Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Вселена, Географски вести » Според најновите истражувања на НАСА, Месечината некогаш имала атмосфера

Според најновите истражувања на НАСА, Месечината некогаш имала атмосфера

29.10.2017

Ново истражување на НАСА, извршено од страна на научниците Debra Needham и David Kring покажува дека пред 3 до 4 милијарди години околу Месечината била создадена атмосфера, кога интензивни вулкански ерупции исфрлале гасови на површината. На Месечината, може да се забележи како темни површини од вулкански базалтен камен пополнуваат големи кратерски долини. Овие базалтни „мориња“ еруптирале кога Месечината била сè уште жешка и создавала изблици од магма кои понекогаш ја пробивале нејзината повшина и течеле стотици километри. Анализи од примероци, земени од мисиите Аполо, покажуваат дека оваа магма носела гасовити елементи, како јаглерод диоксид, состојките за вода, сулфур и други испарливи видови на материја.

Во новите испитувања, научниците ја пресметале количината на гас која се издигнала од еруптираната лава додека таа течела на површината и покажале дека тие гасови се собрале околу Месечината за да формираат минлива, но постоечка атмосфера. Оваа атмосфера била најдебела за време на најсилната вулканска активност, пред околу 3,5 милијарди години, и откако била создадена би опстојала околу 70 милиони години пред да биде изгубена во Вселената.

Двата најголеми пулсови од гас биле произведени кога мориња од лава ги полнеле долините Серенитатис и Имбриум пред околу 3,8 и 3,5 милијарди години, соодветно. Рабовите на овие мориња од лава биле истражени од астронаути од мисиите Аполо 15 и 17, кои собрале примероци кои не само што ја одредиле староста на ерупциите, туку и содржеле примероци од гасовите кои биле произведени од ерупции на Месечината.

Анализата на научниците го определува изворот на испарливите материи кои можеби биле заробени од атмосферата во ладните региони во вечна сенка блиску до половите, и со тоа би можел да претставува извор на мраз погоден за одржлива програма за истражување на Месечината. Испарливи материи наталожени како мраз би можеле да снабдат воздух и гориво за астронаутите кои спроведуваат мисии на површината, а можеби и подалеку од Месечината.

Во последните десетина години, потрагата по испарливи материи во и на Месечината се зголемила. Постои можност дека овие материи содржат траги во врска со материјалот кој се споил за да ги создаде Земјата и Месечината, a со тоа и потеклото на нашата планета.

На 15ти ноември, 2017 година, се очекува да биде објавен истражувачкиот труд на научниците од НАСА, а истиот ќе биде достапен во изданието на Earth and Planetary Science Letters.

Извори:


И
зработи: Илија Ристески

Корекција: Билјана Бабаноска

Објавено од:

Од категорија: Вселена, Географски вести

Leave a Reply

*