Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Хималаите – највисокиот планински масив на Земјата и предизвик за авантуристите

Хималаите – највисокиот планински масив на Земјата и предизвик за авантуристите

19.10.2017

Хималаите преставуваат највисок планински масив на планетата долг речии 2500 кm и со просечна широчина од околу 300 кm. Своето име го добиле од санскритскиот јазик што значи „дом на снегот“. Самиот планински венец се протега преку пет држави: Пакистан, Индија, Кина, Бутан и Непал. Неговото создавање започнало пред околу 70 милиони години кога индоавсталиската плоча се судрила со евроазиската. Индоавсталиската плоча е сеуште во движење кон север, што доведува до пораст на Хималаите до 5 mm годишно. Движењето на Индиската плоча на север го прави регионот сеизмички мошне активен. Овој планински масив е богат со глечери и езера кои се наоѓаат на височина до 5000 m, а планинските реки, спојувајќи се низводно ги формираат теченијата на Инд (Пакистан), Ганг (Индија), Брамапутра (Индија) и Иравади. Хималајскиот планински масив го сочинуваат повеќе од 100 планини (планински ограноци) кои се повисоки од 7000 m. Меѓу нив се и највисоките планини – врвови во светот, како Монт Еверест (8848 m), К2 (8611 m) и други, прекриени со снег и мраз во текот на целата година.

Местоположба на Хималаите

Хималаите се состојат од 4 паралелни појаси кои стрмно се спуштаат кон Индо-гангската Низина.

  • Најсеверниот појас (Високи Хималаи) ги опфаќа највисоките делови на масивот; десетина врвови (претежно во Непал) со висина преку 8000 m, а највисок е Монт Еверест (8848 m).
  • Средишниот планински појас (Ниски Хималаи) се со просечна висина од 4000 m, а највисок е делот во Непал (до 6000 m).
  • Најјужниот појас, со просечна висина од 900 до 1200 m, прави премин кон Индо-гангската Низина. Многуте глечери – околу 15.000 (со приближно 12.000 кm кубни вода), се наоѓаат претежно во централниот дел, особено во подрачјето на Монт Еверест и Канченјунга.
  • Долниот појас е долг 70 кm, распослан на границата помеѓу Индија и Пакистан и овде е вториот по должина глечер на светот надвор од поларните области.

Хидрографија

Речиси сите поголеми реки извираат во северниот дел на Хималаите. Од западната страна се формира Индскиот басен, во кој најголема е реката Инд. Таа започнува од висорамнината Тибет и тече на југозапад низ Индија и Пакистан, каде се влива во Арапското Море. Речната мрежа е добро развиена на јужните падини. Останатите реки се од басенот Ганг-Брампутра. Ганг тече преку рамнините на југ од Хималаите, а Брамапутра извира во Тибет, ги пресекува Хималаите и на запад се влева во Бенгалскиот залив, формирајќи делта со реката Ганг. Реката Иравади извира од источната страна на Тибет и тече на југ низ Мијанмар до Андаманското Море.
Реките до висина од 1000 m се покриени со тропска шума која минува во суптропска, а од 2000 m со широколисна шума со умерена клима. Северните падини на Високи Хималаи се покриени со сиромашна вегетација. Во Хималаите има и стотици глацијални езера, повеќето на надморска висина под 5000 m. Најголемо е Пангонг Цо (помеѓу Индија и Кина), кое зафака површина од околу 700 km кв.

Клима

Хималаите се климатска преграда помеѓу тропско-монсунската во Индија и континенталната пустинско-степска во средна Азија. Просечната јануарска температура на јужните падини (во висина од 2000 m) изнесува 6,5°С, а јулската 18,5°С. Над 4500 m температурата во летните месеци е под 0°С. Годишното количество на врнежи на јужните падини изнесува од 3500 mm до 4500 mm, додека пак северните падини примаат многу помалку врнежи.

Освојувања

Алпинистите и љубителите на планинарењето ги мами овој планински масив во текот на целата година. Тие се подготвуваат со месеци за оваа опасна авантура, бидејќи покрај својата убавина таа има и своја негативна страна. Со своето блескаво белило таа може да придонесе за трајно слепило кај алпинистите ако не соодветно заштитени, а да не зборуваме дека може да настанат многу посериозни здравствени проблеми па и смртни случаи. Според проценките, до денес при искачувањето на Хималајските врвови загинале над 1000 планинари, од кои 300 при искачување на Монт Еверест. Сепак и покрај сите овие опасности, алпинистите и понатаму не се откажуваат од искачувањето на овој највисок врв. Монт Еверест е највисокиот врв на Хималаите и во светот, а своето име го добил по главниот геодет во тоа време кој престојувал во Индија (Џорџ Еверест).
Висината на овој највисок врв за прв пат била измерена во 1953 година, а првите луѓе кои го освоиле се Едмунд Хилари и шерпасот Тензинг Норџ.

Првите искачувања на највисоките врвови на Хималаите се извршени во 50-тите години на 20-от век: Анапурна (8091 m) во 1950 година, потоа Монт Еверест (8848 m ) во 1953 година, врвовите Канченјунга I (8598 m) и Макалу II (8481 m) во 1955 година и Лотсе I (8511 m) во 1956 година.

Македонски освојувачи

Првото македонско освојување на Хималаите го направил Димитар Илиевски – Мурато (1953-1989) во 1989 година. Илиевски не успеал да се врати и официјално се води како исчезнат. По него, овој врв го освоиле Глигор Делев (2007 год.), потоа др. Сашко Кедев (2009 год.), Здравко Дејановиќ (2010 год.) и Илина Арсова (2013 год.), како прва македонка која се искачила на врвот. Врвниот алпинист пак, Здравко Дејановиќ е првиот македонец кој покрај на Монт Еверест се искачил уште на два изразито високи и опасни врвови на Хималаите и тоа: на К2 (2014 год.) и на Анапурна (2015 год.).

Извори:

  • www.esа.com
  • www.mk.wikipedia.org
  • www.britannica.com/place/Himalayas
  • www.britannica.com/place/Himalayas/Study-and-exploration


Изработил
: Драгана Ефтимова
Рецензија и корекција: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 1067 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger