Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Научниците открија нова, 57-ма тектонска плоча!

Научниците открија нова, 57-ма тектонска плоча!

23.09.2017

За време на истражувањето на трите тектонски плочи во источниот дел на Тихиот Океан, покрај брегот на Јужна Америка, научниците открија нова, релативно мала тектонска плоча. Новата плоча го добила името “Малпело”, според два локални топоними од кои првиот е по име на локален остров, додека вториот е според име на подводен гребен. Малпело е прва новооткриена тектонска плоча во последната деценија, а со помош на најсовремената технологија, се очекува откривање на уште неколку нови плочи.

Инаку, плочата наречена Малпело била откриена со внимателно следење на движењата на локалните плочи. Познато е дека тектонските плочи се движат многу бавно – од неколку милиметри, до намногу неколку сантиметри годишно. Пацифичката тектонска плоча, како една од десетте најголеми плочи кои ја сочинуваат Земјината кора, на исток се граничи со две помали плочи: Кокосовата и Наска плочата, кои се наоѓаат во близина на островите Галапагос. Сите три плочи се во меѓусебно движење, а кога ќе се собере нивното аголно забрзување, збирот би требало да изнесува нула. Во случајов нивниот збир е 15, што значи дека вкупното поместување на плочите изнесува петнаестет милиметри годишно. Тоа е многу голема вредност што укажува дека најмалку уште една плоча која се наоѓа во непосредна близина, влијае врз вкупната брзина. За да се потврди претпоставката, научниците поставиле сонари долж бреговите на Еквадор и Колумбија со цел јасно да се идентификуваат границите на тектонските плочи во овој дел. Станало јасно дека помеѓу Кокосовата и Наска плочата има уште една мала (микро) плоча, со т.н. дифузни тектонски граници кои ја сечат длабоката океанска кора непосредно во близина на бреговите на Еквадор и Колумбија.

Дифузните граници најдобро може да се опишат како серија на многу мали раседи. За разлика од нив, трансформните раседи и зоните на раздвојување се многу покомпактни. Земјотресите кои настануваат долж дифузните граници претежно се слаби и ретки, а оние долж континуираните раседи се карактеризираат со висока сеизмичност која придонесува во нивното полесно и појасно дефинирање. Сепак, дури и новата плоча целосно не го објаснува вкупното движење, па продолжува потрагата по уште една помала, веројатно 58-ма по ред тектонска плоча. Сето ова е значајно за подобро разбирање на динамиката на планетата Земја, особено на нејзината литосфера.

Извори:

news.rice.edu/2017/08/14/new-plate-adds-plot-twist-to-ancient-tectonic-tale/
academic.oup.com/gji/article/162/1/239/2009227/Dynamics-of-diffuse-oceanic-plate-boundaries

Автор: Кристијан Вељаноски, насока ГИС
Рецензија: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 1200 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger