Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Закинтос – островот на забавите и прекрасните плажи!

Закинтос – островот на забавите и прекрасните плажи!

2.07.2017

Закинтос е трет по големина јонски остров во Грција со должина од 40 km, широчина од 20 km и површина од 405 km кв. Бреговата линија на овој остров има должина од 123 km, а највисоката точка е врвот Врахионас со 758 m. Од главното копно е оддалечен близу 20 km, односно може да се стигне само со траект или друг вид на пловно средство. Климата на Закинтос е многу пријатна, со топли зими (со просечни температури од 8-15 степени) и пријатни, толи лета (во просек околу 25-33 степени). Во текот на летото, врнежите се многу ретки и со мал интензитет, но затаоа зимата е доста врнежлива. На островот живеат околу 40 000 жители, од кои најголем број (10 000) во градчето Закинтос на источната страна на островот. Покрај него има уште неколку мали градчиња и десетина туристички селски населби.

Островот Закинтос слободно може да се нарече центар на забавите во Грција. Секоја година, илјадници туристи доаѓаат на овој прекрасен остров во Јонското Море за да станат дел од интензивниот ноќен живот, а епицентарот на сите збиднувања на островот, без сомнеж е Лаганас. Во Лаганас се наоѓа една од најубавите и најдобро организираните плажи во цела Грција, на само 11 километри јужно од главниот град Закинтос. Плажата се одликува со должина од преку 9 километри, прекрасен ситен песок и кристално чисти води. Всушност, целиот остров е надалеку познат по убавите и чисти песочни плажи, идилични и скриени заливи. Спортовите на вода се ограничени најмногу заради желките кои ги полагаат своите јајца во дел од плажата. Лаганас e главниот град за забава на островот. Најпознатата улица во него се состои речиси во целост од ноќни клубови, барови и ресторани за брза храна. Градчето е популарна дестинација особено за помладите посетители. На самата плажа има добри барови и ресторани кои се редат по целата должина. Ноќните клубови се преполни секоја вечер.

Дел од баровите во Закинтос нудат алтернативни форми на забава, како прикажување на филмови на големи екрани, придружени со одлична понуда на алкохолни пијалаци и храна; караоке забави, натпревари во танцување итн. Можеби најдоброто нешто за ноќниот живот во Лаганас е фактот што ноќните клубови и баровите не наплатуваат влезници. Освен забавите, интересен за посета е и малиот остров Маратониси кој е во средината на заливот Лаганас и со својата специфична форма потсетува на желка што плови во морето. Тоа, заедно со фактот што ендемските желки коишто живеат на Закинтос ги користат плажите на ова островче како место за несење на јајца, се причините поради кои местото го добило своето второ име „островот на желките“. Најпозната плажа на островот Закинтос е Навагио – плажа со фин бел песок, тиркизно море и познатиот труп на бродот заринкан во песокот. Освен како Навагио (што на грчки значи труп од брод), плажата е позната и како „Заливот на шверцерите“ заради приказната која објаснува како се нашол таму трупот на бродот кој денес е заштитен знак на Закинтос.

Втората атрактивна плажа, Камео е од затворен тип, на која преку викенди се организираат најголемите забави во Лаганас. Се наоѓа на преубавото мало островче Агиос Состис кое со мовче е поврзано со копното. Влезот на плажата е 4 евра од лице со вклучен пијалок. Голем број врвни дискотеки и клубови, одлични ресторани со специјалитети од сите делови на светот, но и незаборавните излети со гарантирано незаборавни доживувања. Вистински избор за младите и оние кои така се чувствуваат. Забавата започнува оној момент кога ќе пристигнеш на островот, а завршува кога ќе си заминеш од него.

Извори:
www.iguana.com.mk
www.savana.com.mk
www.rapsodytravel.com.mk

Подготвила: Милена Бојкова, насока туризам.
Корекција: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 635 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger