Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Уживајте во убавините на Струга

Уживајте во убавините на Струга

13.04.2017

Струга е мал град во југозападниот дел на Република Македонија, распространет на двата брега на реката Црн Дрим и на брегот на Охридското Езеро, со богата историја, култура и традиција. Тука секој посетител е добредојден. Луѓе со топло срце и широки насмевки ќе ве пречекаат за да ве запознаат со она со што тие се гордеат.
Доколку сте љубители на култура и уметност, Струга ви нуди неколку институции кои од се срце би ви ги препорачале:

  • Природно-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во кој покрај другите примероци, се изложени 17 видови на риби од Охридското Езеро.
  • Спомен куќата на Браќата Миладиновци, подигната во знак на благодарност на Димитар и Константин Миладинови, за се што направиле за македонската национална преродба. Во неа можете да видите многу значајни знаменитости од едно дамнешно време, и да се запознаете со животниот пат и работата на Браќата Миладиновци, како и се она што тие успеале да го направат во нивиот макотрпен живот.
  • Галеријата „Ванген Коџоман“ изложба и сеќавање на уметникот, преку која можете да видите како изгледала убавата Струга во минатото.

Она што ја прави Струга препознатлива се и уникатните манифестации кои се одржуваат секоја година, како што е најголемата светска поетска манифестација “Струшки вечери на поезијата“ на која учество земаат над 200 поети и многу гости. Може да се каже дека оваа манифестација е главно обележје на градот. Исто така во Струга се одржува и летен ракометен турнир во која учестуваат бројни спортски екипи од светот, а задовоството е уште поголемо бидејќи се одржува на отворено покрај Охридското Езеро.
Уште една интересна манифестација е Ревијата на народни носии, на која туристите имаат можност да се запознаат со фолклорното богатство на носиите и традицијата на Струга и нејзината околина. Како значајни би ги спомнале и Струшка музичка есен за љубителите на духовната музика, како и Литијата посветена на Свети Ѓорѓи Победоносец која е стара вековна традиција кај стружани, некогаш се правела посвечено, но имало периоди кога било и поскромно, а свој раскош добива последниве години. Илјадници верници од земјава, но и странство се собираат за свечениот дочек да се поклонат пред моштите на Свети Ѓорѓи Победоносец и да ја испочитуваат древната традиција. Со сите овие знаменитости и уште голем број други, како и со гостољубивоста и љубезноста на населението, Струга претставува авантура која не смеете да ја пропуштите.

Секако за да го видите сето ова ви е потребно повеќе време, барем неколку дена. Струга ви нуди убав престој во некој од познатите хотели или пак во апартмани покрај Охридското Езеро. Може да го изберете хотелот „Дрим“ кој е лоциран во самиот центар на градот, помеѓу брегот на Охридското Езеро и на Црни Дрим или да избегате малку понастрана од гужвите и да се релаксирате во прекрасниот хотел ”Изгрев”. Всушност, во зависнот од вашите желби и можности можете да изберете што сакате од големата лепеза на угостителски објекти. Доколку дојдете во лето, можете да уживате во бистрата вода на Охридското Езеро и топлиот песок на „Машка“или “Женска плажа“ ,“Евро плажа“, да го пиете омилениот коктел во Версус или Аквариус, или едноставно да уживате пиејќи кафе покрај реката Црн Дрим во убавиот Лондон бар.
Секако ќе останат неспоменати многу места, но ви даваме шанса сами да се запознаете со нив. Да поминете по препознатливиот „Мост на Нина“ или по чаршијата од каде можете да си купите нешто за себе или некој сувенир со кој секогаш ќе се сеќавате на ова мало, топло место. Кога ќе прошеташ по Струшката чаршијата од постарите стружани ќе слушниш: „Кога ќе пукне туристичката сезона, Струга наеднаш се изменува небаре низ чаршија пројурил Св.Ѓорѓија на бел коњ и со копје им ја пуштил застојаната крв, и се се разживеало.“
Бидете сигурни кога еднаш ќе ја посетите Струга, ќе сакате повторно бидејќи „КАКО СТРУГА НЕМАТ ДРУГА“.

Изработиле:
Наталија Крстеска
Ардита Тоска

Оваа статија е прочитана 1214 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger