Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Како со помош на е-туризмот ефтино да уживате во некоја (европска) дестинација?

Како со помош на е-туризмот ефтино да уживате во некоја (европска) дестинација?

30.09.2017

Во минатите 6-7 години, користејќи го напредокот во е-туризмот (електронски, „интернет-договорен“ туризам) и моето следење на погодностите што ги нуди истиот, ми се укажа можност да посетам 15-тина популарни туристички дестинации низ Европа: Париз, Копенхаген, Познањ, Будимпешта, Бохум, Варшава, Малме, Братислава, Виена, Барселона, Малта и др. Сето тоа беше изводливо со користење на веб-пребарувачот на ефтини летови е-dreams како и туристичките портали за избор на сместување Booking, Expedia и Airbnb. Особена поволност беше доаѓањето во Македонија на унгарската компанија за ефтини авио-летови Wizzair, која за краток период воспостави врски до повеќе градови во Европа. Веб порталот на Wizzair го користев не само за проверка на цените, достапноста и релациите на авионските летови од Скопје, туку и од блиските аеродроми, особено на оној во Софија (некои релации се комплементарни). Во одредени случаи или за одреден дефиниран период можно е од тие соседни аеродроми да се најдат многу поефтини варијанти (на пример Белградскиот и Софискиот имаат поголем избор на ефтини авио-компании и авио-врски), но понекогаш се случува и обратно – летот да е најефтин токму од Скопскиот аеродром. При патувањето со Wizzair најчесто користев дисконт карта со важност од една година, со која цените на билетите и на дополнителните услуги се уште пониски. Во случај кога со оваа компанија не е достапна бараната релација, добра замена е порталот е-dreams. Неговата предност е што ги бара најефтините варијанти споредувајќи ги цените на десетици авионски компании. Воедно, може да се споредат цените на летовите до истата дестинација од блиските соседни аеродроми а разликата може да биде и двојна. Така, до наведените поинтересни европски дестинации, цените преку Wizzair, со вклучен кабински или чекиран багаж може да се движат од само околу 1500 денари до околу 10.000 денари во двата правци по лице. Преку пребарувањата на е-dreams, за релации кои не се покриени со Wizzair се добиваат нешто повисоки цени, меѓутоа и тие можат да бидат во рангот на 10.000 до 20.000 денари за лет во двата правци, со вклучен голем багаж (зависно од кој близок аеродром, со која компанија, кој период и сл.). Во секој случај, цените на авионските билети од Скопје и соседните аеродроми, до поголемиот број Европски дестинации, во последните години станаа исти па и пониски од цените на автобускиот или железничкиот билет до истата дестинација.
Што се однесува до сместувањето, првин најдобро е да се погледне понудата на мегапопуларниот Booking.com кој во одредени случаи нуди значителни попусти и промоции. Дури и да не сакаме да го користиме Booking, добро е да се видат оценките од овој портал за даден сместувачки објект, што може да ни биде од голема полза. Според моите искуства, оценките, фотографиите и коментарите од посетителите на овој портал се доста објективни, посебно ако станува збор за повеќе од 50 оценувања (мал број оценки и коментари може да бидат субјективни). Без оглед на официјалниот текст на објектот или на туристичката агенција која нуди сместување, вистинска претстава за квалитетот на објектот во кој би сакале да престојувате, се добива само преку преглед на оценките и коментарите (позитивни или негативни) на посетителите кои веќе биле таму. Освен Booking, голем број оценки, препораки и коментари за сместувачките објекти и самата дестинација, може да се видат на порталот TripAdvisor. Инаку, во мојата досегашна пракса, никогаш немало проблем со резервирање преку Booking и најчесто сместувањето било согласно очекувањата од прочитаните оценки и коментари. Предноста на ваквото резервирање е големата понуда на објекти, цена обично по соба (или апартман), а не по лице и тоа што обично има опција за бесплатно откажување на резервацијата до неколку дена пред резервираниот период (во тој меѓупериод, може да си резервирате поповолна понуда). Многу слична е постапката и кај Expedia, со тоа што изборот на објекти и дестинации е нешто помал.

Доколку на двата портали, цените за сместување изгледаат превисоки, добро е да се погледне веб-сервисот Airbnb, кој функционира на принципот на изнајмување или делење (со други гости или со сопствениците) на апартман, куќа, соба и сл. Во државите каде хотелското сместување за наши стандарди е многу скапо (Скандинавија, Британија, Париз и др.), преку Airbnb може да се најдат навистина солидни понуди во рангот од 30-50 евра за ноќевање за еден или двајца. И на овој сервис добро е претходно да се видат коментарите од гостите (кои треба да ги има барем 5-6), а истите да бидат со средна оценка од најмалку 4. Повратот на средства доколку се откаже резервацијата на Airbnb не е целосен, бидејќи сервисот си ги наплаќа трошоците (10% од вкупната сума). Од останатата цена, голем дел од понудените објекти даваат само делумен поврат на средства при откажување на резервацијата или пак воопшто не се враќаат средствата, посебно ако периодот на прекин е пократок од 20 дена до датумот на престојот. Затоа е потребна претходна внимателна проверка на понудениот објект и сопственикот или понудувачот, преку оценките, коментарите, фотографиите од посетителите и др. Во изминатите 5 години, сервисот Airbnb го користев 9 пати и при тоа немав никаква непријатност или сместување под очекувањата, посебно со оглед на цените кои беа и тројно пониски од слична понуда на Booking (како во Копенхаген, Малме, Барселона па и Братислава).

Ако на ниту еден претходен сервис не најдете сместувачки објект токму на посакуваното место, кварт или локалитет, добро е да се провери сервисот Google Maps, каде при подобар зум се прикажуваат речиси сите хотели и апартмани во пребаруваната област, со оценки и коментари за него, како и контакт број, веб или e-mail адреса. До сега, овој сервис неколку пати ми помогнал да изберам најповолно и најсоодветно сместување, без да користам Booking или друг портал, со директна комуникација (договарање и преговарање) до самиот објект.
Освен превозот до дадена дестинација и сместувањето, многу значајна финансиска ставка може да биде јавниот превоз. Имено, во поголемите Европски градови, цената на единечна карта за јавен превоз се движи од 1-3 евра, што за наши услови е скапо. За среќа, многу често се нудат дневни или повеќедневни карти за јавен превоз со дополнителни попусти, неограничено возење, возење со повеќе видови превозни средства (автобус, метро, трамвај, па и брод) и сл. Оваа варијанта секако е далеку поефтина (и до 5 пати) отколку да се користат единчни карти, особено ако сакаме добро да го разгледаме градот или регионот околу него. Така, на Малта на пример, единечна карта за јавен превоз е 2 евра, а 7-дневна карта за неограничено возење е 21 евро (ако дневно се возите 4-5 пати, тогаш 20 евра ќе потрошите само за 2 дена). Некои места нудат комбинирани карти за јавен превоз со попусти за посета на музеи, атракции, локалитети и сл. Така, Барселона ја има познатата Barcelona card која нуди неограничен јавен превоз за 2-5 дена, бесплатна посета на некои атракции, големи попусти и други погодности. Цената на оваа карта за 3 дена е 40 евра, што со оглед на општите цени во овој град е прилично пристојно.

Како и да е, иако на прв поглед поединечните цени за патување, сместување и јавен превоз до некоја европска туристичка дестинација не изгледаат високи, очекувајте дека за една кратка посета од 3-5 дена, со внимателно трошење (или штедење) ќе дадете најмалку 20-30 илјади денари за двајца. За наши услови тоа не е мала сума, но од друга страна, до пред само некоја година (пред достапноста на ефтините летови и сместувачки веб сервиси), сличните аранжмани беа 2-3 пати поскапи, а во многу случаи и невозможни (немање на врска, прескап или долг превоз, немање на информации и др.). Затоа, обидете се максимално да ги користите погодностите на е-туризмот и веројатно ќе имате можност да посетите повеќе атрактивни места и држави, не само во Европа туку и пошироко. Патувањата пак, ќе ве направат духовно побогати, посреќни, а ќе имате и поголемо чувство на задоволство во животот.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

 

Оваа статија е прочитана 525 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger