Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Врз основа на најнови дигитални висински модели добиени просечни височини и наклони на европските држави

Врз основа на најнови дигитални висински модели добиени просечни височини и наклони на европските држави

8.10.2017

Без оглед на бројните дигитални висински модели (националини, континентални или глобалнии) кои ја покриваат територијата на Европа, сепак во литературата не се среќаваат унифицирани и стандартизирани морфометриски податоци за државите на европскиот континент. Од друга страна, релјефната разновидност на регионите и државите доста добро може да се согледа токму преку вакви стандартизирани морфометриски податоци. За таа цел користејќи ги двата современи и квалитетни глобални дигитални висински модели MERIT и SRTM направени се квантитативни анализи по држави, за целиот континент. Во анализите главно се опфатени минималната, максималната и просечната височина, максималните и просечните наклони на теренот. Првин, од споменатите модели е издвоено подрачјето на Европа, со 54- те држави. Воедно, направена е проверка на точноста на моделите, при што како референтен е користен 5-метарскиот висински модел на Република Македонија. Утврдените отстапувања се користени како индекси за корекција на вредностите од SRTM и MERIT моделите. Најголеми отстапувања се забележани кај вредностите за максимална височина во дадена држава (до 58 метри) и кај максималните наклони (до 15 степени). Сепак, по извршените корекции добивме резултати кои се многу блиски до реалните вредности.
Во однос на просечната височина, во Европа највисока е Андора со 2076 m, потоа Швајцарија со 1297 m и Лихтенштајн со 1079 m. По нив следуваат Црна Гора (1028 m), Австрија (944 m) и Македонија (829 m). Тоа значи дека Македонија е 6-та според просечната височина, но ако се исклучат малите државички како Андора и Лихтенштајн, доаѓа на високото 4-то место. Најмала просечна височина пак, имаат Холандија со 10,5 m, Данска со 32 m и Естонија со 53 m.

Во однос на наклоните, повторно прва е Андора, со просечни 26 степени, потоа Монако и Лихтенштајн со по околу 20 степени, Швајцарија со 18,5 степени, Албанија со 16,2 степени, а потоа Австрија, Црна Гора и Македонија со по над 15 степени. Значи тргајќи ги на страна малите државички, Македонија е на високото 5-то место според просечната наклонетост на теренот. Како држави со најмал просечен наклон се издвојуваат Холандија со само 0,5 степени, потоа Естонија со 1 степен, па Белорусија, Данска и Литванија со по 1,5 степени. Значи тоа се „најрамните“ држави во Европа.

Според претходното, Република Македонија е меѓу 5-те највисоки и најстрмни држави во Европа, а на Балканскиот Полуостров е веднаш по Црна Гора.

Добиените резултати за просечната височина и наклони може да ги погледнете и на претставените графикони (истите може да се отворат во целосна резолуција). Подетални податоци пак, наскоро ќе бидат објавени во вид на научен труд, прв со ваков пристап и методологија.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 276 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger