Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Ерта Але, еден од најфасцинантните и најактивни вулкани во Светот

Ерта Але, еден од најфасцинантните и најактивни вулкани во Светот

30.03.2017

Ерта Але (или Ertale или Irta’ale) е активен базалтен вулкан во регионот Афар во североисточна Етиопија, на границата со Еритреја. “Erta Ale” е најстариот активен вулкан во Етиопија и меѓу најстарите во Светот. Познат е и како “планината што чади” и “порта кон пеколот”. Самиот вулкан е висок 613 m, со едно или понекогаш две активни вулкански езера во кратерот на врвот, кои повремено се прелеваат преку јужната страна. Фасцинантно е што вулканското езеро, односно езеро од вулканска лава во кратерот, непрекинато функционира повеќе од еден век или уште од почетокот на дваесеттиот век (1906 година). Вулканите со вакви вулкански езера се многу ретки и се забележани само 6 во светот.

Овој неверојатен геолошки феномен е предизвикан од три тектонски плочи кои меѓусебно се раздвојуваат. Како последица, се појавиле неколку штитести базалтни вулкани, од кои најактивен и најуникатен е токму „Ерта Але“. Последната голема ерупција на овој вулкан се случила во 2005 година при што угинале 250 грла крупен добиток, а многу луѓе биле принудени да ја напуштат околината. Во 2007 година, повторно биле неопходни неколку евакуации поради истекување на лавата, по што две лица биле исчезнати. Потоа следела слаба ерупција во ноември 2008 година. Снимките на НАСА од почетокот на оваа 2017-та година, откриваат нови пукнатини од кои истекуваат големи количини на лава. Врз основа на комбинацијата на спектри од Ландсат 8, научниците открија дека барем едно од вулканските езера претрпело големи промени во нивото на лавата кое предизвикува претекување на лавата и интензивно распрскување. Според извештаите објавени од “Volcano Discovery”, повеќе нови пукнатини се појавиле на 21 јануари 2017 година и тоа на 7 km од калдерата, а од пукнатините се излевале големи количини на лава.

Иако малку се знае за овој вулкан бидејќи теренот е еден од најнепристапните во светот, зафатен со воени конфликти, а и домородците не се баш пријатни кон посетителите, “Erta Ale” е една од главните атракции во овој дел на Африка. Последните години истиот станува популарна туристичка дестинација. За жал, на 4 јануари 2012 година биле нападнати, киднапирани и убиени повеќе туристи и научници кои кампувале на работ на кратерот, што покажува дека секоја посета на вулканот е навистина многу опасна.

Без оглед на опасностите, има луѓе спремни да го ризикуваат својот живот, само да го видат фантастичниот призор на Ерта Але. Меѓу нив е и португалскиот фотограф Жозе Сантош, кој со помош на дрон, управувајќи го од самиот раб на кратерот, направи прекрасни фотографии и видео клипови. Тој укажува дека „вистинскиот проблем со “Erta Ale” е работ на кратерот кој постојано се менува со осцилирањето на вулканските езера, посебно кога се прелеваат преку кратерот. Навидум теренот можеби изгледа цврст, но може да е ронлив и при мало невнимание, лесно да се падне во лавата која е со температура од 1100 степени Целзиусови“. Според Сантош, посебно фасцинантно е надоаѓањето на лавата на секои 3-5 минути, при што се слуша карактеристичен звук и тресење на теренот. Лавичното езеро пак, така функционира, што потсетува на создавањето, движењето и тонењето на големите континентални плочи на Земјата, само во мал размер.

Се надеваме дека во скора иднина, овој простор ќе биде помирен и посигурен за посета, а многу тајни на Ерта Але допрва ќе бидат откриени и видени од посетителите.

Извор: http://www.dailymail.co.uk/sciencetech

Подготвиле: д-р Ивица Милевски и Драгана Талевска

Оваа статија е прочитана 533 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger