Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Утре започнува зимското сметање на времето

Утре започнува зимското сметање на времето

28.10.2017

Утре (недела, 29 октомври) во 3 часот наутро, завршува летното и започнува зимското (вистинско, реално) сметање на времето. Тогаш стрелките на часовниците ќе треба да се вратат за еден час наназад, односно да покажуваат 2 часот, додека модерните електронски уреди тоа ќе го направат автоматски. Зимското време ќе трае се до 31 март 2018 година, кога повторно ќе се премине на летно сметање на времето. Овие датуми на поместување се „унифицирани“ од 2002 година, кога европските држави се договорија летното време да стартува од последната недела на март, а зимското од последната недела во октомври.
Самиот концепт на летно и зимско време се појавил во почетокот на минатиот век, со цел најрационално користење на дневната светлина. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. Македонија го воведе летното време многу подоцна (како дел од поранешна Југославија), односно во 1983 година.

Поради враќање еден час наназад, во зимските месеци, деновите во Македонија завршуваат доста рано, односно главно се стемнува помеѓу 16.30 и 17.30 часот. Од друга страна, во истиот период Сонцето изгрева помеѓу 5.45 и 6.45 часот наутро или дневната светлина трае околу 9-10 часа. Во летниот период, согласно летното сметање на времето, Сонцето изгрева околу 5-6 часот наутро, а се стемнува помеѓу 20 и 21 часот, односно дневната светлина трае околу 14-15 часа. Поради наведените часовни аномалии, во јавноста се поставува дилемата дали сме во вистинската часовна зона, односно дали треба да преминеме во источната временска зона (GMT+2). Од сите наши досегашни анализи, произлегува дека нема географско-астрономска оправданост Македонија да ја менува часовната зона кон источноевропско време, задржувајќи го летното сметање на времето. Наместо тоа, многу подобро е да се размислува за целогодишно користење на летното сметање на времето (идентично на стабилна-целогодишна промена на часовната зона за +1). Имено, се повеќе држави во Светот увидуваат дека промената на сметањето на времето, во овој 21 век ги губи очекуваните ефекти, а често има бројни контраефекти. Воедно, разни истражувања покажуваат дека токму во зимските месеци, на луѓето им е потребно повеќе дневна светлина во попладневните часови. Заради наведеното, се зголемува бројот на држави што користат само летно сметање на времето, преку цела година (Аргентина, Чиле, Исланд, Белорусија, Узбекистан, Турција и др.), или сериозно размислуваат да го воведат овој принцип.

Доколку во Македонија се воведе перманентно летно сметање на времето, во зимските месеци Сонцето ќе изгрева најдоцна до 7.30-7.45 часот наутро, но ќе заоѓа најрано во 17.30-17.45 часот, односно еден час подоцна од „зимското“ време. Тоа значи еден час повеќе дневна светлина во попладневниот период, односно дополнителна можност за довршување на некои обврски и активности за кои е потребна светлина (вработени и ученици во попладневните смени, семејни активности, попладневна рекреација и др. Исто така, ќе се избегне потребата од промена на сметање на времето два пати во годината, нешто од што веќе се откажаа 30-тина држави во Светот. Вакво сметање на времето одговара за подрачјето на Република Македонија со оглед на нејзината крајно источна положба во средноевропската часовна зона (помеѓу 20.30 и 23.30 степени источно од Гринич), со мал дел во источноевропската часовна зона. Со оглед на положбата, во зимските месеци и по „зимско време“, во Македонија навистина „прерано“ се стемнува (за разлика од земјите во истата зона кои лежат по на запад). Доколку пак се премине на источноевропско време, заедно со летно сметање на времето, во летните месеци ќе се стемнува премногу доцна, односно дури во 22 часот, што повторно е несоодветно за човечкиот биоритам. Токму затоа, треба да се размислува за перманентно летно време, низ една поширока стручно-институционална дебата, каде реално ќе се согледаат сите предности и евентуални недостатоци на ваквиот концепт.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1686 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger