Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Spatial Analyst – одлична ArcGIS алатка за анализа на геопросторни податоци!

Spatial Analyst – одлична ArcGIS алатка за анализа на геопросторни податоци!

10.04.2017

Spatial Analyst претставува екстензија на ArcGIS for Desktop софтверскиот пакет која што oвозможува пристап до широк спектар на моќни алатки за разновидни аналитики врз растерски/векторски податоци и просторно моделирање. Овие алатки всушност претставуваат надополнување на веќе огромниот број постоечки алатки во рамките на ArcGIS for Desktop и истите се групирани во категории во зависност од нивната намена.
Примерите за примена на Spatial Analyst сe бројни, а во продолжение се дадени само неколку:
1. Алатките достапни со активирање на екстензијата овозможуваат сложени геоморфометриски анализи на дигитални елевациски модели (ДЕМ) и генерирање на нови податочни сетови базирани на изворниот висински модел. Сите алатки за анализа на ДЕМ модели се наоѓаат во рамките на Surface toolbox-oт. Во тој контекст, со анализа на дигитален висински модел со помош на веќе споменатите геопроцесирачки алатки, можат да се добијат нови растерски деривати кои содржат информации што воопшто не се воочливи во влезниот изворен висински модел, на пример:

  • Наклони (Slope) – растер/карта која што ја прикажува големината на наклоните во степени или проценти во зависност од подесувањата во рамките на алатката Slope.
  • Експозиции (Aspect) – уште еден растерски дериват добиен со анализа на ДЕМ модел кој што дава информации за експозициите на падините. Тоа понатаму може да биде важно за други анализи, како на пример за одредување на осончувањето или влажноста на теренот.
  • Засенчен модел на релјефот (Hillshade) – Се добива со користење на истиоимената алатка Hillshade. Во рамките на алатката, корисникот може мануелно да подесува вредности за азимут и висина на изворот на светлина (сонцето). Врз основа на претходно споменатите подесувања, по процесирањето на дигиталниот висински модел ќе се генерира засенчениот модел на релјефот.
  • Генерирање на изохипси во векторски формат врз база на информациите за надморската височина од дигиталниот висински модел и др.
  • Curvature map – второстепен растерски дериват кој што го покажува типот на наклоните: конкавен, конвексен итн. Се добива со процесирање на растерскиот податок за наклоните во рамките на алатката Curvature.

Генерирањето на горенаведените излезни продукти претставува основа за понатамошни анализи или нивна комбинација со цел добивање на далеку подобар визуелен приказ. На пример, на изворниот дигитален виснски модел може да му се зададе одредена транспарентност, а во негова да позадина да биде засенчениот модел на релјефот. На тој начин би се добил далеку подобар приказ, отколку во случаите кога двата растери би се прикажувале независно еден од друг.
Покрај гореспоменатите функционалности, постојат и алатки за интерполација, со чие користење можат да се пополнат евентуални празнини (области без податоци за надморската височина) кај дигиталните висински модели преку комбинација со друг висински модел или врз основа на дигитализација на изохипси од топографски карти за местото каде што недостасуваат податоци.

Анализа на 3''SRTM моделот (Јакупица и Пелагониска котлина)

Анализа на 3”SRTM моделот (Јакупица и Пелагониска котлина)

 

Идентификување на погодни локации

Идентификување на погодни локации

2. Втора можна примена на аналитичките алатки на Spatial Analyst е за одредување на погодноста/непогодноста на конкретен простор за одредена намена (одредување дали одредена локација е погодна за изградба на објект, анализирање на високо ризични области од аспект на поплави или појава на свлечишта) преку комбинирање на различни податочни слоеви и задавање на различни критериуми. На сликата десно, преку збир на повеќе влезни критериуми, според кои најпогодно земјиште за изградба на нов објект би било неизградено земјиште со помал наклон кое е најблиску до патиштата, генериран е излезен растерски податок во чии рамки со зелена боја се означени најпогодните локации, со жолта боја се означени областите кои што имаат средна погодност според зададените критериуми, додека со кафена боја се означени областите кои не се погодни за конкретната намена.

3. Одредување на оптимална патека или коридор за изградба на нови патишта, цевководи и слично. Ваквите анализи се прават бидејќи не секогаш најкраткиот коридор е најсоодветен од аспект на цената за изградба на патот или пак од аспект на брзината на пристигнување од една до друга локација, како што е прикажано на сликата подолу. Во таа насока, при анализите се земаат предвид наклоните, намената на земјиштето и голем број на други фактори кои што го дефинираат оптималното решение.

Идентификување на оптимални коридори/патеки помеѓу локација А и локација Б.

Идентификување на оптимални коридори/патеки помеѓу локација А и локација Б.

4. Алатките во рамките на Hydrology toolbox-от овозможуваат разни хидролошки анализи како на пример: генерирање на речна мрежа, одредување на речни сливови, одредување на ризик од ерозија во одредени области и слично.
Софтверот ArcGIS for Desktop и екстензиите се комерцијални продукти на американската компанија Environmental Systems Research Institute (ESRI). Trial верзија од истите е достапна на нивната веб страна http://www.esri.com

Извори:
pro.arcgis.com/en/pro-app/tool-reference/spatial-analyst/hydrologic-analysis-sample-applications.htm
rgis.unm.edu/dem_analysis
desktop.arcgis.com/en/arcmap/latest/extensions/spatial-analyst/what-is-the-spatial-analyst-extension.htm

Изработил: Томе Јовановски, постдипломец на насоката ГИС

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*