Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Примена на дроновите како средство за интервенција при земјотреси

Примена на дроновите како средство за интервенција при земјотреси

6.09.2017

Дроновите се моќна технологија. Иако беспилотните летала полека навлегуваат во секојдневниот живот, во послабо развиените земји, нивното комерцијално користење сеуште е на многу ниско ниво. Луѓето обично сметаат дека станува збор за играчки кои се употребуваат за рекреација или платформи за камери кои се користат за снимање на свадби и други прослави, меѓутоа вистинските можности се далеку поголеми. Во однос на посериозните намени, до пред неколку години беспилотните летала се применуваа само за воени потреби, како на пример, за шпиунажа или за зголемување на безбедноста. Меѓутоа, во последно време, со драстичниот пад на цените на малите беспилотни летала, започна и нивната употреба во земјоделството, сточарството, за мониторинг на воздухот, па и како средства за интервенција при природни непогоди.

Поради можноста за креирање на 3D модели на теренот, кои често се подетални и подостапни од сателитските снимки, дрновите овозможуваат брз мониторинг и трагање на местото на природната катастрофа. Бидејќи ваквите настани доаѓаат без предупредување, експертите сметаат дека со добра организација, примената на дроновите при вакви случаи би била од огромно значење. Таков е случајот и при појави на разорни земјотреси, кога со помош на дронови се утврдува кои мостови и патишта се стабилни за користење, каде постои множност за појава на пожар, каде разурнатите градби затрупале луѓе и слично. При вакви настани, дроновите веќе стануваат главна алатка во спасувачките мисии, вршејќи детален мониторинг, аудио-визуелен, инфра-црвен и термички преглед на теренот, па дури и доставување на вода, храна или лекови до непристапните, разрушени или оштетени места. Употребата на хеликоптери за оваа намена може да биде скапа, па и ризична, посебно при лоши временски услови. Со споредување на поранешни сателитски стари снимки и снимките од дрон, се врши анализа на степенот на штета, проценка на зафатената површина.

Модел на разрушен објект при земјотресот во Тајван во 2016-та година, генериран со снимки од дрон

Меѓу првите посериозни користења на дронови при земјотреси е од страна на Меѓународната организација за миграција уште од 2012 година, со цел да ги документира штетите настанати во Хаити по земјотресот во 2010 година. Во 2014 година, организацијата Лекари без граници, за прв пат примени беспилотни летала за достава на вакцини и медикаменти во Папуа Нова Гвинеја. Дроновите играле клучна улога во хуманитарната акција при земјотресот во Непал во 2015 година. Имено, веднаш по земјотресот неколку дронови биле упатени кон погодените подрачја со цел да ја снимат состојбата. Во овој случај, со примена на беспилотните летала, хуманитарните работници заштедиле повеќе од 3 часа, колку што би им било потребно за да стасаат до подрачјата погодени од земјотресот доколку било применето превозно средство. Исто така, дроновите биле искористени и за 3D картирање на зафатената територија, што може добро да се види на следниот линк.
Во април 2016 година, земјотрес со магнитуда од 7.8 степени го погоди Еквадор, притоа уништувајќи домови, згради и сообраќајна инфраструктура. Веднаш по земјотресот, за подобра прегледност на ситуацијата, Владата на Еквадор применила дронови кои се користеле за собирање на информации за состојбата на теренот, како и за потрага по затрупани луѓе и животни. Подоцна, беспилотните летала се користеле и за креирање на квалитетни ортофото снимки и карти со цел да добие појасна слика за настаната штета.

Дрон-мониторинг на подрачјето во Непал разрушено од силен земјотрес во 2016 година.

Предноста кај малите беспилотни летала е во тоа што тие се релативно евтини и лесни за употреба, што ја намалува потребата од голем број на хуманитарни работници, падобрани и скапи уреди за пристапност до погодените зони.
Сепак, недостаток на дроновите е што истите можат да носат мала тежина (1-50 кг), со што доставата на поголеми хуманитарни пратки е ограничена. Денешните дронови сеуште се со релативно краток домет (најчесто до 5 km) и краток лет поради тежината на батеријата што можат да ја носат (колку поголема батерија, толку помалку останува за камера, пакети и други содржини). Исто така, потребно е големо искуство и претпазливост при управувањето со далечинско беспилотно летало, при што особено треба да се внимава да не дојде до судир со друго воздушно летало. Во таа смисла, во тек е развој на автономни мали беспилотни летала со висок степен на вештачка интелигенција и алтернативни извори на енергија.
Според нашите сознанија, во Република Македонија дроновите сеуште не се употребуваат за мониторинг и помош при земјотреси, ниту пак за анализа на теренот и сеизмичноста во пост-периодот, а тоа донекаде беше евидентно при земјотресите во Скопје во 2016-та и во Охрид во оваа 2017-та година. Во таа смисла, се надеваме дека ќе се создадат услови за поголемо вклучување на оваа најнова технологија и кај нас.

Извори:

drones.fsd.ch/en/case-study-no-13-using-drones-to-inspect-post-earthquake-road-damage-in-ecuador/
huffingtonpost.com/2015/05/07/nepal-earthquake-drones_n_7232764.html
inverse.com/article/20210-humanitarian-aid-drones-italy-earthquake
networkingexchangeblog.att.com/enterprise-business/could-drones-really-be-used-in-earthquake-recovery-efforts/
reuters.com/article/us-humanitarian-summit-nepal-drones-idUSKCN0Y7003
usatoday.com/story/tech/nation-now/2017/02/23/drones-mobilized-earthquake-response/98290258

Подготвиле: Билјана Бабаноска и Антонио Трајков

Рецензија и корекција: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 902 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger