Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Илинска и Плакенска Планина – преубави предели за рекреативно планинарење

Илинска и Плакенска Планина – преубави предели за рекреативно планинарење

25.10.2017

Со планинската површина која покрива 80% од нејзината територија, Република Македонија е дестинација за планинарење со голем потенцијал. Меѓу поинтересните, а релативно слабо посетени планини се Илинска и Плакенска планина кои се наоѓаат во југозападниот дел на Македонија, односно, јужно од Кичево, помеѓу областа Дебарца на запад и Демир Хисар на исток. Заедно со планината Бигла го формираат Илинскиот блок, долг околу 40 кm, со правец на протегање северозапад – југоисток. Поврзаноста на планините придонесува за создавање на трите клучни подрачја, односно националните паркови: Маврово, Пелистер и Галичица.

Илинска Планина

Илинска Планина е средно висока планина со динарски правец на протегање од северозапад кон југоисток. Највисоки врвови се Лиска (1909 m), Старец (1577 m), Ветреник (1902 m) и Стирени Камен (1898 m). Оваа планина се наоѓа помеѓу котлината Дебарца на запад, долината на реката Треска на север, на исток до Демир Хисар и долината на Беличка Река. Додека пак на југоисток продолжува во Плакенска Планина. На Илинска Планина се наоѓаат изворите на Мраморечка и Беличка Река.

Геолошкиот состав е претставен со палеозојски кристалести шкрилци преку кои лежат тријаски варовнички конгломерати и гранит преку кои лежат карбонатни карпи. Планинските страни се под шума, а високите делови под планински пасишта. Планината изобилува со букова шума во високите и средните делови, како и дабова во пониските делови. Богатите шуми се користат за сеча на дрво за огрев, градежништво, мебел и производство на ќумур.

Врвот Лиска

Врвот Лиска е највисок врв на Илинска Планина со 1.909 m. Од самиот врв се добива глетка на целиот западен ден на Република Македонија, вклучувајќи ги и двете најголеми македонски природни езера, Охридско и Преспанско Езеро. Исто така, може да се видат и врвот Пелистер, целата област Железник (Демир Хисар), градот Кичево, планините Бистра, Стогово, Крчин, Дешат и Кораб и целата област на котлината Дебарца со планините Караорман и Јабланица.

За врвот Лиска на интернет може да се најде како може да се стигне до самиот врв, односно која патека е најдобра за планинарење. Постои веб – сајт (www.wikiloc.com) на кој се прикачуваат патеки од најразлични врвови и планини од целиот свет со најразлични податоци.

Во зависност од избраната патека може да се добијаат податоци за должина на патеката, надморска височина на одредена точка од самата патека или на самиот врв, географски координати, времетраење на планинарењето и слично.

Плакенска Планина

Плакенска Планина е средно висока планина во југозападниот дел на Република Македонија. Таа има динарски правец на протегање, односно, северозапад – југоисток. Највисок врв е Плаке (1.999 m), по којшто е наречена „Плакенска Планина“. Други повисоки врвови се врвот Коњарник, Сталев Камен, Дамов Гроб, Црн Врв и Вршнико.

Во источното подножје на планината се наоѓа селото Прострање, поради што таа се нарекува и „Пространска Планина“. Планината се протега помеѓу долината на Боишка Река и Демир Хисар на исток и котлината Дебарца на запад. Кон југ билото на Плакенска Планина продолжува во Бигла. Геолошкиот состав е претставен со кристалести шкрилци преку кои лежат тријаски варовници. Кон запад течат Голема и Коселска Река, а кон исток Пространска, Вировска Река. Планинските страни се под шума, а високите делови под планински пасишта.

Масивот Илинска – Плакенска Планина не е значаен само како коридор за дивите животни, туку и организмите и екосистемите што се развиваат на него сами за себе имаат големо значење на биолошката разновидност во Република Македонија. Шумските екосистеми се распоредени зонално од подножјето кон највисоките врвови. Најниската зона е преставена со термофилни дабови шуми (Плоскач и Цер), над која се изменуваат зоната на подгорска букова шума, зоната на горска букова шума и зона на восокопланински пасишта на силикатна подлога (Плакенска Планина) и варовничка подлога (Илинска Планина). Покрај тоа застапени се азонални типови екосистеми како што се: врбов и евлов  појас, варовнички камењари и карпи, но и во помал обем точила.

Иако Плакенска Планина се одликува со поголема надморска височина од Илинска Планина, поради својата силикатна подлога, има многу позарамнето било по целата своја должина, а падините се доста благи.

Од друга страна варовничкото планинско било на Илинска Планина се одликува со заостарени врвови и стрмни падини, особено во северо- источниот дел. Таа е покаменеста, поеродирана, при што има честа појава на голи карпи. Во геолошкиот состав на Илинскиот блок претежно доминираат стари формации, а тоа се девонските филитични шкрилци на Илинска Планина, мермери, тријански кангломерати и јурски гранати на Плакенска Планина. Како резултат на ваквиот геолпшкиот состав на оваа планина доминира релјеф настанат под дејство на речната ерозија, а на одделни простори се среќава и карсниот релјеф, претставен со шкрапи и вртачи.

Исто така, во јануари, 2017 година, била организирана офроуд тура на Плакенска Планина на која имало осумдесетина учесници. Овој настан бил организиран од страна на клубот „Off Road Ohrid Macedonia“.

Во Република Македонија сѐ повеќе расте заинтересираноста за планирење, со што расте и бројот на планинарски друштва. Исто така, организирањето на различни планинарски тури, офроуд тури и слично придонесуваат за зголемување на интересот, како и промоција на потенцијалниот планински туризам.

Извори:


Изработка:
Драгана Ефтимова

Оваа статија е прочитана 870 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags:

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger