Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » 120 години од издавањето на книгата „Материјали за проучување на Македонија“ од Ѓорче Петров

120 години од издавањето на книгата „Материјали за проучување на Македонија“ од Ѓорче Петров

30.03.2017

Кон крајот на минатата 2016-та година, се навршија 120 години од издавањето на книгата „Материјали за изучување на Македонија“ од Ѓорче Петров. Во нашата наука за Ѓорче Петров (1865-1921) се вели дека бил учител – професор, публицист, историчар, идеолог и револуционер, а притоа се заборава дека бил и географ. Ѓорче, се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887), во Скопје во Егзархиското педагошко училиште (1888-1891). Бил професор во Битола – битолската прогимназија (1891-1895), а во еден период бил и училишен инспектор во Битола и битолско. Како професор предавал и во Егзархиската машка гимназија во Солун (1895-1897). Во своите „Рани спомени“, Симон Радев, ученик во битолската прогимназија, за Ѓорче Петров, го забележал следното: „Ѓорче Петров ни беше професор по географија, по бугарски и француски јазик… Но лекциите по географија не привлекуваа. Од него ние црпевме една идеја за пределите на нашата татковина…“ (Симон Радев, Рани спомени, Софија, 1969 г., стр. 195). За Македонската географија најважно е тоа дека во 1896 година или пред 120 години, во печатницата В’лков во Софија, Ѓорче Петров издава книга на 734 страни „Материјали за изучување на Македонија“ (со наслов на оригиналот „Материали по изучванието на Македония“).

Clipboard01

Книгата е опширен научен монографски труд посветен на проучувањето на Македонија од областа на географијата, економијата, етнографијата, етнологијата, историјата, лингвистиката, геостратегијата и сл. Содржински книгата е поделена во четири главни делови: 1) Орографија на Скопско и Битолско – во кој се дава детален опис на релјефот, планините и котлините со правците на нивното протегање, разгранување и особености; 2) Хидрографија – опис на реките, речните сливови и езера; 3) Патни врски – опис на сообраќајните, патните и железничките врски како и условите за одвивање на сообраќајот и патувањето; 4) Топографија – опширен и детален опис на географијата, економијата – производството и трговијата, животот, говорот, носиите и историјата на населението во селата и градовите во Тетовско и Гостиварско, Кичевско, Скопско, Кумановско, Кратовско, Кривопаланечко, Кочанско со Пијанец (Делчевско) и Малешевско (Беровско), Штипско, Радовишко и Леринско.

Овие четири главни делови понатаму се поделени на одделни глави и поглавја посветени на растителниот свет, водите, патиштата, населението, стопанските односи, производството, земјоделството, трговските врски и можности, преданијата, обичаите, носиите, говорот и наречјата, средствата за сообраќај, изгледот, архитектурата и уредувањето на куќите, улиците, селата и градовите во соодветните предели области. Книгата, иако е првенствено насочена кон изучување на тогашниот Скопски санџак (од Скопскиот вилает), содржи огромен број на целосни или делумни податоци и информации за проучувањето и истражувањето на речиси цела денешна Република Македонија и делови од Егејска и Пиринска односно етничка Македонија. Генерално земено, книгата во основа е Географија на Македонија, а потоа сето останато.

Ѓорче Петров во 1895 г., во 1903 г. и 1920 г.

Ѓорче Петров во 1895 г., во 1903 г. и 1920 г.

По излегувањето од печат, книгата била добро прифатена во Македонија, а особено од страна на револуционерите во Македонска револуционерна организација, кои ја користеле како прирачник за запознавање на областите во кои дејствувале. Со издавањето на оваа книга, со право можеме Ѓорче Петров да го сметаме за прв географ кој напишал географска книга за Македонија или Географија на Македонија. Напомнуваме дека покрај книгата „Материјали за изучување на Македонија“, Ѓорче Петров напишал Спомени и објавил неколку статии со географска проблематика (за миграции, за население, стопанството и сл.).

Според погоре изнесеното, констатираме дека Ѓорче Петров покрај професор, историчар, публицист, револуционер и идеолог на МРО, бил и географ.

Во 2013 година, во сплет на околности, важноста на оваа книга ја согледа претседателот на здружението „Единствена Македонија“, Марио Шаревски, магистер по геополитика на Карловиот Универзитет во Прага, кој добил фотокопија на книгата и истата ја преведе, уреди  и издаде на македонски јазик во 2014 година. Преводот на оригиналниот текст на книгата „Материјали за изучување на Македонија“ во целост и буквално е преведена и отпечатена во обем од 484 страни и е издадена во тираж од само 200 примероци, со мали измени и поправки на одредени имиња на географските места (топонимите), имиња на народи односно етнички и верски заедници и имиња на занимања, занаети, стопански дејности и земјишни мерки со имиња, термини и зборови кои се денес општоприфатени во широка употреба и политичка коректност во јавноста, а со единствена цел полесно разбирање на денешниот читател од Македонија. Овие измени се многу мали и внимателно сообразени да не влијаат и да не ја променат веродостојноста, оригиналноста, смислата, вистинитоста и самиот тогашен  историски контекст кога е пишувана книгата, со цел многу полесно со денешен јазик и смисла да се долови тогашниот историски моментум овековечен во оваа бесценета книга.

Преведената книга има намена да се распространи во широка употреба во науката (географија, историја, етнографија и сл.), образованието, туризмот, уметноста, културата во јавноста и современото живеење во Република Македонија. Во тој однос главната цел е книгата да служи како прирачник, помагало, извор и водич во рамки на: наставата по географија и историја, етнологијата, јазикот, фолклорот, економијата, архитектурата, сообраќајот, да биде водич при ученичките и самостојните екскурзии излети, туристички тури и планинските походи итн.

Автор: проф. д-р Никола Димитров, УГД, Штип

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

* Copy This Password *

* Type Or Paste Password Here *