Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Македонија бележи голем, но изразито нерамномерен скок во е-туристичката сместувачка понуда!

Македонија бележи голем, но изразито нерамномерен скок во е-туристичката сместувачка понуда!

1.04.2017

Развојот на туризмот, како стратешка определба во Република Македонија, се приклучува на современите светски текови, каде е-туризмот зазема водечка улога. Тоа најмногу се гледа по застапеноста и понудата на објектите за сместување, на светски познатите туристички портали како што е booking.com. Booking.com е светскиот лидер во он-лајн резервации за сместување, достапен на повеќе од 40 јазици и нуди над 1,2 милиони сместувачки капацитети во 225 земји ширум светот. Преку него, секојдневно се резервираат околу еден милион ноќевања, остварувајќи фантастичен годишен туристички промет од 15-20 милијарди долари! Booking.com всушност стана еден вид репер за тоа какви се сместувачките објекти и каква е воопшто состојбата со туризмот на некоја дестинација. Тоа пак, значително влијае врз изборот и популарноста на одредена туристичка дестинација, регион или држава. Во таа смисла, охрабрувачки е големиот пораст на бројот и квалитетот на објекти кои преку booking.com се нудат во Македонија. Така, во 2005 година немаше речиси ниту еден онлајн достапен објект во нашата држава, а 5 години подоцна (во 2010 година), нивниот број изнесуваше едвај 30-тина. Сепак, по само 2 години (во 2012 година), бројката на понудени објекти скокна на 180 и тоа во Охрид 90 сместувачки објекти (главно вили и помали хотели), во Скопје 55, Битола 10, Маврово 5 и во сите останати места уште 20 објекти.

Движење на сместувачките капацитети на Booking.com по години

Движење на сместувачките капацитети на Booking.com по години

По 2 години, односно во 2014 година, понудата скокна повеќе од двојно, на над 500 сместувачки објекти, повторно сконцентрирани главно во Охрид и Скопје. Во месец октомври минатата (2016-та) година, бројката достигна 893 објекти кои се нудат за сместување, додека заклучно со 1 април 2017 година, таа изнесува 930 објекти. Интересно е што според најновите податоци, во последните 6 месеци некои места бележат стагнација или благо намалување во понудата на Booking.com (Охрид, Битола, Струга). Скопје пак бележи значителен раст (од 241 на 296 објекти), а радува и фактот за голем раст во Дојран, кој сега нуди дури 37 објекти. Едновремено, оценките на туристите за квалитетот, нивото на услугите, односот на сопствениците и персоналот во објектите се се повисоки и подобри, што значи натамошна препорака за посета на нови групи туристи.

Сместувачки објекти на Booking.com

Сместувачки објекти на Booking.com

За жал, покрај порастот на понудата во некои места, сепак постои огромна просторна нерамномерност во рамките на Македонија. Така, 80% од понудата е во Охрид и Скопје, а заедно со Битола, Дојран и Струга, тој процент е 91%. Од друга страна, во целиот Североисточен плански регион, на Booking.com се нудат само 9 објекти за сместување, а во Источниот регион едвај 13 објекти или заедно само 2% од вкупната понуда во Македонија. Значи сместувачката понуда е сосема недоволна со оглед на големината на овие региони (23,5% од површината на државата) и на бројните туристички атракции и содржини во нив. Тоа значи дека многу поголемо внимание во туристичкиот развој на овие региони треба да се посвети на креирање, уредување и промоција на поголем број сместувачки капацитети, пред се приватно апартманско сместување, вили, но и објекти во кои ќе може да се сместат поголеми туристички групи (30-40 туристи). Без тоа, уредувањето и промоцијата на туристичките локалитети и содржини ќе биде со многу слаб финансиски и развоен ефект, без оглед на големите вложувања.

Приказ на сите 9 објекти за сместување на Booking.com во ИПР.

Приказ на сите 9 објекти за сместување на Booking.com во ИПР.

Следен глобално брзорастечки е-туристички сместувачки портал е извонредниот и веќе многу популарен „Airbnb“. Преку него луѓето можат да издаваат или да изнајмат соби, апартмани, вили и други индивидуални објекти за престој. Airbnb е основана во 2008-ма година, со седиште во Сан Франциско, Калифорнија и е во приватна сопственост. Денес нејзините услуги се достапни во речиси сите држави во светот. Во Македонија, понудата на сместување преку Airbnb доживува вистински бум, со оглед на тоа што пред 5 години немаше речиси ниту еден објект, а денес има преку 1200 соби, апартмани и вили. Сепак, нерамномерноста овде е уште поголема. Додека во Скопје и Охрид се нудат по околу 500 сместувачки единици, во Битола 50, во Крушево 18, Гевгелија 17, Маврово и Дојран по 14, дотогаш во целиот Источен плански регион се нудат само 14, во Североисточен 9, а во Преспанскиот регион само 5 сместувачки единици. Веројатно, ваквата состојба е поради слабата информираност на населението во споменатите региони, незапознаеноста со финансиските придобивки што може да ги имаат сопствениците со релативно скромни вложувања (потребна е само регистрација на Airbnb која е бесплатна, поставување на информации и снимки од објектот кој ќе се издава, мало дотерување на собата-собите или домот, креирање на туристичко-рекреативни активности и сл.), незнаењето на англиски јазик, компјутерски технологии и др. Сепак, со мали проекти и работилници, за кратко време и овде можат да се добијат одлични резултати, а понудата и финансиската добивка драстично да се зголемат. Всушност тоа треба да биде главниот приоритет во споменатите туристички слабо развиени региони и локалитети во Македонија.

Airbnb

Во градот Охрид, на Airbnb се нудат преку 500 сместувачки единици (1.04.2017).

Дека со поставување на сместувачки објекти на двете моментално најголеми онлајн туристички платформи: Booking.com и Airbnb може да се постигнат фантастични резултати, покажуваат примерите од соседството. Така, во Бугарија на двата портали се нудат близу 10 000 сместувачки единици. Во Албанија за 5 години бројката скокна од околу 50-тина на преку 3000 сместувачки единици (од кои 1200 на Booking.com), а во Србија тој број денес изнесува над 5000 единици од кои само на Booking.com 2850. Според повеќе истражувања во Србија и Бугарија, просечната годишна заработувачка од издавањето на 2-3 соби, кат од куќа или апартман на Airbnb, изнесува околу 4500-5500 еур., во зависност од локацијата, уреденоста, достапноста, сезоналноста, популарноста, позицијата на порталите, оценките и сл. За домаќинства во посиромашните и периферни региони, тоа се одлични приходи, кои со разни дополнителни содржини може уште повеќе да се зголемат. Секако, за да се задржи добрата позиција на двата портали, а со тоа и интересот на туристите, неопходна е перманентна посветеност, љубезност, отстранување на недосатоците и забелешките во оценките (ривјуата) и солидна поврзаност со туристичката понуда во областа. Да се надеваме дека во идниот период ќе се постигне поголема рамномерност и подобра застапеност на сместувачки и севкупни туристички содржини во слаборазвиените региони на Македонија, а со тоа драстично ќе се подигне животниот стандард на населението во нив.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 254 пати!

Од категорија: На тема

Leave a Reply