Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Како исчезнале диносаурусите?

Како исчезнале диносаурусите?

10.10.2017

Од каде потекнува зборот диносаурус?

Во почетокот на 19-от век на неколку места во јужна Англија беа пронајдени необични фосили, со огромни коски, кои не припаѓаат на ниту еден дотогаш познат организам. Реконструкцијата на скелетот укажувала на необични животни, кои по својата градба потсетувале на гуштери. Сер Ричард Овен (1804-1892г.), познат британски палеонтолог, во 1842 година овие животни ги нарекол диносауруси. Како комбинација од грчките зборови deinos (чуден, страшен) и sauros (гуштер), можно е коски од диносаурус да биле откриени и многу порано, така, има индикации дека некои биле пронајдени уште во 5- от век п.н.е. Некои научници претпоставуваат дека грчкиот историчар Херодот, зборувајќи за грифон, всушност опишувал диносаурус. Во еден кинески тескст во 3-от век н.е, се споменуваат “коски од змеј”, кои можеби се однесуваат и на фосилни остатоци на некој диносаурус.

Зошто исчезнале диносаурусите?

До сега се дадени над сто теории за исчезнувањето на диносаурусите, меѓутоа најголем дел од нив се отфрлени. Така, некои научници сметале дека диносаурусите исчезнале поради тоа што малите цицачи кои живееле тогаш ги јаделе нивните јаца. Меѓутоа, тоа би значело дека бројот на такви цицачи бил голем, а факт е дека тие всушност биле многу ретки во мезозоикот. Исто така, факт е дека диносаурусите и цицачите живееле заедно уште од крајот на тријас, а сепак немало такво исчезнување на диносауруси. Други научници сметале дека диносаурусите исчезнале поради наводното зголемување на сончевото зрачење, за што не постојат никакви докази. Меѓу отфрлените теории е и онаа дека диносаурусите исчезнале поради болест. Меѓутоа, и за вакво нешто нема реални докази. Има и многу почудни теории, од тоа дека овие џиновски суштества биле убиени од вонземјани, па до тоа дека биле потиснати од огромни видови дрвја.
Сепак, денес најприфатено е тврдењето дека неколку различни фактори довеле до пад на бројноста и конечно исчезнување на диносурусите и други животински видови кои живееле заедно со нив. Покрај постепеното заладување на климата кон крајот на мезозоикот, што сигурно имало влијание на намалување на бројноста на диносаурусите, две катастрофи од глобални размери, најверојатно ја запечатиле нивната судбина. Тоа е удар на голем метеорит и ерупција на супер вулкан. Метеорити се мали парчиња на вселенски камења кои успеваат да поминат низ амосферата и да паднат на Земјината површина. При ударот, во зависност од големината, создаваат помал или поголем кратер. Меѓутоа, во минатиот век, научниците почнаа да претпоставуваат дека веројатно пред околу 65 милиони години, во Земјата удрил метеорит со џиновски размери. Кон крајот на минатиот век се повеќе се зголемиле доказите дека навистина на подрачјето на денешниот полуостров Јукатан, во Мексико удрил метеорит со пречник од околу 11 km. Истиот предизвикал огромно цунами, голем ударен бран, а потоа и серија на последици со кои бил уништен првин растителниот свет, а подоцна и самите диносауруси. Доказ за ваков удар е слој на иридиум, кој стратиграфски лежи точно на граница помеѓу мезозојските и кенозојските слоеви. Неговата концентрација се зголемува, особено во правец на Централна Америка и полуостровот Јукатан. Исто така, фосилните остатоци од диносаурусите покажуваат дека нивното изумирање било најголемо токму на американскиот континент.

Некаде во исто време, во подрачјето на денешна Централна Индија, започнала серија на силни вулкански ерупции кои траеле повеќе милиони години произведувајќи милијарди тони пепел и лава. За такво нешто говорат дебелите магматски напласти на висорамнината Декан. Толкавиот џиновски супер вулкан сигурно предизвикал блокирање на сончевата топлина и светлина што довело до пад на температурата на Земјата. Тоа пак, условило драстично намалување на растителната покривка, изгладнување на диносаурусите и на крај нивно целосно исчезнување.

Подготвилa: Моника Андрееска
Извор: www.astronomija.org.rs/ivot/447-zato-su-nestali-dinosaurusi

Оваа статија е прочитана 527 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger