Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Мистериозните камени јајца во Кина

Мистериозните камени јајца во Кина

8.10.2017

Ридско – планинска провинција во југозапдниот дел на Кина – Гуичжоу стана медиумска атракција заради необичниот геолошки феномен за кој експертите сеуште немаат објаснување. Станува збор за камени формации, обликувани во форма на јајце, поради што локалното население локалитетот го нарекува “Chan Dа Ya” – карпа што создава јајца. Карпата е висока 6 метри, а нејзината должина изнесува 20 метри. Овие совршено обликувани јајцевидни камења се појавуваат на секои 30 години. По изминување на тој период “зрелите јајца” паѓаат од карпата и оставаат простор за создавање на нови вакви камени топки. Во недостиг на веродостојно научно објаснување за нивната појава и настанување, локалното население верува дека овие камења носат добра среќа и машки деца во семејството. Заради ваквото верување, тие собрале повеќе од стотина камења, од кои зачувани се околу 70. Камењата имаат дијаметар помеѓу 30 до 60 сантиметри, а истите можат да достигнат тежина до 300 килограми.

Досегашните истражувања покажуваат дека карпите во областа настанале пред 500 милиони години, односно во камбриумскиот геолошки период, додека пак, специфичниот дел од карпата (дел од планината Ганден) е составен од варовнички карпи. Според експертите, станува збор за забрзана селективна ерозија, при што помеките карпи брзо се распаѓаат, а поцврстите заостануваат во вид на јацевидни камења. Сепак, ова не објаснува како е можно камењата да бидат совршено мазни и тркалезни. Вакви јајцевидни камења се појавуваат и во други делови на светот, како во Колорадо, но истите не се во толку голема бројност и со толку правилен облик, како што е тоа во Кина. Всушност, и во Република Македонија, на неколку локалитети се јавуваат речиси правилни камени топки кои по својот карактер се вулкански топки. Најголемите вакви топки се јавуваат во Кратовско – Злетовската вулканска област и настанале за време на силни ерупции, пред околу 15-20 милиони години. При исфрлањето на лавата во воздухот, некои парчиња добивале правилен облик кој уште повеќе се оформувал при нивното тркалање.

Извор: www.kurir.rs/planeta

Подготвила: Моника Андрееска

Оваа статија е прочитана 968 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger