Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Холандија – земја на полдери!

Холандија – земја на полдери!

11.06.2017

Полдер е Холандско име за исушените делови на плиткото море кои се претворени во плодно обработливо земјиште за производство на земјоделски култури. Полдери всушност претставуваат парцели нa „ново земјиште“ кои се наоѓаат под морското ниво, а се заградени со насипи. Холандија е класична земја за полдери, земја која во текот на целата своја историја се борела со морето. Поради силните бури и страшните поплави, жителите многу често морале да ги напуштаат подрачјата околу брегот и да се преселуваат кон внатрешноста. Високите бранови, морските струи и плимата, постојано се закана за холандскиот брег. Водата од морето не е единствена опасност, туку и реките што течат низ Холандија и се вливаат во морето. Кон крајот на зимата, кога снегот од планините ќе почне да се топи, огромни количества вода од Швајцарија, Германија, Франција и Белгија дотекуваат во реките кои минуваат низ Холандија. Заради сето наведено, Холанѓаните биле принудени да изградат бројни насипи со кои ќе се заштитат од морето и од реките кои се влеваат во него. Прво изградиле брани чии надворешни страни ги зајакнале со камења и цврсти столбови. Меѓутоа, постепено увиделе дека со вакви брани можат дел од плиткото морско дно да го претворат во обработливо земјиште. Идејата им изгледала одлична, па со огромен труд и заеднички напори, постепено на морето му земале метар по метар, а тој нов, добро заштитен простор, погоден за користење, го нарекле полдер.
Првите полдери се изградени во XVIII век. Освојувањето на ново земјиште почнало со изградување на насип широк до 100 m и висок до 15 m. Обично се граделе геометриски четириаголни и повеќеаголни парцели. Првите 2 години водата постепено се извлекува од земјата. Поради тоа, земјиштето постепено се слегнува, а неговото ниво секогаш е малку пониско (3-5 m) од нивото на морето околу него. Во следните 4 години, на добиеното солено земјиште прво се одгледуваат растенија кои се отпорни на солена вода и кои природно придонесуваат за збогатување на земјиштето. По речиси целосното извлекување на солта (обично по 8-10 години), почнува вистинското искористување на полдерите како обработливи површини за производство на култивирани растенија.
Се до XIX век, за извлекување на водата во полдерите се користеле ветерници. Во XVIII век (т.н “златно време” на полдери), во Холандија работеле 10 000 ветерници, кои освен за регулирање на водата во полдерите, се користеле за прехрамбената и текстилната индустрија, индустријата за производство на хартија, па и за производство на масло, сенф и боја. Ветерниците во XIX век се заменети со пумпи на пареа, а денес се користат електрични пумпи на дизел-гориво. Ветерниците денес претставуваат туристичка атракција и се незаменлив детал на холандскиот пејсаж.
На полдерите секогаш им се заканува поплава и нивните брани мора секогаш да се одржуваат. Насипот околу полдерот спречува тој да биде поплавен, освен во случај на обилни врнежи. За да не дојде до посериозни проблеми, водата во полдерите мора да се испумпува, а потоа истата поминува низ цел систем на канали низ кои истекува до станицата за испумпување. Станицата водата ја испумпува во систем на езера и канали, кој има улога на резервоар за вода надвор од полдерот. Вишокот вода се испразнува во морето за време на осека.
Иако ¼ од полдерите се наменети за градење на куќи, патишта и отворени површини, голем дел од земјиштето се користи за земјоделски култури и говедарство. Одгледувањето на говеда за добивање млеко и млечни производи е многу развиено токму на полдерите. Така по производство на млеко Холандија е петта, а по производство на сирење (едамер и гауда) четврта во Европа. Холандскиот извоз на лалиња претставува 65% од светскиот извоз. По лалето, на полдерите се одгледуваат нарциси и зумбули. Покрај тоа, главни земјоделски култури се компир, шеќерна репка и житарици.
На полдерите живееат 60% од жителите на Холандија, а државата вложува се повеќе напор за заштита на постоечките полдери, но и за добивање нови површини. До денес, од морето е „одземена“ површина од 1650 km кв., а се очекува таа наскоро да достигне 2000 km кв.
Некои од најпознатите холандски полдери и години на нивно изградување се: Бемстер (1612), Харлемермер (1852), Вирингермер (1930) и Флевополдер (1966). После Холандија, околу 123 полдери има Бангладеш (за заштита од тропски циклони), а помали површини имаат и Франција, Италија, Белгија, Полска, Велика Британија, Канада и САД.

Извори:
en.wikipedia.org/wiki/Polder
geografijagimnazijakgsasa.blogspot.com/2015/08/blog-post_83.html
wol.jw.org/mk/wol/d/r102/lp-mc/102004765#h=43

Изработил: Мартин Ефремовски – студент на ПМФ-Скопје

Објавено од:

Од категорија: По Светот · Tags: ,

Leave a Reply

*