Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Потенцијали за екотуризам во долината на Злетовска Река

Потенцијали за екотуризам во долината на Злетовска Река

16.12.2011.  Автор: Анита Милевска

На прашањето: што е екотуризам, тешко може да се одговори, а и нема концизни дефиниции. Според Лукас (1984), зголемената чувствителност на животната средина од една, како и потребната заштита на с# повеќе загрозениот природен простор, посебно во индустрискиот свет од втора страна, придонесе за развој на посебни видови туризам “базиран на уживањето во природните пејзажи  и набљудувањето на природата” (Lukas, 1984). Инаку, во Европа и во светот, поимот екотуризам се јавува во втората половина на XX век и е поврзан со современиот тренд на “одржлив развој”. За разлика од масовниот туризам кој е поврзан со “популарни” туристички дестинации, екотуризмот укажува на престој на индивидуи, семејства и помали групи туристи во планински подрачја, селски средини, подрачја заштитени со закон и др., на таков начин што тие би се “вклопиле” во природната средина. Тоа значи дека за сместување би се искористиле постоечките резиденцијални објекти (реновирани и прилагодени за прифат на туристи), природна, чиста и здрава храна, чиста изворска вода и рекреација пропратена со доста пешачење, излети, возење велосипед, рибарење идр. Кај нас, екотуризмот станува актуелен последните години, но сепак сметам дека уште многу треба да се вложи за негова популаризација, со што би се постигнале доста позитивни ефекти и за државата и за локалното население кое живее во тие области.

Злетовска Река е едно од подрачјата во Република Македонија кое располага со големи потенцијали за развој на екотуризмот, пред се во однос на природно-географските фактори и услови. Почнувајќи од релјефните особености кои се токму “во контекст” на еколошкиот туризам, бидејќи не станува збор за планински падини погодни за типичен скијалишен туризам, или за останати видови на масивен туризам, туку нудат најпогодни можности за кратки излети, прошетки, уживање во природата без напрегање, бучава и сл.

Од веќе обработените климатски карактеристики, овој простор располага со пријатна клима, со просечна годишна температура од 7,5 степени Целзиусови, врнежи од 600-750 мм, а во повисоките делови и врнежи од снег кои се задржуваат неколку месеци, потоа поголемо осончување на јужните страни од просторот, помала облачност во летниот период, односно во целина преовладува клима со свежи лета и студени зими. Освен климатски елементи има развиено и богата хидрографска мрежа, како што се поголемиот број извори, потоци, притоки, реки, чие што богатство е предуслов за формирање разновиден растителен свет, кој воедно претставува и прочистувач на воздухот. Со изградбата и создавањето на Кнежевското Езеро како дел од хидросистемот „Злетовица“, овој простор доби уште еден прекрасен хидрографски објект, примамлив и атрактивен за посета. Самото езеро значително го промени природниот пејсаж, а веројатно веќе влијае на микроклиматските, вегетациските и другите карактеристики на областа. Ваквите примамливи природно-географски фактори овозможуваат во Злетовската област да се развие овој вид туризам.
Потенцијалите на овој простор се стремат за развој на т.н. нестандарден вид туризам “екотуризам” каде човекот ќе може да ги користи природните блага, но во исто време треба да се внимава и истите да не ги загади или уништи.
Покрај природно-географските како можности за развој на екотуризмот треба да се земат во предвид и одредените социо-економски карактеристики. Тука, пред се, се мисли на селските населби, кои од една страна претставуваат база каде ќе се сместуваат туристите и од каде ќе се упатуваат во одредени атрактивни простори, а од втора страна селата како основа за т.н. селски туризам.

Поимот селски туризам, или како што некои го нарекуваат туризам на село, доколку се надоврземе на дефиницијата дека туризмот претставува општествено движење, кое е обусловено со задоволување на рекреативните и културните потреби, претставува таков начин на користање на слободното време кој е обусловен со задоволување на рекреативните, но и културните потреби во просторите на руралните средини. Овде се разбира станува збор за еден мошне широк спектар на рекреативни активности, за кои во урбаните простори воопшто не постои можност истите да се задоволат. Така на пример, покрај долгите прошетки низ руралните простори кои се карактеризираат со чист и квалитетен воздух, овде можат да се активираат и една низа невообичаени активности, како што се: косењето трева, молзењето добиток, собирањето шумски плодови, подготвувањето традиционални јадења и пијалоци, берењето зеленчук и овошје, активно учество во некои манифестации карактеристични за ваквите простори, но и некои вообичаени активности карактеристични и за останатите видови туризам, како што се на пр. ловот, риболовот, спортувањето во зимски услови и слично. На некој начин селскиот туризам опфаќа низа можности и активности кои што се карактеристични како за традиционалните, така и за алтернативните форми на туризам.

Од сето досега изнесено може да се заклучи дека во овие села се нудат можности за развој на екотуризмот. За да се постигне сето тоа, треба да се превземат одредени активности:

-Изградба на сообраќајна инфраструктура, односно поврзување на населбите со современи патишта;
-Изградба на енергетска инфраструктура и телекомуникациски врски;
-Реновирање на постарите, но интересни објекти;
-Изработување на посебни проекти за оспособување и едукација на населението за прием на туристи;
-Обновување на традиционалните манифестации кои би привлекле посетители и др.

Најдобар начин за да се покрене овој процес, потребно е да се овозможат неповратни кредити или други финансиски средства со одредени поволности кои ќе го стимулираат населението, да може да ги реконструира, да ги преуреди руралните објекти и да ги приспособи за туристички потреби. Во состојба на голема невработеност на населението од околните градски (Пробиштип, Кратово, Кочани) и селски средини (Злетово и др.), ова би било чекор во вистински правец-без некои крупни вложувања би се остварувал солиден приход, пејсажот ќе го измени својот изглед, па дури би можело да се очекува активирање на невработеното население или нивно “гравитациско” приближување до селските средини од каде емигрирале пред неколку децении. Според нашите размислувања, ако оптимално се организира просторот за изведување на екотуристички програми (како што е случајот со селата од  северните падини на планината Пелистер), горниот дел од сливот на Злетовска Река би можел во перспектива да прифати околу 10.000 до 15.000 еко-туристи годишно со целосно почитување на принципот за “одржлив развој”, без да се нарушува животната средина. Тоа би значело годишен приход од околу 1,5 до 2 милиони евра, што секако не е за потценување (средствата би можеле да бидат и многу повисоки доколку се привлече странска клиентела, а просторот се опреми со комплементарни “наплативи” содржини како занаетчиски традиционални производи-сувенири, изворни продавнички-бакалници, ликовно-уметнички творби, изнајмување на монтбајк велосипеди, организирање на излетнички тури до интересните локалитети и др.).

Анита Милевска

Оваа статија е прочитана 2616 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger