47 години од неуспешната „малерозна“ мисија Аполо 13

11.04.2017

Веројатно на сите ни е позната програмата Аполо на Американската НАСА, со која за прв пат во (нам познатата ни) историјата, човекот стапнал на друго небесно тело. По повеќе експериментални обиди, конечно, на 20 јули 1969 година, двајцата од трочлената мисија на вселенското летало Аполо 11, безбедно се спуштиле на месечевата површина. Само 4 месеци подоцна, следела уште една мисија, Аполо 12, со цел слетување на точно зададени координати на Месечината, поставување на инструменти и собирање на примероци од површината. Мисијата е успешно завршена, при што мисијата престојувала околу 8 часа на површината на Месечината. Следната планирана мисија била Аполо 13, со речиси иста задача како и Аполо 12. Затоа, интересот на јавноста за оваа мисија бил далеку послаб од претходните две.

Вселенскиот брод Аполо 13 бил лансиран на 11 април 1970 година, во 13 часот и 13 минути од Вселенскиот центар Кенеди на Флорида. Посадата ја сочинувале:

  • Џејмс Лоувел – (заповедник)
  • Џон Свајгерт – (пилот на команден модул)
  • Фред Хејз – (пилот на лунарен модул)

По 30 часа од летот, Аполо 13 ја напуштил орбитата на Земјата и влегол во вселенскиот простор. За тоа време, астронаутите направиле бројни фотографии на нашата планета. На одалеченост од 320 000 km од Земјата, 56 часа по лансирањето, односно на 13 април, членовите на екипажот слушнале силна експлозија, по што вселенскиот брод останал без електрична енергија. Астронаутите првин мислеле дека метеор удрил во лунарниот модул, но се испоставило дека експлодирал еден резервар со кислород. Најверојатно дошло до краток спој, што предизвикало пожар проследен со силен притисок кој го разнел целиот резервар. Испуштањето на кислородот во вселената траело 130 минути и не можело да се запре. Едновремено, почнал да се намалува притисокот на кислородот и во вториот резервоар. Двата резервоари, освен што служеле за снабдување со кислород на астронаутите во командниот модул, ги напојувале и ќелиите за добивање на електрична енергија. Во тој момент, Лоувел ја изговара познатата реченица: „Houston, we’ve had a problem“. При ваков развој на настаните, единствено што преостанало е мисијата да биде прекината, а астронаутите да најдат начин да се вратат на Земјата. Првин биле исклучени сите системи во леталото освен оние од витално значење (за да не се троши дополнителна енергија и кислород). За да се врати екипажот на Земјата, морале нагло да ги забрзаат моторите, што било невозможно бидејќи би го потрошиле целото гориво. Ситуацијата била безизлезна. Во консултација со командниот центар во Хјустон, астронаутите одлучиле да направат маневар со лунарниот модул, со кој би се корегирала патеката кон Месечината, при што нејзината гравитација би послужила леталото да сврти и гравитациски да забрза кон Замјата. За среќа, маневрот бил успешно изведен, но тоа било само еден чекор до целта. Кислородот што останал на бродот бил доволен за опстанок само на двајца од екипажат и тоа за 30-тина часа, наместо за тројца и за 4 дена колку им требало да стигнат на Земјата. Затоа, истиот се користел само за одржување на виталните функции на екипажот. Голем проблем било концентрирањето на јаглерод диоксидот, бидејќи откажал системот за негово елиминирање од леталото. Следен проблем било наглото ладење на модулите, па се јавила опасност астронаутите да смрзнат на така ниска температура. Воедно, недостигала вода за пиење, па екипажот се снаоѓал на секаков начин за да не дехидрира. Речиси сите проблеми биле решавани чекор по чекор, заедно со група научници експресно повикани во командниот центар во Хјустон. Последен голем проблем бил како да се одвои лунарниот модул на безбедна оддалеченост од командантниот модул, при самото влегување во Земјината атмосфера. За решавање на овој проблем, на универзитетот во Торонто бил составен тим што констарирал дека зголемување на притисокот во тунелот што ги спојува лунарниот и командатнтиот модул, ќе предизвика одвојување на лунарниот модул. Конечно, на 17 април 1970 година, Аполо 13 слетал во јужниот дел на Пацификот наместо предвиденото место во Индискиот Океан. При спуштањето, екипажот цели 6 минути бил без комуникација со контролниот центар на Флорида, но на крајот сепак успеале да воспостават контакт и да слетаат без никакви повреди.

И покрај сите проблеми и „малери“, како и фактот дека не ја исполнила својата цел, мисијата Аполо 13 се смета за успешна, бидејќи нејзиниот екипаж се вратил на Земјата неповреден. Воедно, тоа е најдалечна досега изведена човечка мисија, бидејќи леталото достигнало оддалеченост од Земјата од 400 100 km (Месечината била во апогеум). Жално е што астронаутите не се спуштиле на Месечината, иако биле на само 253 km од неа. Несреќните настани со мисијата Аполо 13, голем број луѓе ги поврзуваат со верувањето во „малерозниот“ број 13 на мисијата, датумот кога се случила експлозијата (13 април), па и времето на лансирањето (13 часот и 13 минути). Сепак, деталните подоцнежни истраги укажуваат на грешки во електрично-механичкиот систем кои довеле до експлозија на резервоарот со кислород. Вреди да се напомене дека поради настаните со мисијата Аполо 13 (која за малку можела да биде трагична), во 1995 година е снимен истоимен филмски хит со Том Хенкс во главната улога.

По Аполо 13 се појавуваат се повеќе дилеми за потребата од идни мисии на Месечината, со оглед на огромните трошоци за секоја мисија. Така, само 2 години подоцна, во декември 1972 година е изведена последната човечка мисија на Месечината, со вселенското летало Аполо 17. Речиси 50 години подоцна, сеуште не е на повидок нова човечка мисија на Месечината, иако во меѓувреме технологијата напредна до невидени граници.

Извор: en.wikipedia.org/wiki/Apollo_13

Автори: д-р Ивица Милевски и Тихомир Митрев

Оваа статија е прочитана 412 пати!

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published.