Реализирана посета со студенти на географските факултети во Софија и во Ниш

4.05.2017

Во периодот од 25 до 27 април (вторник до четврток), група студенти од насоката ГИС и од наставната насока на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, заедно со 5 члена од наставниот кадар, реализираа посета на Геолого-географскиот факултет при СУ во Софија и на департманот за географија при ПМФ во Ниш. Првиот ден, групата пристигна во Софија, продолжувајќи со автобусот до зимско-спортскиот центар Алеко на планината Витоша. Од овој центар кој се наоѓа на 1850 метри надморска височина, се протега одличен панорамски поглед кон Софија и кон највисоките делови на планината Витоша. Затоа, по кратко теренско пешачење, во преубав природен амбиент беше одржано кратко предавање за планината, нејзиното значење за Софија, како и одредени аспекти од картографија и ГИС значајни за студентите. По преноќувањето во Софија, во претпладневните часови во следниот ден (средата), се изведе двочасовна посета на ГИС центарот на Геолого-географскиот факултет при Софискиот Универзитет (СУ). Овде, д-р Антон Филипов ги запозна студентите со универзитетот, факултетот, а особено со функционирањето на ГИС центарот, неговата поставеност, значење и функционирање во рамките на факултетот. Потоа, групата се упати кон Србија и поминувајќи низ преубавата Сиќевачка Клисура на реката Нишава, доцна попладне дојде во Ниш. Тука беше следното преноќување, на кое претходеше кратка прошетка по градот. Наредниот ден, на 27 април, групата го посети Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Ниш, каде од страна на раководните лица и професори се запозна со техничките, кадровските и другите услови на факултетот, а посебно на департманот за географија. Од голема важност е заемната средба на дел од наставниот кадар од нашиот Институт и департманот во Ниш, каде стана збор за подобрување и продлабочување на соработката преку разни форми.

Теренската посета до географските центри во Софија и Ниш помина во најдобар можен ред. За тоа огромен придонес имаа студентите, нивната заинтересираност и љубопитност кон она што го посетија и видоа. Од наставниот кадар, покрај организаторите проф. д-р Благоја Маркоски и проф. д-р Ивица Милевски, во патувањето учествуваа и на својствен начин го помогнаа проф. д-р Олгица Димитровска, доц. д-р Свемир Горин и асистент м-р Владимир Златановски.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 118 пати!

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published.