Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Харви и Ирма – најразорни урагани кои ја погодија Америка во последниот век!

Харви и Ирма – најразорни урагани кои ја погодија Америка во последниот век!

10.09.2017

Источниот брег на САД и Карибите, секоја година се погодени од серија на силни деструктивни урагани, кои нанесуваат големи материјални штети од неколку десетици милијарди долари и голем број на човечки жртви. Ураганите Харви и Ирма се појавија во кратки временски периоди креирајќи ги најголемите тропски бури во последната деценија. Но што всушност се случува и како дејствуваат ураганите?
Речиси 90% од серијата на тропски бури и урагани настануваат над Атлантскиот Океан западно од државата Сенегал каде топлиот и сув воздушен фронт се среќава со студен воздушен фронт на простор од неколку стотина илјади километри квадратни. Во тие моменти, топлиот воздушен фронт се издигнува над студениот фронт, при што настануваат интензивни врнежи, проследени со силни ветрови создавајќи тропски циклон. Циклоните по правило носат лошо време, а ветровите во нив дуваат од периферијата кон средиштето во правец спротивен од движењето на стрелките на часовникот, и на тој начин циклонот предизвикува асцедентни воздушни струења.
Тропските циклони се карактеризираат со пречник поголем од 500 километри, во чиј центар владее „простор на тишина“ или т.н. око на циклонот со пречник и до 80 километри. Кај циклоните, воздушниот притисок се намалува и ветровите (воздухот „се врти“ околу областите со низок притисок) достигнуваат брзина до 300 km/h. Самите ветрови проследени со дожд имаат разорни последници.

Областа каде настануваат и се развиваат ураганите (според Wikipedia/hurricane).

Сезоната на урагани во САД започнува од почетокот јуни и трае се до крајот на ноември кога повеќето тропски циклони се формираат над Атлантскиот Океан и се движат кон Северна и Централна Америка, следејќи ги топлите морски струи. Доколку брзината на ветровите изнесува околу 75 km/час, тогаш тропскиот циклон се нарекува тропска бура, а доколку брзината надминува над 75 km/час, тогаш се нарекува ураган. Ураганите се класифицираат и според интензитетот и времетраењето на врнежите, вредноста на воздушниот притисок и брзината на ветровите. Притоа е застапена следната класификација: урагани од прва, втора, трета, четврта и петта категорија.
На 17 август 2017 година, започна формирањето на тропската бура „Харви“ над Карибите. Во текот на следните денови прерасна во ураган од прва категорија, додека помеѓу 24-ти и 25-ти август, ураганот премина во четврта категорија, станувајќи прв ураган од таа категорија после ураганот Вилма која ги погоди Карибите во 2005-та година. Со регистрирани максимални 219 km/h на ветровите и со максимални врнежи од 1.389 mm воден талог во сојузната држава Тексас, ураганот Харви претставува еден од највлажните тропски циклони регистрирани во историјата на САД.

Ураганот Харви во максимален развој на патот кон Тексас.

Штетите кои настанаа како последица од ураганот се огромни. Само во државата Тексас, над 300.000 жители останаа без електрична енергија, 30.000 луѓе се преселени а околу 13.000 жители се извлечени. Според Одделот за јавна безбедност на Тексас, над 185.000 куќи се оштетени, додека над 9.000 се целосно уништени. Економските штети се проценуваат помеѓу 150-180 милијарди долари, надминувајќи ги штетите настанати од ураганот Катрина кои изнесуваа 120 милијарди долари. Сепак, најголема загуба се човечките животи. Според последните проценки, од ураганот Харви загинале помеѓу 60 и 70 луѓе, главно во Тексас (неколкумина сеуште се водат за исчезнати).
Само десетина дена по Харви, се појави уште еден жесток ураган, наречен Ирма. Истиот веќе ги погоди Порторико, Доминиканската Република, Хаити и Куба, а правецот на движење според Националната океанска и атмосферска администрација (National Oceanic and Atmospheric Administration) на САД, ќе биде преку државата Флорида се до сојузната држава Тенеси. Ирма претставува екстремно моќен тропски циклон од петта категорија, и е најмоќниот Аталантски ураган после ураганот Вилма од 2005-та година. Речиси 37 часа, брзината на ветровите достигнуваа до максимални 300 km/h, што претставува ураган со најдолго времетраењето на силата на ветерот од категоријата 5 кој е досега регистриран, додека брзината на движење на Ирма изнесува 20 km/h. Димензиите на ураганот се масивни, самиот пречник изнесува 570 km, додека површината изнесува колку Франција.
Влијанието на Ирма веќе се чувствува на крајбрежјето на Флорида, каде високи бранови влијаат врз бреговите, а ветровите достигнуваат и до 100 km/h. Досега истиот предизвика структурни оштетувања на објектите за домување, објектите во изградба, прекини на електрична енергија, поплавување на крајбрежните простори како и изолирани појави на торнада. Во Куба и Бахамите е извршена евакуација на населението од најзагрозените области, додека на територијата на државата Флорида процесот на евакуција е во полн ек.
Ситуацијата на теренот дополнително ја влошува зголемената температура на водата во Карибското Море каде достигнува до 32°С, бидејќи делува како гориво кој го засилува интезнитетот на ураганот. Ураганите се хранат од испарувањата на топлите води во океаните. Климатските промени настанати од глобалното затоплување, придонесуваат за се почести појави на урагани и тропски бури, го продолжуваат времетраењето на дејствување, ја засилуваат јачината на ветровите и врнежите, креирајќи притоа најмоќната природна сила на планетата Земја. Само за споредба, ураганот Ендрју кој го погоди источното крајбрежје на САД во 1992 година, класифициран како петта категорија, е речиси три пати помал по површина од ураганот Ирма актуелен овие неколку денови.
Последиците од ураганот Ирма се очекува да бидат огромни, можеби поголеми дури и од Харви. Досега од овој ураган загинаа 30 луѓе, а се очекува бројката да порасне на над 100. Вкупната штета само од двата урагани, веројатно ќе надмине 300 милијарди долари, а бројот на жртви да се искачи на 150-200. Што е уште пострашно, сезоната на урагани е далеку од готова. Покрај сеуште активната „Ирма“, се засилува новиот ураган Хозе кој е во процес на формирање над Атлантскиот Океан. Ураганите како најмоќна природна сила секогаш ќе предизвикуваат страв и паника кај населението, големи материјални и економски штети.

Положба на ураганите Ирма и Хозе на 9.09.2017.

Развојот на технологијата, метеоролошките следења и истражувања, сателитските и радарските снимки, овозможуваат во реално време да се следи состојбата на просторот, да се дадат точни прогнози за движењето на активните урагани и да се следи развојот на нови урагани. На следниот линк може да се следи состојбата на ураганот Ирма во живо: (https://weather.com/storms/hurricane/news/hurricane-irma-florida-georgia-south-carolina-north-carolina-forecast-path).

Прогнозирани патеки на движење на ураганите Ирма и Хозе. (https://stn.wim.usgs.gov)

Треба да се напомене дека сите современи истражувања покажуваат дека рекордно уништувачките урагани, во голем дел се последица на климатските промени и глобалното затоплување. Очекувањата се дека фрекфенцијата на вакви разорни појави и понатаму ќе се зголемува, а со тоа и бројот на жртви и штетите од нив.

Користени извори:

spaceplace.nasa.gov/hurricanes/en/
weather.com/storms/hurricane/news/hurricane-irma-florida-georgia-south-carolina-north-carolina-forecast-path
www.usgs.gov/special-topic/hurricane-harvey
www.nhc.noaa.gov/
en.wikipedia.org/wiki/Hurricane_Harvey
en.wikipedia.org/wiki/Hurricane_Irma
worldview.earthdata.nasa.gov
www.usgs.gov/special-topic/hurricane-harvey
www.usgs.gov/special-topic/hurricane-irma
www.facebook.com/EgoStupriAmoreMaps/photos/a.725151950861889.1073741828.660513290659089/1615022748541467/?type=3&theater

Изработил: Арсе Кузманоски – ГИС
Рецензија: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2886 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger