Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Каков е долгогодишниот тренд на температурите и врнежите во Македонија и колку навистина ни се менува климата?

Каков е долгогодишниот тренд на температурите и врнежите во Македонија и колку навистина ни се менува климата?

26.06.2017

Во последните децении, доста се шпекулира околу тоа дали се во тек климатски промени и колку изнесуваат истите. Размислувањата на водечките светски климатолози одат од тотално негирање, па до претерано преувеличување на климатските промени. Во секој случај, бројни држави изработија сценарија за очекуваниот тренд на климатските промени и соодветни мерки за акција и прилагодување.

Од нашите сознанија и консултираната светска литература, произлегува дека климатски промени имало за целата историја на Земјата – некогаш многу бавни (со милиони години), а во одредени случаи и за многу краток временски период (супервулканска ерупција). Сепак, сите тие спаѓаат во т.н. природни климатски промени предизвикани од природни фактори (поместување на Земјината оска, орбитата на Земјата, промени на сончевата активност и зрачење, вулкани, земјотреси и други појави на Земјата). Од друга страна се антропогените промени на климата, кои произлегуваат од промената на покривноста на земјиштето, промена на албедото и севкупното иззрачување (рефлексија) од површината, промена на хемизмот на атмосферата (концентрација на гасови, особено CO2 и многу други.

Бројни климатолози укажуваат дека климата на Земјата се менува, но проблем е да се издвојат антропогените од природните промени. Исто така, треба да се има во предвид фактот што метеоролошките станици од XIX и почетокот на XX век, биле лоцирани во далеку помали населени места во однос на денешните големи градови и мегалополиси. Ако се земе дека значителен број метео станици во светот биле и сеуште се во близина или во самите градови, прашање е дали промените на климатските елементи се предизвикани од места со голема концентрација на население и активности или пак тоа е „рамномерен“ глобален феномен.

Во Република Македонија, слично како и во другите држави во Европа, во минатите 2 децении се изработени повеќе сценарија, моели и акциски планови за справување со климатските промени. Сепак, често, показателите во тие документи не се поклопуваат со она што вистински се случува во природата. Имено, од анализираните податоци за температури и врнежи за 4 метеоролошки станици (Берово, Делчево, Кочани и Штип), за периодот 1951-2016 година (65 години), произлегува следното:

Температурите во последните 30 години (1987-2016) се за околу 0,4 степени повисоки од оние за периодот 1951-1980 година. Особен пораст се забележува од 1990 година па наваму, додека 1970-тите и 1980-тите се години на температурна стагнација. Според графиконот прикажан подолу, јасен е трендот на покачување на средногодишните температури. Најголемо покачување има за летните месеци јуни, јули и август (околу 1 степен), а во месеците ноември и декември воопшто нема пораст на температурите помеѓу двата периоди. Паралелно со покачување на температурите се јавува зголемено траење и интензитет на сончево зрачење вклучувајќи го штетното УВ зрачење. Во основа, наведеното е неповолност (за здравјето, вегетацијата, живиот свет), но од друга страна може да се искористи како ресурс за добивање на значителна топлинска и електрична енергија на нашите простори.

Трендот на температурите во источниот дел на Република Македонија (во степени C.)

Врнежите покажуваат уште поспецифична тенденција. Според податоците за истите метеоролошки станици (Делчево и Кочани ги земаме со одредена резерва), вкупните годишни врнежи не само што не се немалуваат, туку за околу 2-5% се повисоки во периодот 1987-2016 во однос на периодот 1951-1980. Она што е интересно е што драстично се зголемени сезонските и годишните амплитуди на врнежи, како и амплитудите на интензивни (поројни) врнежи. Така, во 2011 година просекот на годишните врнежи за 4-те станици е само 350 mm, но во 2014 година е речиси 900 mm! Според тоа, главен проблем со трендот на врнежите не е нивното намалување, туку засилувањето на нерамномерноста и особено честината на интензивни до поројни врнежи од една страна и на сушни периоди од друга страна. Наведеното веќе има ефект врз појавата на метеоролошко-хидролошки природни непогоди (поплави, ерозија, свлечишта, суши и др.). Во таа смисла, добар систем на акумулации во комбинација со соодветни биотехнички и хидротехнички мерки, може не само да го ублажи ефектот, туку и драстично да ги намали штетите од изразито нерамномерните врнежи.

Долгогодишниот тренд на врнежите во источниот дел на Република Македонија (во mm)

Иако анализите се направени само за 4 станици во источниот дел на Република Македонија, според расположивите податоци сличен е трендот и во останатите делови на државата, со тоа што некаде е повеќе, а некаде помалку изразен. Во таа смисла, неопходни се одредени корекции на досегашните сценарија (често математичко-статистички шаблонизирани) за климатските промени во нашата држава, а во врска со тоа и на мерките и активностите за нивно ублажување, прилагодување и сл. Воедно, треба да се има на ум дека промените на климата зависат од огромен број на фактори, а дел од нив воопшто не може да ги предвидиме ниту контролираме (евентуална блиска ерупција или суперерупција, ќе предизвика сосема поинаков тренд за период од повеќе години, па и децении).

Автор: д-р Ивица Милевски

Извори: 
www.igeografija.mk/Portal/?p=5153
www.igeografija.mk/Portal/?p=6077
www.igeografija.mk/Portal/?p=737

Оваа статија е прочитана 1073 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger