Кога макаки ќе ги украдеа венците, бегаа на безбедно растојание, ги ставаа на врат и ја бираа следната жртва.

Извори:
https://en.wikipedia.org/wiki/Batu_Caves
http://mmadventure.com/kuala-lumpur-attractions/batu-caves.htm

Автор: Сања Пановска, постдокторант на Универзитетот во Потсдам, Германија

Оваа статија е прочитана 289 пати!

Од категорија: По Светот

Leave a Reply