Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » За климата на Република Македонија…

За климата на Република Македонија…

16.12.2011.  Автор: Ивица Милевски

Климата е мно­гу значаен гео­граф­ски фактор. Од климата зависи коли­че­с­твото на врнежи, пол­но­водноста на реките, богатството на растителен и животински свет, а секако и ак­тив­но­ста на човекот во просторот. Во стопанството, климата има осо­бе­но влијание врз зем­јоделството, шумарството, потоа сообраќајот, туризмот, начинот на живеење и др. Климатските фактори одредуваат каква ќе биде климата во одреден простор. За Репуб­лика Македонија, најважни климатски фактори се: географската положба, рел­је­фот, бли­зината на околните мориња и атмосферските струења.

Во однос на географската положба, Република Македонија се наоѓа на северната по­лу­топка и тоа малку појужно од средишниот напоредник на оваа полутопка (кој минува низ Белград). Тоа зна­чи дека нашата држава лежи во умерениот топлински појас и е поблиску до екваторот отколку до северниот Пол. Затоа добива сосе­ма до­вол­но топлина за развој на растителниот и животинскиот свет во поголемиот дел на годи­ната. Поради положбата, во Република Македонија има четири јасно изразени годишни времиња. Летото трае од 22 јуни до 23 септември, а зимата од 22 декември до 21 март.

Близината на Егејското Море од само 60 km и на Јадранското Море од 80 km имаат големо влијание врз климата на Република Македонија. Тоа особено е изразено по долината на реките Вардар, Струмица, а нешто помалку и на Црни Дрим, каде нав­легуваат топли и влажни воздушни маси. Освен морињата, врз климата на нашата земја влијае и Атлантскиот Oкеан од каде доаѓаат влажни воздушни маси особено во пролет и есен.

Релјефот со својата височина и правец на протегање, има значително влијание врз кли­мата на нашата држава. Високите планини во западниот и јужниот дел на Репуб­ли­ка Маке­до­нија ги спречуваат топлите и влажни морски влијанија да навлезат по­дла­боко во внатрешноста. Нивното навлегување е можно само преку долините на Вардар, Струмица и Црни Дрим. Од друга страна, средно високите планини и широките долини во северниот дел, овозможуваат навлегување на студени воздушни маси од север. Затоа, во зима дури и во појужните делови на државата температурите може да се спуштат многу ниско. Освен планините, значително вли­јание имаат и котлините. Некои котлини се заградени со планини од сите страни, па преку зима нивните најниски делови може да бидат многу студени. Некои котлини пак се исполнети со езера, кои не дозволуваат околниот воздух преку лето многу да се загрее или преку зима многу да се разлади.

Општите струења на атмосферата исто така имаат значење за климата на Ре­пуб­ли­ка Ма­кедонија. Во летниот период често се јавува пробив на тропски воздушни маси од Аф­ри­ка, пратен со многу високи температури или со таканаречени „црвени дож­до­ви“. Во зима пак, се случува пробив на поларни воз­душ­ни маси од северните делови на Евро­па и од Сибир, па се јавува многу студено време.

Во последно време и човекот има зна­чително влијание врз климата. Тој не са­мо што ја менува микроклимата во некој про­стор со градење на вештачки езера, по­шу­­му­ва­ње, туку со загадувањето ја менува глобалната клима на Земјата.

Слично како релјефот и климата на Република Македонија е многу интересна и разно­видна. Тоа може да се согледа преку климатските елементи, од кои најзначајни се: темпе­рату­рата на воздухот, врнежите, ветровите и др. Кли­мат­ски­те елементи се доста променливи и тоа како просторно така и временски, бидејќи врз нив влијаат многу фак­тори.

Температурата на воздухот се менува во зависност од го­дишните времиња, рел­је­фот, близината на морињата, големината на природните и вештачки езера, пошу­ме­но­с­та и слично. Средната годишна температура на воздухот во Република Македонија изнесува 11,5°С и се движи од околу 0°С на високите планини до 15°С во јужните под­ра­чја околу Дојран и Валандово. Досега најниската измерена температура на воздухот изнесува -32°С во Берово, а највисоката 45°С во Демир Капија. Општо земено, понис­ки­те делови на котлините и речните долини се потопли од планините, јужните страни се потопли од северните, а западните страни се потопли од источните.

Врнежите во Република Македонија во просек годишно изнесуваат околу 680 mm, што е релативно мала вредност. Најмногу врнежи има во западниот дел на држа­ва­та, особено во долината на реката Ра­дика (околу 1200-1400 mm/год.). Причина е бли­зи­ната на Јадранското Море и висо­ки­те планини кои се испречуваат на влажните воз­душни маси. Кон исток врнежите се намалуваат, така што во централни­от дел на По­вар­дарието, во Тиквешијата и Овче Поле, тие изнесуваат под 500 mm годишно. Поради малата облачност и врнежливост, овде се јавува најдолго осончување со околу 2500-2600 часа годишно. Кон исток врнежите повторно малку се зголемуваат.

Ветровите во Република Македонија се честа појава, особено во зимскиот пе­ри­од. Сепак, тие не се толку силни како во другите делови на Европа и Светот. Врз појавата, правецот и силата на ветровите најмногу влијае релјефот. Најпознати ветрови се вардарецот и југот. Вардарецот е сув и студен ветер кој дува од север кон југ, нај­често во зимскиот период.

Без оглед на големината на државата, климата значително се менува од југ кон се­вер, од запад кон исток и од пониските делови кон планините.

Така, близината и отвореноста кон Егејското Море, условува во јужните делови, околу Гевге­ли­ја, Валандово, Дој­ран, до Демиркаписката Клисура да преовладува изме­не­та средозем­но­морска (ме­дите­ранска) клима, со благи и врнеж­ливи зими и топли, суви лета. Овде мразот е ретка појава, температурите многу ретко паѓаат под -10°С, но преку лето се случува да се искачат и над 40°С. Поради отвореноста кон север и југ, ветровитоста е голема, особено кај Гевгелија, заради што овде се пре­д­видува градба на првата елек­тро­централа на ве­тер во Македонија. Слични климатски одлики има под­рачјето на Стру­мичката Котлина, каде топлите воз­душни струења од Егејско Море на­влегуваат по до­лината на реката Струма и нејзината притока Струмица. Поради по­вол­ните климатски карак­терис­ти­ки, во овој јужен дел на нашата татковина се од­гле­дуваат рано­гра­ди­нар­ски култури. Во Дојранската Котлина пак, топлите зими овозможуваат одгледување дури и на суптропски култури како кивито и маслинката.

Во средишниот дел на нашата држава (средно Повардарjе), владее умерено-кон­ти­нентална клима со сосема слаби медитерански влијанија, чие навлегување е оне­­­во­з­можено од тесната, а долга Демиркаписка Клисура. Овој реон се протега по до­ли­на­та на Вардар, од Демир Капија на југ, до Скопје и Куманово на север, потоа по Брегал­ни­ца до Кочани на ис­ток и по Црна Река до Мариово на запад. Овде зимскиот мраз е по­честа појава. Најниските температури се спуштаат и под -20°С, додека летните пак се искачуваат дури до 45°С. Според просечното количество на врнежи од само 400-500 mm/год., овој простор е меѓу најсиромашните во Европа, така што наликува на сте­пски и полупустински пејсаж. Интересно е и тоа што по долината на Вардар се јавуваат сил­ни ветрови, особено во Овче Поле и кај Демир Капија, заради што и овде се пре­д­видува изградба на централи на ветер. Ваквите климатски услови и долгото осончување од дури 2600 часа, пого­ду­ваат за развој на лозарството и за производство на многу квалитетно македонско ви­но.

Останатите пониски котлински подрачја на нашата татковина (Пелагонија, По­лош­­ка, Дебарска, Кумановска, Делчевска Котлина), се одикуваат со типична уме­ре­но-конти­нентална клима, со студени зими и многу топли лета. Врнежите овде се малку по­високи (околу 600 mm), но сепак недоволни и неповолно распоредени во годината. Повисоките котлини (Кривопаланечка, Беровска, Мавровска), имаат кон­тинен­тал­на клима, со студени зими (до -32°С) и свежи лета (до 35°С) и не многу силни вет­рови. Пријатната клима дава потенцијали за развој на туризмот, сточарството и шумар­ството во овие простори.

Интересна е локалната клима во Охридската и Преспанската котлина. Иако се релативно високи (700-900 m), тука зимите не се студени (над 0°С) а летата се свежи (до 35°С). Тоа е заради влијанието на Охридското и Преспанското Езеро, кои преку зима го загреваат а преку лето го разладуваат околниот воздух. Поради таквата клима и чистиот воздух, овие простори ги нарекуваат воздушни бањи.

На крај да напоменеме дека високите планински подрачја, се одли­ку­ва­ат со сурова планинска клима, студени зими и лета, просечни годишни температури околу 0°С и врнежи околу 1000-1200 mm, преку зима во вид на снег. Снегот обично се задржува од ноември до мај, а на највисоките осојни страни и до август. Заради тоа, овде е развиен зимскиот скијачки и летниот планинарско-рекреативен туризам.

Автор на статијата: д-р Ивица Милевски

Од категорија: На тема · Tags: ,

Leave a Reply

*

* Copy This Password *

* Type Or Paste Password Here *