Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Expedia.com – една од водечките светски е-туристички агенции, постојано ја зголемува својата понуда за Македонија

Expedia.com – една од водечките светски е-туристички агенции, постојано ја зголемува својата понуда за Македонија

10.06.2017

Expedia e една од најголемите светски онлајн туристички агенции за букирање на хотели и други сместувачки капацитети, резервација на авио карти, рентање на автомобили и други помали додатни сервиси за патувања. Expedia опфаќа повеќе веб-страници и портали кои се во склоп на групацијата како trivago.com, hotwire.com, hotels.com, expedia.com и други помалку познати (помали) портали. Во својата понуда има над 385.000 сместувачки капацитети низ светот, како и понуда на билети за летови на околу 500 авио компании. Expedia е присутна во повеќе од 75 земји низ светот.

Историски гледано, оваа огромна онлајн туристичка агенција е основана од Бил Гејтс како дел од Microsoft. По неколку години од формирањето, Expedia излегува на берзата, а во 2001 година, Microsoft ја продава на USA Networks за околу 1.5 милијарди долари. Сите страници за букирање коишто припаѓаат под Expedia, нудат резервации на сместувачки капацитети слично како на booking.com. Expedia има рангирање на сместувачките капацитети по повеќе основи: по цена, по далечина од центарот на местото за кое пребарувате, по оценки од останатите гости, или по препорачани сместувачки капацитети од саматa expedia.com. На тој начин, може да се избере најпогодниот или најсоодветен сместувачки објект согласно нашите потреби.

Овде вреди да се напомене и односот на агенцијата кон понудувачите на сместувачки објекти. За разлика од booking.com, expedia нуди две опции за плаќање на провизијата од сместувачките објекти кои ги објавува. Првата опција е истата како на booking.com (на крајот на месецот се наплаќа провизијата на сместувачкиот капацитет), а втората опција (којашто ја нема booking.com) е гостинот да плати на expedia.com веднаш, а потоа на крајот на месецот сместувачкиот капацитет да ги наплати парите коишто му следуваат од expedia.com преку нивната виртуелна кредитна картичка. Всушност разликата помеѓу овие две опции на плаќање влијае само на сместувачките капацитети (во однос на наплатата на провизијата), но не и на гостите. Другата разлика е таа што за да бидете присутни на expedia.com како сместувачки капацитет, влезната провизија е повисока од онаа на booking.com и истата е фиксна. Од друга страна пак, expedia.com повеќе се грижи за своите верни клиенти т.е. некогаш двои од својата провизија за да им овозможи на гостите попусти за даден сместувачки капацитет. Со својата политика на развој, Expedia станува една од најпосетените и најкористени е-туристички агенции. Дека групацијата работи многу успешно, покажува и податокот дека таа со своите подружници, во 2016 година направила промет од околу 72 милијарди долари (7-кратно повеќе од БДП на цела Република Македонија). Сепак, без оглед на растечката популарност, Expedia далеку заостанува зад booking.com, посебно во Европа. И други статистички податоци ги потврдуваат разликите меѓу групацијата на expedia.com во однос на мегапопуларниот booking.com. Така, во првите 3 месеци од 2015 година, expedia.com со своите подружници продала 47,6 милиони ноќевања, додека booking.com повеќе од двојно, односно дури 104,6 милиони ноќевања.
Во Македонија, Expedia е присутна околу 5 години. Истата нема канцеларија во нашата држава, меѓутоа во последните години брзо се шири, паралелно со растот на туризмот. Моментално (јуни 2017 год.) во својата понуда има околу 160 сместувачки капацитети низ целата држава, од кои најмногу во Скопје (80), Охрид (50), Битола (14), Дојран (8), Гевгелија (5), Маврово и Струмица (3) и други градови. Тоа е многу помалку во однос на booking.com кој нуди околу 900 сместувачки објекти во Македонија, но разликата постојано се намалува. Сепак и во двата случаја е евидентна огромната регионална разлика во бројот на понудени објекти, односно апсолутно доминираат Скопје, Охрид и донекаде Битола. Во многу региони и градови има само еден или воопшто нема објект кој се нуди на expedia.com.
За крај може да заклучиме дека иако послаба од Booking.com, сепак Expedia незапирливо навлегува во бизнисот со онлајн туристилчките резервации. Во таа смисла, бележи добри резултати и остварува одличен промет. Во однос на клиентите пак, претставува привлечна опција за букирање бидејќи на лесен и ефикасен начин може да се резервира сместување или други дополнителни туристички услуги, некогаш дури и по поевтина цена од booking.com. Затоа, секогаш кога вршите онлајн резервација, проверете ги двата портали, споредете ја понудата и цените – можеби токму Expedia ќе ви го понуди она што го сакате за вашиот одмор или патување.

Извори:
www.expediainc.com
skift.com/2015/05/08/priceline-vs-expedia-by-the-numbers-in-first-quarter-2015/
www.statista.com/statistics/269386/gross-bookings-of-expedia/
marketrealist.com/2016/08/breaking-expedias-2q16-revenues/
www.nytimes.com/2001/07/17/business/technology-usa-networks-to-buy-75-of-expedia.html

Изработила: Емилија Маневска, насока туризам.

Стручна корекција и дополна: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 988 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger