Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Излезе новата верзија 5.0 на одличниот бесплатен ГИС софтверски пакет SAGA!

Излезе новата верзија 5.0 на одличниот бесплатен ГИС софтверски пакет SAGA!

24.09.2017

На задоволство на многумина кои се занимаваат со ГИС проблематика, во месец јули оваа (2017) година излезе верзијата 5.0 од бесплатниот ГИС софтверски пакет SAGA. SAGA или SAGA GIS денес спаѓа меѓу најдобрите софтверски пакети наменети за работа и анализи на разни видови геопросторни податоци. Името претставува кратенка од изразот: System for Automated Geoscientific Analyses (Систем за автоматизирани геопросторни анализи). Без оглед што е слободен (бесплатен) софтвер со отворен код, SAGA може да се користи за широк спектар на потреби: од наједноставни прегледи и конверзии на подржаните формати, преку моќни растерски и векторски анализи, па до најсложени ГИС апликации кои ги има само во скапите комерцијални софтвери. Поседува многу добра, прегледна и едноставна работна околина, со бројни опции за прикажување на добиените резултати во обичен, но и 3Д приказ. Има многу едноставна и кратка „инсталација“, која се сведува на распакување на компресираната датотека. Уште една предност е тоа што SAGA може да работи како на Windows така и на Linux оперативни системи, а и на двете платформи функционира доста брзо.

Изглед на работното поле на SAGA GIS v5.0 со топографска анализа и виртуелизација на теренот на Скопската Котлина.

Последната, односно верзијата 5 (SAGA v5.0) донесува неколку значајни подобрувања во графичкиот интерфејс, како и бројни мали промени кои ја прошируваат употребливоста на овој софтвер. Најголемата промена се однесува на можноста да се направи колекција од повеќе грид леери (слоеви). На тој начин, можно е да се прават комбинации според потребите за растерски прикази и анализи, како што се мултиспектарни снимки, просторно-временски серии, детектирање на просторни промени итн. Со тоа воедно се подобрува можноста за работа на полето на далечинска детекција со новите сателитски снимки и нивна комбинација со дигиталните висински модели. Воедно, се овозможува и подобро детектирање и екстракција на просторни содржини од споменатите растерски леери. Во новата верзија на SAGA се додадени бројни модули кои можат да го олеснат моделирањето на ризикот од природни непогоди (ерозија, свлечишта, поплави и др.) за анализираниот простор. Исто така, вреди да се напомене дека значително е подобрена визуелизацијата на податоците, потоа поддршката за импортирање и експортирање во разни формати и бројни други опции.
Инаку, развојот на SAGA GIS започна во 2002 година на универзитетот во Готингем – Германија, а од 2007 година, центарот е префрлен на Институтот за физичка географија во Хамбург. Интересно е тоа што софтверот функционира врз основа на бројни модули креирани според потребите на корисниците. Со малку повеќе работа и знаење, секој може да креира таков модул по желба. Сето наведено е причина SAGA GIS да биде меѓу најкористените геоаналитички и ГИС апликации во светот и тоа самостојно или во рамките на мегапопуларниот Quantum GIS. Последните 10-тина години овој софтверски пакет се изучува и на насоката ГИС на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, особено во рамките на предметот далечинска детекција кај проф. д-р Ивица Милевски.

До официјалната веб-страна на SAGA можете да дојдете преку следниот линк.

Подготвила: Моника Андрееска

Оваа статија е прочитана 1251 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger