Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » НАСА објави нови слободно достапни ноќни сателитски снимки на Земјата!

НАСА објави нови слободно достапни ноќни сателитски снимки на Земјата!

14.04.2017

На 12 Април 2017 година, научниците на НАСА (Националната администрација за аеронаутика и вселена) објавија најнова ноќна сателитска снимка на планетата Земја со висока резолуција. Сателитските снимки на Земјата кои уште се нарекуваат „ноќни светла“ имаат значајна улога во голем број на економски, општествени науки и истражувачки проекти за животната средина.
Првите ноќни сателитски снимки на Земјата се направени во текот на 2012, 2013 и 2014 година од страна на Американската агенција НОАА, односно нејзиниот геофизички дата центар. Снимката е добиена со користење на спектралниот опсег DNB (Day/Night Band) на сензорот VIIRS (Visible Infrared Imaging Radiometer Suite). Но откако е започнат проектот во 2011 година со лансирање на Suomi-NPP сателитот за добивање на ноќни снимки, неговите инструменти собираат податоци и за климата како дел од проектот на Системот за набљудување на Земјата – ЕОЅ (повеќе инфо овде). Притоа развиените алгоритми и софтверот овозможуваат да се направат јасни и чисти ноќни сателитски снимки во висока резолуција. Покрај ова, експретите од НАСА кои се вклучени во овој проект, работат на добивање секојденевни сателитски снимки на Земјата во текот на ноќа и имаат за цел објавување на такви снимки за научната заедница до крајот на оваа година.
Новата објавена композитна ноќна сателитска снимка на Земјата е добиена за време на сателитските снимања во 2016 година и може бесплатно да се симне во jpg екстензија. Новите снимки се добиени за време на ведри ноќи без Месечина. Освен фазата на Месечината, се внимава и на начинот како се емитува, прекршува и рефлектира светлината од копното, водените површини и атмосферата. Во предвид се зема и сезоналноста на вегетацијата, густината на облаците, аеросолите во атмосферата, снежната покривка, како и појавата на поларна светлина (Aurora Borealis и Aurora Australis). Новите снимки се креирани со податоци добиени од сите месеци во 2016 година. Потоа, научниот тим со посебни софтвери и алгоритми внесува код со кој се одбира најчистата ноќ во месецот (без облаци, месечева светлина, рефлектирана светлина), при што се добиваат јасни и контрастни ноќни снимки кои укажуваат на интензитетот на социо-економските активности. Со посебни техники и процеси, овозможено е сателитот Suomi-NPP да може да детекира и разликува генерирана светлина од рибарски брод до изолирано осветлување на автопат. Главниот инструмент кој е инсталиран на сателитот е сензорот VIIRS (Visible Infrared Imaging Radiometer Suite) кој детектира фотони на светлината рефлектирана од површината и атмосферата на Земјата во 22 различни бранови должини. VIIRS е првиот инструмент за квантитативни мерења на светлинска емисија и рефлексија, која им овозможува на истражувачите да направат разлика на интензитетот, видот и изворот на ноќни светла во текот на неколку години. Сателитот секојдневно ја снима Земјината површина во 13:30 часот попладне и во 01:30 часот во ноќта (по локално време), во вид на ленти широки до 3000 km. Притоа VIIRS го користи спектралниот опсег DNB (Day/Night Band) т.е “ден-ноќ бенд”, кој може да детектира светлина со 6 пати подобра просторна резолуција од претходните сателити за ноќно снимање на Земјата. Со новите прецизни ноќни сензори и новите автоматски техники за добивање на податоци, корисниците ќе бидат во можност да имаат пристап до новите ноќни сателитски снимки по само неколку часа од снимањето.
Благодарение на сензорот VIIRS но и тимот на НАСА и на Американската агенција НОАА, ќе биде овозможен пристап до најновите снимки кои ќе бидат од голема корист пред се за краткорочни временски прогнози или брз и ефикасен одговор на природни катастрофи и непогоди. Покрај тоа можат да се следат и краткорочни промени кои настанале на земјината површина, потоа циклични промени во просторот под влијание на човековите активности, миграцииите, процесите на урбанизација, економскиот развој на просторот, електрификацијата, разместеноста на населението, мониторинг на глечерите, влијанието на воените активности и многу друго.
Новите ноќни сателитски снимки од 2016 год како и ревидираните снимки од 2012 година можат да се симнат во JPG или TIFF формат (GeoTIFF) по региони или целосна ноќна сателитска снимка на Земјата на следниот линк.
Распоред на ноќната светлина на Земјата (горе)
Македонија преку ноќРаспоред на ноќната светлина на подрачјето на Република Македонија

Користени извори:
www.igeografija.mk/Portal/?p=5144
svs.gsfc.nasa.gov//12573
earthobservatory.nasa.gov/NaturalHazards/view.php?id=90008
www.nasa.gov/feature/goddard/2017/new-night-lights-maps-open-up-possible-real-time-applications
earthobservatory.nasa.gov/Features/NightLights/page3.php

Изработил: Кузманоски Арсе – ГИС
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

* Copy This Password *

* Type Or Paste Password Here *